Достапни линкови

Шинка: Не ви треба јод, радијација од Украина е малку веројатна


Давор Шинка, експерт за нуклеарна радиологија
Давор Шинка, експерт за нуклеарна радиологија

Давор Шинка е контролор и евалуатор на првата национална вежба за реакција на институциите во случај на радиолошки и нуклеарни настани. Смета дека не е оправдан стравот на граѓаните од радијација од Украина. Порачува дека граѓаните не треба да пијат јод и дека поголема опасност би имало од нуклеарките во соседните земји.

Господине Шинка, по нападите на нуклеарната централа Запорожје, има ли опасност за Македонија од евентуална радијација од Украина или од некоја друга централа во близина на земјава?

Македонија има „среќа“ што на своја територија нема нуклеарна електрана, а нема ни во најблиското соседство. Вам ви е најблиска нуклеарната електрана Козлодуј во Бугарија која е на некои 200 километри од македонската граница, односно на некои 250 километри од Скопје. Други такви електрани се „Пач“ во Унгарија и „Кршко“ во Словенија. И секако доколку дојде во некоја тешка несреќа, најлошо би било доколку се случи во некоја од нив, а потоа секако зависи и од метеоролошките услови дали тој радиоактивен облак ќе се придвижи во за вас неповолен правец, односно кон Македонија или не. Тоа не можеме да го знаеме однапред.

Директен линк

Што се однесува до Украина, тука е ситуацијата подобра, бидејќи зборуваме за електрана која е 1000 километри оддалечена од тука. Сигурно дека е подобро ако нешто се испушти 1000 километри подалеку од тука, отколку на 200 километри, оти во тој случај радиоактивниот облак многу повеќе се распрснува на својот пат кон Македонија. Освен тоа метеоролозите веднаш би ви кажале дека правците на транспорт на радиоактивен облак од Украина спрема Западен Балкан се малку веројатни. Многу поверојатно е дека облакот од Запорожје би тргнал во друг правец, отколку кон Македонија, но не е невозможно.

Но, колку во ваков случај се опасни производите што ги увезуваме од Украина?

Зависно од тоа за каква несреќа би се работело и каде, во секој случај мерките кои се однесуваат на постапување со граѓаните, како што се евентуална евакуација или употреба на таблетки јод, не би требало во никој случај да се применуваат, ако се работи за такви растојанија.

Ако се држиме на препораките на Меѓународната агенција за атомска енергија и граничните дози што тие ги посочуваат, тоа не се опции кои би требало да се разгледуваат во Македонија. Тоа што тука треба да се разгледува во случај на таква несреќа е дали треба да се воведуваат некакви мерки поврзани со некои прехранбени продукти, односно дали треба да се воведуваат некакви привремени забрани за консумација додека со детални мерења не се провери дали е се во ред или не е. Што се однесува до Украина тука е мала веројатноста дека би биле потребни такви мерки, но сепак со јасно мерење и моделирање на ваквите системи како РОДОС треба да им се покаже на граѓаните дека тие мерки навистина не се потребни.

Господине Шинка, кои се предностите на системот за симулирање на движење на радиоактивни материјали во околината и за пресметување на дозите што ги прима населението при нуклеарна несреќа?

Проектот за кој станува збор опфаќа воведување на систем РОДОС кој дава поддршка за одлучување за заштитни мерки кои треба да се преземат во случај на нуклеарна несреќа во шест земји на Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија. Овие земји до неодамна немаа таков систем , а со оглед на тоа дека постапувањето и донесувањето на мерки во случај на нуклеарна несреќа е многу сложена задача, без таков систем е многу тешко да се знае што треба да се прави и да бидете во ситуација да не зависите од друг туку да можете сами да одлучувате за сопствените мерки. Европската Унија пред неколку години увиде дека земјите од Западен Балкан немаат таков состав и одлучи финансиски да помогне таков состав да се воведе. Се работи за проект кој трае 3 години, тоа е една многу комплицирана софтверска програма која најпрво беше развиена во Германија, прво за свои потреби, а подоцна повеќето земји кога забележаа дека системот дава добри резултати го преземаа и инсталираа. Може слободно да е каже дека системот РОДОС е нешто најдобро што за таа проблематика во овој момент се нуди.

Дали и колку македонските институции се подготвени да реагираат и да пружат заштита во случај на нуклеарна катастрофа?

Може да се каже дека во овој момент вашите институции се способни самостојно да го применат системот. Тој е тука инсталиран, операторите се едуцирани и тие се денеска во можност самостојно да го применат системот. Институцијата која е носител на проектот е вашата Дирекција за радијациона сигурност. Целта на РОДОС е да даде подлога и препораки за донесување одлуки, а во зависност од поставеноста на вашиот национален состав за итни работи, тогаш онаа институција која ги носи одлуките во таква ситуација ќе ги добива податоците од РОДОС со цел квалитетно да одлучи што и како треба да се преземе во случај на некаков инцидент во ваша близина.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG