Достапни линкови

Според експертите, постигнат напредок и со тоа што се зборува за проблемот


Корупцијата и потребата од нејзиното сузбивање како тема продолжува да биде една од пораките што Македонија со нејзините евро-атлантски амбиции постојано ги добива. За неа, Роланд Блес портпаролот на координаторот на Пактот за стабилност Ерхард Бусек кој денеска доаѓа во посета на државава и ќе се сретне со досегашната претседателка на анти-корупциската комисија Слаѓана Тасева вели:

„Правилата за борба против корупцијата не се непознати. Земјите од регионот не треба да ги измислуваат и тие се истите правила што државите, што сега се кандидати за членство во ЕУ веќе ги применија. Но, не треба да се заборави, корупцијата меѓу другото е прашање на имиџот на земјата, а имиџот е нешто што ги одбива или ги привлекува инвеститорите.“

Во пресрет на годинашниов извештај за сработеното на анти-корупцисјата комисија, на прашањето има ли некакви поместувања на подобро во однос на борбата против корупцијата, одговорот е апсолутно потврден смета претседателот на Транспарентност Македонија, Зоран Јачев:

„Пред три – четири години, ако споредиме, не се ни разговараше за борбата против корупцијата, а денеска сме во ситуација, кога гледаме дека и политичарите поднесуваат и оставки заради судир на интереси или било какви наводи коишто упатуваат дека можеби биле корумпирани.“

Аргумент повеќе, додава Јачев е што темата на анти-корупцијата е и тоа како присутна во јавноста, за што своја улога има и анти-корупциската комисија, но и невладините организации, кои токму борбата против корупцијата ја имаат како своја тема:

„Многу е важно што се враќа свеста кај луѓето дека постои надеж дека нешто што е надвор од политиката, говорам и за комисијата и за Транспарентност, и сите други невладини фактори коишто работат на корупцијата, дека може да се влијае врз политичкиот свет во државата на позитивен начин.“

Овој процес е започнат и од тој пат нема враќање, вели Јачев:

„Веќе е невозможно да го смените начинот на размислување на луѓето коишто веќе се ослободија од стегите на тоа дека политичарите се богови во една држава и дека се буквално недопирливи. Се покажа дека кога има јавен притисок врз нив, тие реагираат и тоа како, мислам дека тоа нема да се врати веќе назад.“
XS
SM
MD
LG