Достапни линкови

Стабилизација на состојбите или слабеење на интересите?


Неодамнешната одлука на НАТО за една петина да го намали бројот на војниците на Балканот, меѓу политичарите и аналитичарите е протолкувана како уште еден доказ за стабилизацијата на состојбите во регионот. Сепак, не изостанаа ни страхувањата дека намалувањето на контингентот упатува на слабеење на интересите на Западот, посебно на Соединетите Американски Држави за Балканот.

Американските експерти укажуваат дека не станува збор за тоа оти администрацијата на претседателот Џорџ Буш да сака да се извлече од Балканскиот лавиринт, туку за редифиниција на своите надворешно политички приоритети поради војната против тероризмот. Марина Отавеј – соработник во Карнеџи Фондацијата за Радио Слободна Европа рече:

„Не станува збор толку за тоа дека Соединетите Американските Држави го губат интересот за регионот. Тие го сметаат за важен-како и досега. Мислам дека во овој момент Америка сфаќа дека има поургентни проблеми. Бидејќи Балканот сега е стабилен, Соединетите Држави веројатно сакаат да го намалат тој свој ангажман. Американската улога секогаш е многу важна, па макар тоа било и на симболично ниво. Ако Соединетите Држави создадат впечаток дека Балканот не важен за светските работи, тоа ќе предизвика лоши последици.“

Џон Холсмен од фондацијата Херитиџ предупредува дека е погрешна тезата оти Вашингтон го губи интересот на Балканот:

„Станува збор за американски национален интерес и искрено мислам дека Балканот е во третиот круг на интересирањето на Вашингтон, а и никогаш не било повеќе од тоа. Генерално говорејќи, постои европеизација на западните напори на Балканот. Државниот секретар јасно рече – заедно со европските сојузници дојдовме на Балканот и заедно ќе излеземе. Соединетите Држави нема толку бргу да го напуштат тој регион.“

На забелешката дека земјите од поранешна Југославија, посебно Босна, имаат горчливи искуства кога во почетокот на деведестите години Вашингтон им препушти на европските сојузници да ги решаваат проблемите во својот двор Мартина Отавеј вели:

„Во почетокот на деведесетите имавме воена ситуација која бараше ангажирање воени сили, а не само преговори. Сега состојбата е постабилна и мислам дека европејците се способни со своето присуство да го одржат тоа.“

Според Отавеј, на крајот на краиштата безбедноста на Балканот е задача на регионалните лидери. Намалувањето на НАТО силите, вели таа, ќе има позитивен ефект во регионот доколку лидерите во тоа нема да гледаат шанса за обновување на судирите, туку на можност за решавање на проблемите. Директорот на одделението за Балканот при Американскиот институт за мир Даниел Сервер забележува дека одлуката за намалување на силите на НАТО е донесена врз основа на воени проценки и во согласност со подобрувањето на ситуацијата.

Американците ќе останат ангажирани во некои клучни прашања. Едно од нив е Косово, посебно неговиот конечен статус: Другото е прашањето со реформите во Белград. Вашингтон ќе остане ангажиран на специфични критични проблеми. Повеќето други работи можат да ги преземат европејците.

Сервер за перспективите на регионот во однос на престојните избори во Македонија, Босна и Југославија вели:

„Секогаш е тешко да се предвиди исходот на изборите. Мислам дека долго време сме ангажирани на создавањето реформски сили во Босна. Не знам каков ќе биде балансот во Србија. Македонија е потежок случај поради етничките судири. Не знам што ќе се случи таму,“ -изјави Даниел Сервер од американскиот институт за мир.
XS
SM
MD
LG