Достапни линкови

Зголемени мерки на безбедност во Македонија


Македонските безбедносни структури преземаат зголемени мерки на будност поради извесниот напад врз Ирак.

„АРМ редовно ја следи состојбата во врска со развојот на настаните во Ирак и ирачката криза. Во согласност со нејзините овластувања и задачи, спроведува само мерки на зголемена будност. Во овој момент не се преземени мерки на зголемување на борбената готовност, бидејќи засега – тоа е проценка на Генералштабот на АРМ – нема директни закани врз безбедноста на Република Македонија“.

изјави портпаролот на Генералштабот на армијата Зоран Секуловски. Според Генералштабот тоа значи дека поради тоа не се планира распоредување на армиски единици на нови позиции, како и мобилизирање на резервниот состав.

Во МВР велат дека се преземаат поинтензивни оперативни мерки за обезбедување на државните институции и на носителите на функции поради последните случаи во соседството - убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ и претседателот на Мултигруп кој беше убиен во Бугарија. Во контекст на евентуалниот воен напад врз Ирак во министерството за внатрешни работи велат дека при правење на проценката за безбедносната состојба во земјава и за преземање на конкретни планови ке се консултира и Советот за безбедност:

„Доколку се дојде до сознание дека треба да се преземат или да се активираат одредени мерки, активности или планови за вонредни состојби, тоа Република Македонија и МВР ќе го направи. Меѓутоа, сега, во моментов такви мерки не се преземаат а доколку биде потребно, тоа спаѓа во надлежност на Советот за безбедност.“

изјави портпаролот на МВР, Мирјана Контевска.
XS
SM
MD
LG