Достапни линкови

Националното собрание ја отфрли резолуцијата на ОН


Во почетокот на расправата претседателот на ирачкиот парламент Садун Хамади оцени дека резолуцијата на Советот за безбедност е увод во војна.

„Националното собрение кое го претставува народот и гo изразува правниот поредок треба да биде на првата линија на одбраната на националната независност и да ги отфрла сите обиди на агресија и закани без оглед на жртвите. Нема ништо подобро од достоинството на народот и независноста на татковината. Националното собрание, проценувајќи дека станува збор за неправедна резолуција целосно ги отфрла злото и лошите намери и ја потврдува својата поддршка за претседателот Садам Хусеин.“

изјави Хамади. Отфрлање на резолуцијата беше побарано и од шефот на комитетот за надворешни работи Салим ал Кубаиси. Сепак, според него, парламентот би требало да го следи, како што рече, мудрото ирачко раководство. Официјален Багдад мора до петок да одговори дали се согласува со резолуцијата на Советот за безбедност. Во неа е предвидено дека Ирак ќе се соочи со сериозни последици доколку не дозволи пристап на инспекторите на оружје на Обединетите Нации. Конечната одлука за резолуцијата, според експертите, останува на Советот за револуционерна команда на чие чело е Садам Хусеин. Доколку ја прифати, тогаш Багдад до седми идниот месец треба да достави комплетна листа на својата програма за развој на оружје за масовно уништување. Американскиот претседател Џорџ Буш вчера изјави дека е подготвен на целосна употреба на американските воени сили доколку Ирак одбие да се разоружа. Буш на одбележувањето на денот на американските ветерани додаде дека Соединетите Држави немаат територијални амбиции спрема Ирак.

„Соединетите Држави остануваат пријател на ирачкиот народ. Тие со години страдаа од бруталната репресија од сопствените владетели. Новиот режим ќе им донесе слобода.“

изјави претседателот Буш, кој, како што е најавено, утре во Вашингтон ќе разговара со генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан околу ирачкото прашање. Инаку, вчера британскиот премиер Тони Блер предупреди дека Британија се соочува со нов вид војна против терористите кои како што рече, е можно да употербат и оружје за масовно уништување.

„Како во сите војни, тоа че биде тест на само за нашата способност да се бориме, туку и на нашето верување во нашиот начин на живот. Целосно сум убеден дека во таа војна ќе победиме, но тоа нема да биде без болка и без извесна цена.“

Блер побара од британците да бидат претпазливи и да соработуваат со релевантните власти.
XS
SM
MD
LG