Достапни линкови

Македонија и натаму на врвот од земјите во транзиција


Македонија се наоѓа на врвот од земјите во транзиција според бројот на лицата кои се работно способни, но не се вработени. Со стапка од 38% невработеност веќе една денција сите македонски влади досега ги губат битките со оваа опака болест за која економските ексерти ќе речат дека е резултат на транзицијата низ која поминуваше земјата.

„Имаме дебаланс помеѓу понудата и побарувачката на работна сила и за најголемиот број кои вистински бараат работа и се пријавуваат како невработени во нашата служба, имаат големи проблеми да дојдат до побрзо вработување“

е ставот на Миле Стојменовиќ директор на заводот за вработување. Последната бројка говори дека во Македонија се регистрирани 383 илијади невработени лица или само за периодот од изминативе шест месеци бројот на ново пријавени невработени лица е зголемен за 6000.

„Само побрзиот развој на економијата може да го разреши проблемот на невработеноста“

Во меѓувреме невработените редовно се пријавуваат во заводот за вработување и тоа како што велат не за да добијат работа бидејќи оттаму досега и никој не ги повикал, туку на крајот на месецот да им бидат доставени сините картони за здраствено осигурување.

„Еве, четири години сум невработен. Земам по 2.200 денари“
„Има дваесет години како што се пријавувам овде и ништо“
„Добиваме само сини картони и ништо друго“
„Од 1983 година се пријавувам во бирото. Земам 2.800 денари“
„Само се пријавуваме и бегаме дома“


во заводот за вработување искра надеж гледаат во бранковиот закон, бидејќи како што велат во ваква консталација на економски односи единствено овој закон нуди некакво решение за намалувањето на невработеноста. Досега, според ова законско решение се вработени 1350 лица.

„Нуди можност побрзо до вработување да дојдат најзагрозените невработени лица“

За разлика од првите луѓе на заводот за вработување, невработените кои секојдневно доаѓат да ја посетат оваа институција не веруваат во ниту еден закон. Велат, ако не исти, вакви или слични законски решенија се нудеа и порано но досега ништо не е сторено. Безнадежност, апатија и неверување во иднината е коментарот на исказите што ги даваат луѓето кои наместо на своите работни места чекаат ред пред вратите на заводот за вработување.

„Барам работа, ама нема“
„Тешко. Ќе чекаме“
„Општ работник сум и работам што ќе најдам од ден на ден. За утре не мислам“


Од вкупниот број на невработени лица во Макеоднија 53% отпаѓа на неквалификувана или полуквалификувана работна сила или пак 36% од невработените се помлади од 30 години.
XS
SM
MD
LG