Достапни линкови

Фер, избалансиран и непристрасен начин на известување од изборите


Приватните радиодифузери во Македонија се подготвуваат претстојните парламентарни избори да ги покријат, на како што велат тие, фер, избалансиран и непристрасен начин. За ова се залагаат трговски електронски медиуми што својот став за однесувањето пред и за време на изборите го изразија во декларација чиј потписници се членките на здружението на приватните и трговски радиодифузни друштва.

Во декларацијата главно место зазема заложбата на електронските медиуми за демократска и рамноправна презентација на изборната кампања на политичките партии, без разлика на тоа дали се тие во или надвор од парламентот.

„Сигурно некои несогласувања, забелешки ќе има од страна на помалите политички партии, а поголемите ќе вршат притисок за добивање на ударните термини и да заземат поголем простор. Меѓутоа, се надевам дека електронските медиуми во тој поглед во оваа изборна година ќе заземат вистински став и рамноправност спрема сите,“ – вели Миле Шулевски претседател на здружението.

Приватните радија и телевизии сакаат да обезбедат саморегулирање за што декларацијата не треба да остане само чесен збор на хартија, вели Владимир Ристовски директор на информативната канцеларија на Советот на Европа во Скопје чии експерти со претставниците на радио дифузните друштва на текстот на документот работеа во Охрид. Тој вели:

„Хартијата и реалноста се разликуваат многу, меѓутоа сметам на индивидуалната совест на членовите на здружението и нивните заложби за натамошен развој на оваа држава како демократска и европска.“
XS
SM
MD
LG