Достапни линкови

Никола Поповски, претседател на парламентот. Парламентот треба да биде најдобра институција во земјата


При преземањето на должноста и при првото појавување во јавноста, практично рековте дека ќе се ангажирате за враќање на достоинството на македонскиот парламент. Како да се подигне дигнитетот на македонскиот парламент?

Јас сум убеден дека македонскиот парламент треба да биде репрезентативна институција на граѓаните, што значи да не биде под просекот туку апсолутно најдобрата институција што граѓаните ќе ја сметаат за инситуција што ги искажува нивните политички намери. Уверен сум дека можеме да го вратиме достоинството што парламентот го има изгубено. Парламентот во минатото беше практично претворен во арена на партиски дискусии, пресметки, навреди и непродуктивна работа. Мојата намера е да го доведам парламентот да се бави со своите две надлежности, законодавната функција и контролата врз владата. Деловнички тој веќе е подобрен, имам намера да воведам уште некои подобрувања во техничка смисла за да може седниците да бидат навреме закажувани, навреме да можат пратениците да се подготват за дискусија и пријават, навреме да достават амандмани и да може да се одвива во насока на дебата по точките на дневен ред. Ќе ги намалиме деловнички можностите за бескрајни реплики, што значи дека ќе остане уште да се залагаме сите заедно пратениците повеќе да се концентрираат на точките на дневен ред, отколку да се концентрираат на меѓусебните обвинувања. За тоа ќе треба поддршка од сите 120 пратеници и тоа веќе ќе го понудам на парламентот.

Кога очекувате да биде наредната седница на парламентот, односно изборот на новата влада со оглед на тоа што вие практично до овој момент партиципиравте во разговорите со идните коалициони партнери?

По моите согледувања, мислам дека некаде најдоцна до 25 октомври ќе се закаже седницата за избор на владата на Република Македонија, што значи дека очекувам до 15-ти мандатарот да ме извести дека ја составил владата и после десет дена ќе чекаме од известувањето до одржувањето на седницата затоа што деловникот така бара. Во крајна смисла очекувам на 1-ви ноември да биде најдоцна, меѓутоа 25-ти е мојот ориентир.

Тоа што со идниот премиер сте од иста партија, дали го доживувате како придобивка или хендикеп?

Мојата соработка со господинот Црвенковски е веќе 13-14 години и во најголем дел од овие години исклучително блиска соработка. Во овој момент мислам дека тоа ќе биде огромна предност, затоа што имаме исти политички цели, и двајцата произлегуваме од истата партија, од иста коалиција, имаме исти погледи за тоа што треба натаму да се прави со македонската држава. Сметам дека таа соработка може да биде исклучително плодна.

Најавивте дека ќе се однесувате еднакво спрема сите пратенички групи, спрема сите пратеници. Дали тоа значи дека вашата партиска фукција, додека сте претседател на Собранието би мирувала?

Да, јас најавив дека веднаш после изборот на владата на Република Македонија, во рок од десет дена мојата партиска фунцкија ќе ја ставам во мирување и во согласност со уставот ќе ги извршувам обврските како претседател на Собранието на Република Македонија, со што ќе придонесам да можам да се однесувам неутрално и рамноправно кон обврските кои произлегуваат од оваа функција, а и кон сите оние пратеници во собранието кои имаат еднакви права и должности.
XS
SM
MD
LG