Достапни линкови

logo-print

Една од помалите грешки на Георгиевски


Се надевам дека тоа е само негово лично мислење и негов личен став или желба бидејќи јас бев кандидат за претседател на партијата ВМРО-ДПМНЕ, и колку што сум јас информиран, партијата или некое партиско тело до сега нема заседавано за да заземе таков став.

Вака, претседателот на државата Борис Трајковски денеска во Охрид го коментираше делот од говорот на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој вчера при изборот на новата влада од собраниската говорница рече дека и Трајковски учествувал во сценариото против Македонија, однесувајќи се „како полтрон на меѓународната заедница“.

„Можам со жалење да констатирам дека ова е по којзнае кој пат, лидерот на партијата ВМРО-ДПМНЕ да дава негови лични изјави и констатации за кои сметам дека не се вака и посакувани и за јавноста, а особено многу се штетни и за партијата, за ВМРО-ДПМНЕ и воопшто за нејзината иднина.“

Такви изјави во свое име Георгиевски има дадено и за други поранешни партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ кои заради таквиот негов однос ја напуштија партијата, рече претседателот Трајковски запрашан за коментар околу обраќањето на Георгиевски кој вчера се извини пред граѓаните на Република Македонија затоа што ВМРО-ДПМНЕ во 1999-тата година застана зад неговата претседателска кандидатура.

„Да се употребуваат зборови за некои филмски сценарија и со еден таков однос кон меѓународната заедница, сметам дека таквиот јазик не соодветсвува со ставот на партијата ВМРО-ДПМНЕ бидејќи јас сум еден од основачите на оваа партија и ќе ги бранам, се разбира сега сум претседател, меѓутоа таа партија со една демо-христијанска опција е со европска ориентација и е со една силна желба Македонија да биде во семејството на европските интеграции. Тоа е уште еден доказ дека изјавата на лидерот Георгиевски не соодветсвува со она што значи програмска и партиска ориентација.“

Претседателот Трајковски кој се надева дека Георгиевски ќе го промени неговото мислење за него, рече дека тој е една од помалите грешки кој Георгиевски ги направил во минатото.
XS
SM
MD
LG