Достапни линкови

Расте криминалот во Македонија


Во последните неколку години расте бројот на распишани мегународни потерници, ова говори за зголемување на криминалот во земјава, смета Мирјана Роп Костовска началник на сектор Интерпол при Министерството за внатрешни работи која за илустрација посочува оти во 2000 година биле распишани три потерници, а во првите шест месеци од оваа година се распишани 16. Тоа се должи на повеќе работи

„Првенствено е поврзаноста на овие лица со криминални групи од други земји, нивното заедничко делување – кај нив знаете дека не постојат бариери од политички, етнички карактер, ниту пак постојат јазични бариери – тие се мошне добро поврзани и исто така мобилни. Особено би потенцирала дека и тенденцијата на растот на криминалот влијае кон зголемување на бројот на меѓународните потерници и особено се работи за кривични дела кои се од потежок вид, како разбојништва, убиства, недозволена трговија со оружје, недозволена трговија со дрога, силување и сл.“

Костовска посочува дека во овој контекст особено е важна соработката со земјите од регионот

„Би упатила веднаш благодарност до соседните земји кои сесрдно ни помагаат во пронаоѓањето на лицата кои се гонат, особено Бугарија, Црна Гора, Србија, со кои веќе имаме потпишано договори за размена на информации и за предавање на лица“

Во делот на потерниците се јавуваат проблеми при испорачувањето на веке пронајдените лица. Во Македонија може да се издвојат случаите на актуелниот пратеник Фазли Велиу, Сами Хебиби и други. Двајцата беа обвинитети за напад на полициските станици во Осломеј Кичевско и во Тарце Тетовско. И за Велиу и Хебиби тогашните министри за правда не ги потпишуваа барањата за екстрадиција. За проблемите кои се јавуваат во овој дел Костовска вели

„По распишувањето на меѓународна потерница, во случај некое лице да биде лишено од слобода во странство, министерот за правда донесува барање за екстрадиција на тоа лице. Ние како Интерпол сме обврзани со определени стандарди и почитување на некои правни норми, особено на потпишаните конвенции или пак билатерални договори за екстрадиција. Во случај на распишување на меѓународна потерница, ние сме обврзани да дадеме јасна изјава дека екстрадицијата ќе биде побарана. Се надевам дека – а во последно време тоа и се покажува во практиката – тие проблеми се веќе надминати“
XS
SM
MD
LG