Достапни линкови

За опозицијата изедначувањето не е можно, а за СДСМ законот е затворено прашање


Група пратеници од Демократската партија на Албанците, до Собранието поднесоа предлог за изменување на Законот за остварување на правата на припадницте на македонските безбедносни сили, во кој бараат негово проширување, односно привилегиите предвидени за овие лица, да се однесуваат и за останатите учесници во воената криза во земјава од 2001 година:

„Тие се граѓани коишто трпеле од тој конфликт, ако сакаме сега да ги третираме феномените од конфликтот исто, тогаш мислам дека треба да се однесува на сите жртви од тој конфликт и така мислам дека полесно ќе може да се разбереме и да ја изградиме довербата меѓу себе. И на тој начин треба да се поршири законот, не само на безбедносните сили, туку и на сите граѓани инволвирани во тој конфликт,“

вели Замир Дика од ДПА, еден од предлагачите на Законот.

Барањето на ДПА, парламентарците од опозицијата го толкуваат како „чин на иритација, бидејки со Законот се става знак на равенство помегу припадниците на македонските безбедносни сили, и учесниците во поранешната ОНА“ што за нив е неприфатливо:

„Сметаме дека не може да се стави еднаквост меѓу она што беа безбедносните сили и она што е терористичка организација. Не може да се стави еднаквост дека тие биле борци во некаква востаничка улога за да се борат за одредени права. Ако на тоа ставиме равенство, ако поддржиме еден таков закон, тогаш мора да знаеме дека во Република Македонија најверојатно ќе се случуваат уште многу такви кои ќе тргнат по тој пример, значи дефинитивно ВМРО-ДПМНЕ не го поддржува тој закон,“

Потенцира Жарко Караџовски од ВМРО ДПМНЕ.

За владеачкото мнозинство пак:

„Ставот е дека тоа прашање е затворено и е веќе регулирано со закон и не гледаме причина или основа повторно да се отвора тоа прашање,“

изјавува Борис Кондарко од Социјалдемократскиот сојуз.

Инаку со Законот чиј предлагач е Министерството за внатрешни работи, за припадниците на македонските безбедносни сили и нивните семејства се предвидени одредени привилегии: како правото на вработување и одредени здравствени и социјални права.
XS
SM
MD
LG