Достапни линкови

Спорт и политика - Пет „сензитивни“ натпревари на Мундијалот во Катар


Во недела, на 20 ноември, во Катар започнува најгледаниот и најпрофитабилен спортски турнир на планетата. За еден месец, Светското првенство во фудбал во 2022 година ќе го привлече вниманието на публиката и ќе доминира на ТВ екраните и секојдневните дискусии ширум светот.

На Светското првенство ќе се одиграат вкупно 64 натпревари од кои 48 во групната фаза. И додека сите ќе бидат важни, поединечните натпревари ќе додадат одреден зачин на турнирот. Некои од политички причини, други од чисто фудбалско ривалство. Радио Слободна Европа избра пет натпревари кои мора да се видат.

Катар - Еквадор - 20 ноември

Ова е воведниот натпревар на веројатно најконтроверзниот Мундијал досега, а посебно внимание ќе биде насочено кон домашната нација која за прв пат ќе се појави на Светското првенство. Катар ќе сака да ги покаже осумте блескави нови стадиони и сета најсовремена инфраструктура што ги поврзува локациите на малата држава од Персискиот залив.

Но, остануваат прашањата за цената што е платена за да се изгради сето тоа.

Претходно оваа година, „Гардијан“ објави дека 6.500 работници мигранти, главно од Јужна Азија, загинале во рок од единаесет години откако Катар ја доби организацијата на турнирот, а многу од смртните случаи се вели дека се поврзани со работа во лоши услови и екстремни горештини.

Некои активисти веруваат дека тој број е уште поголем, а Меѓународната организација на трудот на ОН објави дека земјата несоодветно ги истражувала и пријавила починатите работници и дека обдукцијата не се вршела рутински.

Сепак, Катар возврати со барање за спроведување на минимална плата од 275 долари месечно и укинување на спонзорската програма наречена „Кафала“, за која многумина тврдеа дека е основа на принудната работа.

Но, има и други грижи пред турнирот.

Во Катар хомосексуалноста се казнува до три години затвор, додека правата на жените се ограничени. Под знак прашалник беше и начинот на кој на земјата и беше доделен турнирот во 2010 година, поради бројните обвинувања за купување гласови и поткуп.

Вреди да се напомене дека 15 од 22 членови на Извршниот комитет на ФИФА, кои го избраа Катар за домаќин пред 12 години, оттогаш се соочија со кривични пријави или беа исфрлени од раководното тело на светскиот фудбал, вклучувајќи го и обесчестениот поранешен претседател на ФИФА, Сеп Блатер.

Прашањето е како различни тимови ќе реагираат на сето тоа.

Неодамна, актуелниот претседател на ФИФА, Џани Инфантино, им напиша писмо на сите земји учеснички во кое побара „да се фокусираат на фудбалот“, и додаде дека овој спорт не треба да се „вовлекува во идеолошки или политички битки“.

Отворено политички пораки не се дозволени, но тоа не ги спречи некои од тимовите да носат маици со различни пораки за човекови права за време на загревањето пред турнирот.

Данска ќе игра во дресови каде логото нема да биде јасно видливо, бидејќи нивниот добавувач на Хумел сооопшти дека „не сакале да бидат видливи за време на турнир кој чинеше илјадници животи“.

А кога Катар ќе започне во недела, тоа ќе биде против селекцијата на Еквадор за која некои веруваат дека не требало ни да се квалификува на турнирот. Така барем мислат фудбалските сојузи на Чиле и Перу, кои завршија зад Еквадор во квалификациите за Светското првенство во Јужна Америка и ги пропуштија местата во Катар.

Бајрон Кастиљо
Бајрон Кастиљо

Ова прашање, кое е актуелно повеќе од една година, го засега еквадорскиот играч Бајрон Кастиљо. Затоа што се поставува прашањето дали е државјанин на Еквадор?

Чиле и Перу тврдат дека тој всушност е роден во Колумбија во 1995 година, а не во Еквадор во 1998 година, како што е наведено во неговиот официјален документ, и дека на Еквадор треба да му се одземат поени за користење на играч за време на квалификациите, кој всушност не е државјанин.

Сагата заврши на почетокот на овој месец кога Судот за спортска арбитража донесе одлука дека тој навистина е роден во Колумбија во 1995 година, но бидејќи националноста на играчот е дефинирана со националниот закон и Еквадор го признава Кастиљо како еквадорски државјанин. Тој може да игра за нив, а Еквадор би можел да го добие своето место на Светското првенство.

Но, за користење на документ со лажни информации им беа одземени три бода кога почнаа квалификациите за следното Светско првенство.
На крајот, Еквадор не го избра Кастиљо за Светското првенство, најверојатно за да игра безбедно во правна смисла. Затоа, слободно може да се каже дека првиот натпревар на Светското првенство ќе биде надреален по многу нешта.

Бразилски тинејџери донираат сликички од Мундијалот за сиромашните врсници
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:51 0:00

Шпанија против Германија - 27 ноември

Пресметка во тешка категорија од групната фаза меѓу два фудбалски гиганти кои имаат вкупно пет победи на Светското првенство. Но, тоа е и игра на две земји кои сакаат да го дадат својот максимум за да победат повторно по неколку слаби години фудбалска игра.

Освен можеби актуелниот светски шампион Франција, има неколку земји кои го дефинирале и доминирале овој век како La Furia Roja (Црвената фурија) и Die Mannschaft (Тимот).

Првите избришаа речиси сè пред нив помеѓу 2008 и 2012 година, освојувајќи ги едноподруго Европските првенства и Светското првенство во 2010 година со нивното додавање и посед на топка во стилот на тика-така, додека Германија стави крај на доминацијата на Шпанија со нивната нагласена победа на Светското во 2014 година.

Лионел Меси
Лионел Меси

Има уште неколку играчи од тие тимови кои го освојуваат светот, но овие тимови сега бараат нов идентитет и нови начини за повторно да се прослават.
И на она што веројатно ќе биде последно Светско првенство за двајца од најголемите фудбалери на 21 век, Аргентинецот Лионел Меси и Португалецот Кристијано Роналдо, предзнакот на идните ѕвезди ќе биде целосно прикажан кога Германците и Шпанците ќе се сретнат на теренот во Катар.

Внимавајте на тинејџерските сензации Педри (19) и Гави (18) во средниот ред на Шпанија, додека Џамал Мусиала (19) и Јусуфа Мукоко (17) ќе им понудат на Германците надеж и возбуда за понатамошна промоција.

Србија против Швајцарија - 2 декември

На прв поглед, ова изгледа како прилично обичен натпревар на две пристојни, но прилично неспектакуларни европски репрезентации. Но, дали знаевте дека двете најголеми швајцарски ѕвезди, Гранит Џака (кој е капитен на швајцарската репрезентација) и Џердан Шаќири се по потекло косовски Албанци?

Нема сомнение дека овој натпревар ќе биде жежок, можеби уште повеќе ако се земе предвид дека тоа е последниот натпревар во групата, што обично значи дека е се или ништо за да се влезе во плеј-офот.

Србија против Швајцарија 2018 година
Србија против Швајцарија 2018 година

Овие две репрезентации се сретнаа на Светското првенство во Русија во 2018 година, во можеби политички најобоениот натпревар на тој турнир.
Шаќири носеше копачки на кои беше извезено знамето на Косово, а имаше извештаи за антиалбански скандирања на српски навивачи кои за време на натпреварот носеа дресови на воениот злосторник Ратко Младиќ.

Тогаш Џака и Шаќири одиграа клучни улоги, и двајцата погодија за драматична победа од 2-1. На една од фотографиите и двајцата славеа со гест на двоглав орел, односно со раце го имитираа националниот симбол на Албанците, што Србија го смета за „навредливо“.

ФИФА ги казни и двајцата со по 10.000 швајцарски франци за, како што рекоа, „неспортско однесување“. Овој „реванш“ во Катар ќе се одржи и во услови на неодамнешните тензии на северот на Косово.

Гана - Уругвај - 2 декември

Неколку часа пред средбата Србија – Швајцарија се игра уште еден лут натпревар. Но, овој е целосно поврзан со фудбалот.

За да го разбереме контекстот, треба да се вратиме на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година- првото што било одржано на африканскиот континент. Повеќето сакаа африкански тим, кој било африкански тим, да се претстави добро на турнирот.

Откако домаќините веќе беа елиминирани во групната фаза, а со истата горчлива судбина се соочија и другите африкански нации, единствената екипа од континентот што остана во баражот беше Гана.

Тимот на Гана ги совлада САД по продолженијата во осминафиналето, а потоа во четвртфиналето се соочија со Уругвај. И покрај одличните поединечни играчи, кои често се дел од европскиот клупски фудбал, ниту една африканска репрезентација не напредувала подалеку од четврт-финалето на Светското првенство, а најблиску се Камерун (1990) и Сенегал (2002).

Но, сега, во Африка, конечно дојде време за промени.

Пулсирачката игра заврши нерешено по 90 минути со резултат 1-1. При крајот на половина час дополнително време, Црните ѕвезди- како што го нарекуваат тимот на Гана, мислеа дека се на дофат на победа.

Луис Суарез
Луис Суарез

Во хаотична секвенца, играч на Гана со глава ја упати топката во навидум празната мрежа на Уругвај, а уругвајски играч Луис Суарез ја одбрани со рака. Суарез доби црвен картон, а црните ѕвезди пенал, но нивната ѕвезда напаѓачот Асамоа Гијан ја погоди гредата.

Суарез доста неспортски го прослави пеналот како да го освоил Светското првенство. И тој уште повеќе прослави откако Уругвај на крајот го доби натпреварот на пенали, тврдејќи дека го „спасил турнирот“. Многумина го нарекоа „најомразениот човек во Африка“.

Оттогаш, Суарез личи на омилениот негативец на фудбалот, комбинирајќи извонредни фудбалски моменти со луди потези- на пример, тој имаше долги суспензии за гризење противници во три одделни наврати, а исто така беше прогласен за виновен за лажирање, мамење и напад, па дури и расни провокации на ривалските играчи.

Сега, 12 години по тој натпревар, двата тима повторно се соочуваат. А кој се подготвува да игра за Уругвај? Да, Суарез, кој сега има 35 години. Патем, ниту еден африкански тим се уште не се пласирал подалеку од четврт-финалето.

Иран против САД - 29 ноември

Две нации кои не се соочија една со друга од револуцијата во 1979 година, кога беше соборен прозападниот шах, ќе се соочат на првото Светско првенство што ќе се одржи во арапскиот свет. И ова во време кога дипломатските напори за заживување на иранскиот нуклеарен договор тапкаат во место, а Западот воведува санкции поради воената поддршка на Иран за Русија за војната во Украина, при што поголемиот дел од светот е во шок поради задушувањето на протестите на девојките и жените од режимот во Техеран.

Некои велат дека спортот и политиката не се мешаат, но за оваа игра е тешко да се замисли како не би се мешале. И овде има преседан, но мораме да се вратиме на Светското првенство во 1998 година кога тие се соочија во она што тогаш се нарекуваше „мајка на сите игри“.

Натпреварот меѓу Иран и САД во 1998 година
Натпреварот меѓу Иран и САД во 1998 година

Тогаш сè беше внимателно кореографирано, наводно самиот Ајатолах им забранил на иранските играчи на традиционалното ракување пред натпреварот со американскиот тим, па наместо тоа Американците пристапија, додека Иранците им подаваа бели рози.

Сите 22 играчи потоа се фотографираа заедно. Натпреварот мина без инциденти и заврши со победа на Иран од 2-1, што беше нивна прва победа на Светското првенство.

Еден месец подоцна одиграа пријателски натпревар во Америка, а некои тврдеа дека фудбалерите постигнале повеќе за 90 минути отколку дипломатите со децении. Овој пат тензијата сепак ќе има, но во фокусот ќе биде како иранскиот тим ќе одговори на сите превирања.

Некои, вклучително и активисти за човекови права, повикаа Иран да биде исфрлен од турнирот поради она што се случува во земјата. Додека пак повик имаше и од Украинскиот фудбалски сојуз поради поддршката на Техеран за Кремљ. Малку е веројатно дека тоа ќе се случи. Но, внимавајте на знаците и кај играчите и кај гледачите.

Некои повикаа на стадионите да го пеат името на Махса Амини, 22-годишната девојка која почина во септември додека беше во полициски притвор поради носење шамија. Во знак на пркос, само неколку ирански играчи ја пееја националната химна на последниот пријателски натпревар против Никарагва пред Светското првенство минатата недела. Ова е игра каде што е тешко да се избегне политичка симболика од секаков вид.

XS
SM
MD
LG