Достапни линкови

Првото „фингерпринт гласање“ во Македонија во 10 чекори


Како ќе се гласа со користење на читачите на отпечаток од прст за идентификација? Која е постапката? Кога апаратот ќе каже дека може да гласате, а кога дека не можете? Ова се 10 главни работи што треба да се знаат за користење на фингерпринт читачите на гласачките места

На 17 октомври, на локалните избори, во Македонија за гласање прв пат ќе бидат употребени т.н. финерпринт апарати, односно читачи на отисок од прст за биометриска идентификација на гласачите. Уредот ги чита отпечатоците на прстите и се обидува да најде совпаѓање со отпечатоците во електронскиот Избирачки список за сите гласачи запишани на тоа гласачко место.

Државната изборна комисија (ДИК) го претстави начинот на работа на овие апарати, но останаа неодговорени и неколку битни прашања поврзани со оваа ново-воведена метода во Македонија. Сепак, со ова УВ ламбите и спрејот ќе бидат минато, а, како што велат од ДИК, минато треба да бидат и изборните нерегуларности, како на пример, едно лице да гласа повеќе пати или да гласаат фантомски гласачи.

Фингерпринт апаратите се веќе во Македонија, се распределуваат по гласачки места и се полнат со податоци од соодветните гласачки места. За потребите на 3480 избирачки одбори има 4000 терминали набавени од германската компанија „Дермалог“.
Отпечатокот од прст внесен во електронскиот избирачки список е ист со отпечатокот што го бара/зема полицијата кога вадиме лична карта.

Практична употреба

  1. Избирачот ги дезинфицира рацете, му приложува валидна лична карта или патна исправа на членот на Избирачкиот одбор и ја трга маската од лицето на неколку секунди за да го идентификуваат. По идентификацијата, гласачот го става показалецот од десната рака на означеното место на фингерпринт апаратот, или прстот до него, доколку нема десен показалец.
  2. Уредот го скенира отпечатокот од прстот и го споредува со отпечатокот на тоа лице во избирачкиот список. По споредувањето, на екранот од фингерпринт апаратот се појавува фотографија од гласачот и неговиот реден број во избирачкиот список.
  3. Доколку избирачот претходно не гласал, информациите ќе бидат прикажани со зелена боја. Ако веќе гласал тогаш системот ќе сигнализира со аларм и црвена боја. Доколку уредот не може да најде совпаѓање на отпечатоците од прсти, сигнализира со жолта боја и на гласачот ќе му биде скенирана личната карта. Доколку е се во ред, гласачот се потпишува во Избирачкиот список, му се дава гласачко ливче и оди зад параванот за да гласа.
  4. Апаратите ги паметат сите податоци кои ќе се случат на избирачкото место, како на пример, кој гласал, кој во колку часот се одјавил, колку пати имало обиди за идентификација од прст на еден гласач..., односно се она што се случувало на избирачкото место, за подоцна, доколку има потреба од тоа, да може да се провери што се случувало.

Расипан апарат и исклучоци

  1. Можноста уредите за идентификација да се расипат на денот на изборите, според ДИК, се пет отсто, но и да се случи тоа, во депоата на ДИК има резервни повеќе од 500 такви уреди. На апаратот не му е потребна интернет врска.
  2. Апаратот работи на струја, а ако снема струја, гласањето продолжува со батерии, се' додека повторно не дојде струја. Во случај ако се потрошени батериите, а се уште нема струја на гласачкото место, тогаш ќе се гласа со УВ-ламба и спреј. На граѓаните кои би гласале вака, ќе им биде земен отпечаток од прст со помош на графитно перниче, а отисокот ќе се стави на хартија во посебна графа на избирачкиот список, по што подоцна ќе се проверуваат отпечатоците во Државната изборна комисија.
  3. Овие апарати нема да се употребуваат за биометриска идентификација на лицата со ковид или во самоизолација, за болните и немоќните. Овие лица, како и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешнораселените лица ќе гласаат ден пред изборите односно в сабота на 16 октомври. За утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале, и за нив нема да се користат уредите, туку спреј и УВ-ламба.

Пари, меморија, систем, проверка...

  1. Според тендерската документација, апаратите скратено се нарекуваат УБИГ и заедно со централниот сервер, чинат 11,7 милиони евра.
  2. Апаратите работат со оперативен систем Андроид 9.0, имаат рам меморија од 2 гигабајти и ром меморија од 16 гигабајти, како и екстерна меморија УСБ или СД картичка од 16 гигабајти.
  3. Еден апарат за читање отпечатоци има голем капацитет за собирање на личните податоци на граѓаните кои треба да гласаат. Апаратите ги паметат сите податоци кои ќе се случат на избирачкото место, како на пример, кој гласал, кој во колку часот се одјавил, колку пати имало обиди за идентификација од прст на еден гласач..., и сето тоа, доколку има потреба, може да се провери.

Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, а ден претходно ќе гласаат припадниците на армијата, старите и изнемоштени лица и притворениците и затворениците. Кај лицата позитивни на ковид-19, самоизолираните и лицата во изолација гласањето ќе биде извршено со тимови составени од медицински лица. Изборите ќе се одвиваат со строги протоколи за заштита од ширење на корона вирусот.

Земање фингерпринт во Боливија
Земање фингерпринт во Боливија

Биометриската евиденција на гласачите во светот - Од висока демократија до вуду магии

Во текот на изминатата деценија, технологијата како што е Биометриската регистрација на гласачи (BVR), се разви за да одговори на сложените изборни предизвици. Институтот за демократија и изборна поддршка (ИДЕА) издвои 5 работи што треба да се знаат за системот BVR:

  1. BVR користи физички карактеристики на гласачот, како што се карактеристики на лицето или отпечатоци од прсти, за да ги идентификува. Најчесто забележани атрибути се карактеристиките на лицето и отпечатоците од прсти. Системите за препознавање на мрежницата и ирисот на окото на гласаќот се уште не се широко користени за изборни цели. Биометриската технологија исто така може да анализира и карактеристики на однесување - глас, притискање копче или ракопис.
  2. Околу 25 проценти од земјите користат биометриска идентификација на гласачите. Според Меѓународната изборна база на податоци на Институтот за демократија и изборна поддршка (ИДЕА), 35 проценти од 130 анкетирани земји ги собираат биометриските податоци како дел од нивниот процес на регистрација на гласачите. 25% од анкетираните земји користат биометриски информации за да ги идентификуваат гласачите на избирачките места.
  3. Во некои земји има или имало противење на употребата на биометриска технологија за гласачи, бидејќи собирањето биометриски информации може да повредува одредени културни верувања и практики. Во Папуа Нова Гвинеја кружат негативни гласини за тоа дали злонамерната магија е вклучена во собирањето на биометриски податоци. Слично на тоа, некои гласачи во руралните области во Нигерија веруваат дека биометриските податоци, како што е нивната фотографија, би можеле да ги изложат на „демонска манипулација“.
  4. Со оглед на сложеноста на BVR, и времето, напорот и парите потребни за одржување, многу изборни агенции имаат пречки сами да го спроведат методот на системот BVR. Тие често бараат надворешни партнери, или приватни компании, кои можат да помогнат да се спроведе новиот процес без проблеми. Таквите партнери можат да обезбедат поголем капацитет, како и експертиза, за теренските технички карактеристики на биометриската регистрација на гласачите.
  5. Кога се користи биометриска технологија на избори, изборните тела мора да разговараат за компромиси помеѓу инклузивноста од една страна и интегритетот на системот од друга страна. Оваа точка е особено релевантна во случај на верски или скептицизам базиран на верувања, каде што може да се разгледа опцијата за исклучоци за одредени категории гласачи. На крајот, подготвеноста на луѓето да учествуваат во системот и нивната посветеност кон него, зависи од нивното разбирање за неговата вредност и придобивки.
XS
SM
MD
LG