Достапни линкови

Кинески „домино ефект“ ќе донесе 40 отсто поскапи производи


Поскапувањето на бродскиот транспорт ќе и донесе поскапување на производите на македонскиот пазар, а со тоа и намалување на куповната моќ на граѓаните, вели професорот Таип Јакупи. Македонскиот пазар е полн со германски, британски и кинески производи, покажува статистика.

Од градежни материјали, паметни телефони и компјутери, облека и патики, па се до сувернири и чепкалки за заби, се дел од палетата производи кои се увезуваат во Македонија од Кина. Во наредните три месеци се очекува да поскапат за 40 проценти кинеските производи и репроматеријали кои се увезуваат во земјава, вели професорот и бизнисмен Таип Јакупи.

Јакупи е основач и менаџер на компанија која работи во областа на трговија со керамика, стакло и порцелан. Тој додава дека покачувањето на производите ќе биде силен удар врз македонскот стандард. Според него најлошото од економска криза допрва доаѓа.

„Во овие услови на пандемија не знаеме како ќе се одвива продажбата. Лани имавме опаѓање на продажбата и мислевме дека најлошото помина. Минатогодишната палета на велигденски производи кои ги нудевме, верувајте ја препакувавме и ја оставивме за годинава. Мислевме дека ќе се стабилизиравме, но за жал може да се констатира дека полека го губиме чекорот со кризата. Кризата притиска на сите страни. Неликвидноста на играчите на пазарот создава дополнителни проблеми, на крајот на денот не можете да си го затворите кругот“ вели тој.

Причината за тоа е поскапувањето за 300 отсто на бродски транспорт за производите од Кина. Дополнително во оваа цена влегува и берзанското поскапување на репроматеријалите од Кина, па со тоа пораснаа и набавните цени. Сето ова води кон заклучок дека во следните 60 до 90 дена, производите кои ќе се нудат на македонскиот пазар ќе бидат за 40 проценти поскапи, вели Јакупи.

„Информациите кои што ги добиваме деновиве од понудата на кинеските производи се за 20 до 25 проценти поскапи на берзите во Кина. Плус транспортните трошоци кога ќе се додадат, плус од први март па навака и друмскиот транспорт е оптеретен со воведувањето на брзите тестови на граница за камионџиите, неработењето на граничниот премиен Евзони во ноќните часови. Сето тоа обременува и ги качува цените и на друмските трошоци,“вели Јакупи.

Кога транспортот поскапува, трошоците за тоа во прва линија ги плаќаат добавувачите, трговците и на крајот потрошувачите. Во одредни ситуации, овој товар го преземаат трговците на големо со цел да не ги загубат своите клиенти ја намалуваат маржата за продажабата. Но, помалите фирми не можат да се сносат со сите тие трошоци. Дополнително кинеските производи со ова поскапување може да не бидат повеќе конкурентни на македонскиот пазар, па можно е бизнисмените да се свртат кон другите земји за набавка на производи и репроматеријали.

Економистите велат дека причината за овој сериозен скок во цените е недостигот на контејнери во Кина. Тоа е ланец на кој му недостига последната алка. Кина произведува и извезува стоки што се пакуваат во контејнери кои преку брод патуваат до европските земји и САД. Но, поради лошата економска состојба предизвикана од пандемијата, европските земји и САД помалку извезуваат во Кина и поради тоа контејнерите не се враќаат дома. Ако бродскиот транспорт на еден помал контејнер лани во овој период изнесувал од 2 до 4 илјади долари, сега за истата големина бизнисмените треба да платат три пати повеќе.

„ Другата страна на медалјата е можеби и тивка економска војна меѓу најголемите економии во светот, таа на исток и другата на запад“ вели Јакупи.

Прва на листата на земји со кои најмногу тргува Македонија е Германија, вкупната вредноста на увозот минатата година изнесувал 809 милиони евра што е за сто милиони помалку од 2019 година. Веднаш по неа е Британија од каде сме увезле за 200 милиони евра повеќе од претходната година, па Србија со половина милијарда евра и Кина на четвртото место.

Според податоците од Државниот завод за статистика во текот на минатата година вкупниот увоз бележи пад од 10 проценти. Тоа значи дека во 2020 година вкупната вредноста на увезената стока на македонскиот пазар е за една милијарда евра помала од претходната. Лани бил забележан пораст на траговската размена на Македонија со Кина. Таа лани била за 28 милиони евра поголема од 2019 година и изнесува 664 358 000 евра. Од овие пари поголемиот дел се наменети само за увозот на кинески производи на македонскиот пазар, односно за таа цел се одвоени 522 550 000 евра. Вредноста на македонските производи извезени во Кина изнесува 141 579 000 евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG