Достапни линкови

Двајца ученици Македонци, нападнати од соученици Албанци


Триесетина ученици од петто до осмо одделение од Желче и од Ратае денеска за прв пат годинава седнаа во училишните клупи во ОУ во Шемшево.

„Јас сум многу среќен и сакам да учиме овде и ние децата да се дружиме и да играме заедно. Сакам да останеме овде до крајот на годината во ова училиште во Шемшево.“

Радоста сепак траеше само до големиот одмор кога двајца ученици беа удрени од нивни врсници од албанска националност. И покрај тоа што поголем број од родителите од Желче биле во кругот на училиштето. Ученицицте биле удрени во моментот кога се одвоиле од групата и тргнале во тоалетот што се наоѓа во училишниот двор. Ударот на едното му оставил модринки на лицето. За инцидентот беа информирани мониторинг мисијата на ОБСЕ и ЕУ.

Во училиштето попладнево присуствуваа и припадници на Министерството за образование кои за најновите случувања разговараа со родителите на македонските ученици од Желче, пред се за тоа како да се надминат проблемите, односно во иднина да не се дозволуваат вакви инциденти.

Во училиштето во Шемшево денеска на работа дојдоа наставниците според распоредот на часови, а според директорот деновиве ќе дојдат и другите наставници.

Од друга страна, поголем дел од учениците Македонци од останатите три села во овој регион решија и понатаму да не се враќаат на настава во Шемшево се додека не се испочитува компромисот што го договориле со премиерот Бранко Црвенковски, односно за дислоцирање на бистата на Јумни Јонузи надвор од училишниот двор.
XS
SM
MD
LG