Достапни линкови

Можни одговори за неодговорените прашања за „Бехтел и Енка“ зад затворена врата


илустрација
илустрација

Сите дилеми и детали, но и одговорите на спорните прашања што се отворија во јавноста, а се поврзани до проектот за изградба на коридорите 8 и 10 ќе бидат разговарани на затворена седница на собраниска комисија. Ова е одлуката на денешната координација на парламентарното мнозинство кај претседателот на парламентот Талат Џафери. Опозицијата треба да предложи надлежно тело и датум за разгледување на договорот. Од ВМРО-ДПМНЕ пак бараат договорот да им биде претходно доставен на увид и да имаат разумен рок за да ги достават нивните забелешки.

Иако иницијативата за претставување на договорот пред пратениците е на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, оваа партија не присуствувала на денешната координација.

„Со оглед на тоа што договорот е класифициран, односно само пратениците кои се носители на безбедносен сертификат ќе имаат увид во неговата содржина, договорот ќе се разгледува на седница на Комисија која ќе биде затворена за јавноста и на неа ќе присуствуваат само пратениците кои имаат безбедносни сертификати. Ставот на присутните на координацијата е дека, со оглед на тоа што иницијативата е на опозицијата, а опозицијата не присуствува на координација, опозицијата да предложи надлежно тело за разгледување на договорот до претседателот и да определи датум кога ќе се разгледа договорот. Веднаш по отворањето на комисиската седница, пратениците ќе се изјаснат за затворање на седницата за јавноста,“ информираат од Кабинетот на собранискиот спикер.

До ова доаѓа откако пред некое време Владата дозволи документацијата и деталите од договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-да бидат презентирани во Собранието, но само пред пратениците кои поседуваат соодветен безбедносен сертификат. Договорот со конзорциумот Бехтел и Енка не е достапен за јавноста затоа што е класифициран, односно е деловна тајна по барање на изведувачот и Владата.

СДСМ: На потег е ВМРО-ДПМНЕ

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески вели дека на потег се ВМРО-ДПМНЕ.

„Нашиот став на координација е пратениците на ВМРО ДПМНЕ да одлучат каде сакаат, односно на која комисија сакаат и кога сакаат да се разгледува договорот. Се надевам дека ќе одлучат тоа да биде побрзо за да прекинат сите шпекулации за најголемиот инфраструктурен проект од национален интерес за државата“, изјави Митрески.

ВМРО-ДПМНЕ го бара договорот на увид

Пратеникот Антонио Милошоски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека денешната координација била промашување на суштината. Тој побара договорот да им биде претходно доставен на увид. Според него осум пратеници на ДУИ веќе го виделе договорот, од кои двајца, како што рече, немале безбедносни сертификати.

„Ако тие имале увид во договорот, зошто тогаш да немаат сите пратеници? Ние не бараме договорот да ни го раскажуваат, туку да ни се даде на увид и да имаме разумен рок од 10 дена за да го разгледаме и да го анализираме, а потоа на затворена седница да ги кажеме нашите забелешки и да ги обзнаниме сите клаузули кои сметаме дека се штетни за буџетот“, рече Милошоски.

Според образложенијата на Владата, договорот не може да биде достапен за јавноста, затоа што во себе содржи информации и клаузули поради кој не може да се објави, затоа што се однесуваат на технологии кои договорената страна ќе ги користи при изведбата, што за секоја фирма е деловна тајна.

Првиот вицепремиер во Владата, а од неодамна и координатор на проектот за изградба на автопатите, Артан Груби стои на ставот дека никаде во светот, каде што Бехтел и Енка склучувале договори, не биле јавно објавени.

Спорните прашања во „контроверзниот“ договор

Уште од самиот почеток овој проект го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите, Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот.

Во меѓувреме речиси и да нема ден во кој владејачката и опозициската партија не разменуваат секојдневни преписки околу спорниот договор.

Опозицијата обвинува дека овој договор е штетен за државата и дека Владата ќе плаќа пенали од 300 милиони евра, доколку во Собранието не биде донесен пакетот закони поврзани со изградба на коридорите.

Од СДСМ негираат дека државата ќе плаќа пенали. Од таму велат дека како кај секој друг договор каде инвеститорот и изведувачот имаат свои права и обврски и согласно случениот договор, изведувачот може да работи во услови каде важат постоечките законски одредби.

Една од спорните точки во договорот е времетраењето на работната недела за оние кои ќе бидат вклучени во изградбата на автопатите. Од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека Владата се согласила на огромни пенали кон американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ и ако не се обезбеди поголема работна недела, односно 60 работни часа.

Власта уверува дека предложените измени во Законот за работни односи се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес. Оттаму велат дека станува збор за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50% повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа за останатите прекувремени часови.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) претходно реагираше дека станува збор за катастрофални предлози за измени на закони по работничките права.

Според предложените измени во Собранието, покрај Законот за работни односи, експропријација и за заштита на културното наследство, ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, урбанистичко планирање, минерални суровини, законите за шумите и за градење. Опозицијата обвини дека измените се носат како што велат „шверцерски“ без широка консултација, што фрла сомнеж врз целиот проект.

Договорот „интересен“ и за Јавното обвинителство и ДКСК

Освен Владата, договорот потпишан со конзорциумот Бехтел и Енка го има и Јавното обвинителство кое отвори предмет за коридорите.

Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што се очекува донесување на јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.

И Државната комисија за спречување корупција отвори предмет за овој случај, но досега не го добила договорот што Владата го потпиша со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Членовите на оваа Комисија имаат безбедносни сертификати.

Инаку проектот за изградба на коридорите ќе чини 1,3 милијарда евра. Автопатите треба да бидат завршени за 4 години и седум месеци. Претставници на институциите брифираа дека за експропријација на земјиште се предвидени дополнителни 238 милиони евра од буџетот, кои не влегуваат во оние 1,3 милијарди евра.

Ако не се донесат измените во законите кои им се неопходни за исполнување на условот „завршен проект за 4 години и 7 месеци“ предвидени во договорот, тогаш рокот за изведба се зголемува за најмалку 6 месеци, а цената во старт ќе порасне за најмалку 53 милиони евра. По што ќе следуваат најмалку дополнителни 900 илјади евра за секој еден месец доцнење од предвидениот рок. Така барем тврдат од опозицијата, а Власта ниту ги потврди ниту ги демантира ваквите тврдења.

Коридорот 8 е долг 68 километри, со автопат со шест ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и има шест ленти.

Порталот Призма на 2 март објави дека дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор, е и фирма во која удел има македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ. Тој е под истрага на ерменското обвинителство заради вмешаност во корупциски скандал поврзан со изградба на патишта, а од таму побегнал со помош на македонски дипломати.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG