Достапни линкови

Најсиромашни многудетните семејства


Мајка со дете питачи во Скопје. Илустрација.
Мајка со дете питачи во Скопје. Илустрација.

Околу 455 илјади граѓани живеат под прагот на сиромаштија. Најголем дел од нив се семејства со три или повеќе деца. Како последица на пандемијата со корона кризата, очекувањата се дека бројката сиромашни ќе се зголемува.

Со три малолетни деца и без социјална помош семејството на Магбуле од Гостивар едвај преживува, особено за време на корона кризата. Претходно таа заработувала по некој денар од чистење по куќи, но сега поради пандемијата ги нема ниту овие примања. Многу е тешко, крај со крај не можеме да сврземе, вели таа.

„Со три малолетни деца. Јас не земам социјално. Немам за школо и за хигиена за нив. Немам и од каде да најдам. Едното е 9 годишно, а останатите се 7 и 6 години. Примања немам ништо“, вели Магбуле.

Таа и нејзиниот сопруг не знаат каде да се обратат за помош или какви документи им се потребни за да аплицираат за некои од мерките на Владата за справување со сиромаштијата.

Ова е само еден пример, а околу 455 илјади луѓе во земјава живеат под прагот на сиромаштија, според податоците на Државниот завод за статистика. Секоја година степенот на сиромаштија е највисок кај семејствата како она на Магбуле со три или повеќе издржувани деца, а потоа кај самохраните родители.

Сиромаштијата не се намалува

Последните податоци на статистика покажуваат дека и лани, како и во 2018 и 2017 година нема подобрување во степенот на сиромаштија. Процентот во 2019 година изнесува 21,9 исто како и во 2018 година. Малку повисока е бројката пред три години кога била 22,2 отсто или околу 460 илјади луѓе живееле под прагот на сиромаштија.

Билјана Дуковска од Платформата за борба против сиромаштијата вели дека Владата најмногу енергија вложила токму во намалување на сиромаштијата кај семејствата со најмалку три деца и тоа вродило со плод.

„Што значи дека таму кај што вистински се работи и таму кај што вистински се инвестира и има вистинска политичка посветеност на државата се рефлектира. Но, трендот години наназад секогаш бил таков и сиромаштија е најмногу застапена кај многудетните семејства. Тоа се должи на ниската економска активност на тие семејства. Имаат повеќе деца, меѓутоа, помалку луѓе кои остваруваат приход преку работа. Значи ако имаат еден вработен со некоја минимална плата и ако имаат три деца, не е еднакво на семејство со двајца родители и две деца“, вели таа.

Од 50 отсто, сиромаштијата кај домаќинствата со три деца лани е намалена на 45 проценти во однос на претходната година или за 5 отсто помалку.

Корона кризата дополнителен удар

Владата на СДСМ и коалиционите партнери уште за време на првиот мандат вети дека ќе се бори против сиромаштијата. Премиерот Зоран Заев на одбележувањето на светскиот Ден на борбата против сиромаштијата на 17 октомври се пофали дека делата во изминатите години ги насочиле кон подигнување на животниот стандард и намалување на трошоците за граѓаните, а со тоа и стапката на сиромаштијата.

Како позитивен пример ги наведе, зголемувањето на минималната плата, на социјалната помош, и на опфатот на детскиот и образовен додаток. Според него, социјалната реформа го подобрила животот на околу 300.000 граѓани.

„Посветен сум на трајно извлекување од сиромаштија на што е можно поголем број семејства. Заедно со целиот владин тим работиме на тоа. Тоа го забележувате и во борбата со кризата предизвикана од корона вирусот. Нашето внимание е целосно насочено кон зачувување на работните места, и кон поддршка за социјално ранливите како што се стечајците, пензионерите и невработените“, порача премиерот Заев.

Според Дуковска, за време на пандемијата има луѓе кои што од ризик од сиромаштија преминале под прагот на сиромаштија, најчесто поради тоа што не биле информирани или не ги разбирале уредбите на Владата за помош во кризата. Таа очекува сиромаштија како резултат на корона кризата да порасне до 23 или 24 проценти.

„Факт е дека мерките рефлектираа одредно подобрување на ситуацијата, таму кај што беа насочени покажаа дека влијаат. Социјалната реформа не може да биде успешна само ако има финансиски бенефиции за граѓаните. Со тоа тие само нема да бидат гладни за да можат да побараат работа, инаку платата е таа која што треба да ги извлече од сиромаштија, а не гарантираниот минимален приход“, порачува таа.

Владата за време на пандемијата обезбеди платежни картички со износ од 6.000 денари за самохраните родители, за пензионерите со пензии до 15.000 денари и за невработените. Со мерката биле опфатени 85 илјади семејства.

Владата според Заев, го подобрила животот на граѓаните, но тоа сепак не резултирало со значително поместување на бројката на лица кои живеат под прагот на сиромаштија. Додека пак годинава поради пандемијата, како што вели Дуковска, луѓето кои живеат под прагот на сиромаштија треба да калкулираат дали да купат средства за дезинфекција или храна. Според неа, домашната платежна картичка се покажала како добра мерка, бидејќи на сиромашните лица им помогнала да обезбедат храна.

Најголем дел од сиромашните, како што наведува статистика, се невработени лица или околу 42 отсто, потоа следат другите неактивни лица, а со речиси 17 отсто листата ја заокружуваат вработените и пензионерите.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG