Достапни линкови

Домашното производство незаштитено


Неподготвеното влегување на Македонија во членство на земјите од Светската трговска организација во изминатиот осумесечен период не ги даде посакуваните резултати. Прифаќањето на условите за влез во големото трговско семејство поставени од економските велесили, а со единствена цел да се влезе во ова друштво, без притоа да се издејствуваат заштитни мерки за домашното производство резултира со негативни ефекти по македонската економија.

„Гледаме само негативности коишто се однесуваат на претеран увоз на разни земјоделски култури што го имаме во нашава држава, а нашите производи стојат неоткупени и скапуваат по нивите“

е ставот на Вељо Тантаров претседател на здужението на земјоделците. Доколку Македонија продожли со политиката на несубвенционирање на домашното производство нема шанси да се надева на посериозен пласман на своите производи на странските пазари.

„Развиените земји трошат 300 милијарди долари годишно за поддршка на земјоделството. Како вие можете да конкурирате на тие пазари, кога не го поддржувате вашето земјоделство“

вели професорот Борис Анакиев експерт по арго економија. Со влегувањето во светската трговска организација државата ги укина субвенциите за производство и извоз на јагнешкото месо со што во идниот период можеме да очекуваме преполовување на и така намалениот сточен фонд.

„Треба да се добиваат стимулации од државата за извозот на јагнето. Со влегувањето во Светската трговска организација, стимулативните средства за извоз на јагнето се укинати“

и коментарот на Ристо Михајлов одгледувач и извозник на јагнешко месо. И според Савка Димитрова првиот човек на компанијата „Европа“, влегувањето во светската трговска организација не ги даде посакуваните ефекти, извозот е подобрен, но на домашниот пазар се бележат послаби резултати:

„Ние сме повеќе од 50 насто извозно ориентирани. Имаме подобрување во делот на извозот, а од друга страна конкуренцијата на пазарот тука нормално се зголемува и ефектите се негативни на домашниот пазар“

Сега засега како единствена сигурна придобивка од членството во СТО се истакнува стабилноста на пазарот и цените.

„Кај нас конкретно се работи за шеќерот. Да речеме сега се добија некои стабилни услови на набавка на шеќерот и знаеме дека тие подолготочно нема да се менуваат“

Но не е проблемот само во незаштитеното и несубвенционирано македонско производство:

„Со Светската трговска организација воопшто немаме проблеми во извозот. Не само што сме земја која нуди минорни серии на светскиот пазар, туку моментално и немаме квалитетно производство кое би можело да претставува проблем за извоз“

Е ставот на професорот Анакиев.
XS
SM
MD
LG