Достапни линкови

Растат тензиите на Косово, пукање во близина на патрола на КФОР


припадни на КФОР на Косово
припадни на КФОР на Косово

Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, соопшти дека „слушнала“ истрели во близина на една од нејзините патроли во Зубин Поток на северот на Косово. Српскиот претседател Вучиќ во неделата вечер го испрати началникот на Генералштабот на војската на границата со Косово.

Настанот бил забележан во неделата вечер, а КФОР соопшти дека немало повредени или материјална штета. Оттаму додаваат дека се работи на утврдување на фактите.

Косовската полиција претходно ги демантираше пишувањата на српските медиуми дека учествувале во размената на оган во Зубин Поток.

Вучиќ - Барикадите ќе бидат отстранети кога ќе се формира Заедницата на српски општини во Косово

„Немаше напад врз косовската полиција, ниту пак размена на оган меѓу косовската полиција или некоја група, полицијата не разменила оган против никого“, се вели во соопштението.

Српските медиуми објавија дека се слушнало пукање во Зубин Поток, а тоа се случило откако косовската полиција „сакала да отстрани една од барикадите“ во оваа општина на северот на Косово.

Што мислат косовските Срби за барикадите?
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Телевизијата Пинк објави нејасно видео за кое беше наведено дека е од социјалните мрежи и оти во 19 часот и 45 минути се пукало во Зубин Поток, односно дека биле „нападнати српски позиции“.

Министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечља на Твитер напиша дека „игрите на Вучиќ продолжуваат“.

„Најпрво рекоа дека има судири во Зубин Поток иницирани од косовската полиција. Кога сфатија дека го нападнале КФОР, сакаа да ги негираат сите напади. Барикадите мора да се отстранат. Србија мора да престане да организира нелегални, криминални структури кои имаат за цел да го дестабилизираат Косово“, наведе Свечља.

Блерим Вела, шеф на кабинетот на претседателката Вјоса Османи, на Твитер напиша дека „српските прорежимски медиуми се обидуваат да поттикнат вооружен конфликт на Косово, лажно известувајќи дека конфликти се водат во близина на Зубин Поток“.

Тој рече дека косовската полиција не учествувала во никаква размена на оган и дека „пукаат српски илегални и криминални структури“.

Во меѓувреме, српскиот претседател Александар Вучиќ во неделата вечер го испрати началникот на Генералштабот на војската на Србија Милан Мојсиловиќ во регионот Рашка на границата со Косово.

„Ситуацијата е сложена, комплексна, бара воено присуство долж административната линија и во наредниот период војската ќе биде насочена кон извршување на задачата“, изјави синоќа Мојсиловиќ за српската телевизија Пинк по состанокот во Белград со претседателот Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и останатиот воен врв на земјата.

Вучевиќ: најавата за насилно отстранување на барикадите е општа закана за Србите

Сепак, тој не кажа што се случило во Зубин Поток, откако неколку провладини медиуми во Србија објавија дека на тоа место на северот на Косово се слушнале рафали од огнено оружје.

Тој додаде дека „задачите кои и се дадени на војската на Србија се прецизни и јасни“ и дека како такви ќе бидат „целосно спроведени и реализирани“. Сепак, тој не кажа кои се тие задачи.

Претседателот на Српската листа Горан Ракиќ ги демантираше, како што рече, „наводите на приштинските медиуми“ дека Србите пукале врз припадниците на КФОР во Зубин Поток.

„Нашите информации од терен велат дека немало никаков напад врз КФОР. Србите на север ги почитуваат припадниците на КФОР кои се таму согласно резолуцијата 1244“, изјави Ракиќ за ТВ Пинк.

Тој додаде дека моменталната ситуација во Зубин Поток е „апсолутно мирна“ и дека „луѓето се решени да останат на барикадите“.

На 10 декември, групи српски граѓани на северот на Косово подигнаа барикади против апсењето на поранешниот српски полицаец Дејан Пантиќ. Тој е уапсен под сомнение дека учествувал во напад врз членови на Централната изборна комисија на северот.

Бидејќи барикадите ги блокираа патиштата што водат до граничните премини Јариње и Брњак - кои ги поврзуваат Косово и Србија - овие две точки се затворени за сообраќај.

Косовскиот премиер Албин Курти на 24 декември изјави дека по Божиќ ќе се сретне со командантот на КФОР, со цел да разјасни како да се постапи со барикадите на северот на Косово.

Министерот Свечља на 22 декември рече дека Косово ќе ги отстрани барикадите доколку КФОР не дејствува.

За да се отстранат барикадите од северот на Косово, Србите бараат „ослободување на уапсените Срби, повлекување на тајните списоци за апсење и пукање на Србите и повлекување на специјалните единици на косовската полиција“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG