Достапни линкови

Дали војната е неизбежна?


Дали распоредувањето американски сили значи дека војната против Ирак е неизбежна? Постои ли точка од која нема враќање?

И покрај тоа што Соединетите Држави испраќаат десетици илјади војници во регионот на Заливот, претседателот Џорџ Буш вели дека тој се уште нема донесено одлука дали да завојува со Ирак. Од друга страна во Вашингтон е растечко чувството дека војната е неминовна. Американскиот генерал Ричард Мајерс смета:

„Секако, од воена перспектива, нема точка од која нема враќање.“

Аналитичарите велат дека технички тоа е вистина, но со забелешката: Политиката би можело да креира ситуација во која лидерите веруваат дека мора да се завојува. Леон Фуерт кој му беше советник за национална безбедност на бившиот американски потпретседател Ал Гор додава дека генерал Мајерс е во право, но оти неговото тврдење е повеќе со цел да го смири американското страхување од војната.

„Тој зборува како експерт. Очигледно Мајерс се обидува да ги смири страхувањата дека сме дојдени во ситуација од која нема враќање.“

Со Фуерт се согласува и Џон Волфштал – заменик директор на Карнеџи проектот за меѓународен мир.

„Не е толку прашањето за точката на враќање. Ние можеме да ги распоредиме сите американски сили, но и да ги повлечеме. Можеби тоа е екстремно скапо, но тоа што трупите се таму, не значи и дека тие треба да одат во војна.“

Сепак и Волфштал и Фуерт сметаат дека претседателот Буш можеби поинаку гледа на ситуацијата.

„Од претседателовата точка на гледање – тоа е различна работа. Тој лесно може да го спречи нападот. Но постојат и други фактори што тој ги разгледува.“

вели Фуерт, додека Волфштал оди понатаму додавајќи дека политичкиот опстанок на Буш зависи од тоа дали тој ќе се реши на војна со Ирак.

„Ќе биде политички опасно за Бушовата администрација доколку на изборите во идната година оди со Садам Хусеин кој се уште ќе биде на власт во Ирак. Не верувам дека претседателот има донесено одлука за напад, но мислам дека е убеден оти најдобар начин да ја спречи војната е да го убеди Хусеин дека американците се подготвени да се борат.“

наведува Волштал. Според аналитичарите доколку Буш е убедлив во тоа, тогаш Хусеин би можело да се повлече од функцијата или пак да се случи елементи во неговата војска да го отстранат.
XS
SM
MD
LG