Достапни линкови

Врските со Хусеин причина за „мекиот“ став на Ширак


Францускиот претседател Жак Ширак на меѓународната сцена е личност чии погледи на Ирак се од клучно значење. Американската агенција за стратешки истражувања Стратфор, во својот извештај наведува дека причина за „мекиот“ став на Ширак за ситуацијата во Ирак, се долгогодишните врски на францускиот претседател со Садам Хусеин.

Личните односи меѓу францускиот и ирачкиот претседател датираат уште од 1974 година, кога сеуште како премиер Жак Ширак отпатува за Багдад на средба со, тогаш во улога на потпретседател на земјата, Садам Хусеин. Таа година се склучија најважните договори меѓу двете земји.

На следната посета овој пат во Париз, една година подоцна, Садам Хусеин лично од Ширак, беше однесен на разгледување на француските атомски електрани. Франција тогаш му продаде на Ирак, два нуклеарни реактори кои се доволни за да се направат три до четири атомски бомби. Истата година Ирак од Франција набави и 60-тина борбени авиони, ракети од типот „земја-воздух“ како и најсовремена електроника. Многумина сметаат дека таа посета е „темелот“ на денешните ирачки нуклеарни можности. Франција за возврат доби нафта во вредност од 70 милиони долари.

Ширак иако претходно не криеше и многупати истакнуваше дека е личен пријател на Садам во текот на претседателската кампања одлучи таа слика да ја смени.

Но, наведува Стратфор француско-ирачките врски не се тајна, иако на светот не му се многу познати.
XS
SM
MD
LG