Достапни линкови

Намалувањето на инцидентите зависи и од политичките партии


Најзначајно е полицијата за време на изборите да ги почитува законите и уставот и своите задачи да ги извршува крајно професионално и одговорно, му препорачуваат од ОБСЕ во пресрет на парламентарните избори на МВР.

Полицијата е оној државен орган кој е задолжен за одржувањето на јавниот ред и мир за време на изборите и нејзината улога ќе ја остварува во согласност со законските прописи, вели Воислав Зафировски портпарол на МВР.

„Тоа подразбира дека полицијата за време на изборите ќе биде присутна на растојание од 100 метри од избирачките места и од тоа растојание ќе го надгледува изборниот процес. Полицијата ќе може да интервенира на барање на претседателот на избирачкиот одбор. Управните служби имаат обврска да ги реализираат своите задолженија околу ажурирањето на изборните списоци со податоци за тоа кои лица наполниле 18 години, на денот на гласањето и со тоа се стекнале со гласачко право, односно за тоа кои лица и по која основа го загубиле тоа право,“ – потенцира Зафировски.

Враќањето на довербата кај локалното население и целосна интеграција на теренот е она што се очекува од новиот план на МВР. Ова се дополнителни гаранции дека полицијата ќе може успешно да ја врши својата должност во кризните региони. Но, во краен случај, вели Зафировски, намалувањето на инцидентите за време на изборите не зависи само од нас.

„Лично сметам дека во таа насока големо влијание и голем придонес очекувам да дадат и политичките партии со своето однесување, со лобирањето во својот електорат.“

Од друга страна и покрај големите очекувања на новиот план на МВР за мирна реинтеграција на теренот во кризните региони неодамна изработената анкета од страна на експертите од ОБСЕ во која се испитани 2532 лица меѓу граѓани, владини претставници и вработени во МВР покажува дека 80% од анкетираните сметаат дека недовербата е двострана и дека полицијата треба да стори многу повеќе за да ги подобри односите со граѓаните.
XS
SM
MD
LG