Достапни линкови

Кинескиот ќар од Западен Балкан: Економија, политика или и двете?


Илустрација
Илустрација

Кредитната и инвестициската стратегија на Кина, и особено т.н. развојна помош, се една од алатките за исполнување на дипломатските, геополитичките и економските интереси на Кина. Колку и како работат тие кинески „алати“ во Западен Балкан и во Македонија?

Кина во последните години е се поприсутна во регионот, финансирајќи проекти за кои најчесто западните банки и инвеститори не покажуваат интерес, и нудејќи развојна помош за регионот. Токму таа стратегија на Кина, а особено т.н. развојна помош се една од алатките за исполнување на дипломатските, геополитичките и економските интереси на Кина. Во делови од Балканот тие инвестиции прикажани во бројки звучат моќно. Сепак, аналитичари и и експертски институции како „Социетас цивилис“ и аналитичарката Ана Крстиноска, таквото кинеско присуство може да значи и задолжување и зголемени ризици при усогласување на одлуките на Македонија и останатите земји од регионот со позициите на НАТО и ЕУ кон кои се стремат, особено во моменти на спротиставени интереси.

Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина (БиХ) се земјите од регионот кои имаат искористено или користат т.н. кинески кредити за мега-инфраструктурни проекти.


Кој колку од регионот се „задолжил“ кај Кина?

Македонија како таков „кинески зафат“ го има автопатот Кичево-Охрид, долг 50 километри и вреден над една милијарда евра, заедно со автопатот Миладиновци-Штип. Освен за тој проект, Македонија во последните две децении, преку грантови, искористила и околу 30 милиони евра неповратни средства од Кина.

Албанија не зела ниту евро кредити од Кина. Евидентирани се само 10 милиони евра добиени преку грантови. Црна Гора, исто како и Македонија, „должи“ речиси една милијарда евра на кинеската ЕКСИМ банка, а БиХ има кредит од 1,3 милијарди евра.

Србија е земјата од регионот во која влегуваат најмногу кинески пари - Над 35 милиони евра се доделени како грантови и речиси осум милијарди евра преку кредити за развојни проекти.

Црна Гора, на сличен начин како Македонија, го гради автопатот Бар - Бољаре на границата со Србија. Црногорските власти веќе се загрижени како ќе го плаќаат долгот од скоро 950 милиони долари и дека ќе паднат во должничко ропство на Кина. Еден од авторите на анализата за изградбата на автопатите во Македонија, Иван Николовски, потсетува дека Црна Гора, иако е членка на НАТО, не ја потпиша американската иницијатива за „Чиста 5Г мрежа“ со која се забранува опрема од кинески компании за 5Г мрежата.


Колку Македонија ќе ја чинат кинеските кредити и кинеската помош?

Автопатите Миладиновци - Штип, кој веќе е пуштен во употреба, и Кичево - Охрид, ги гради кинеската фирма Синохидро, а Македонија ги плаќа со кредит од кинеската Ексим банка. Требаше да бидат готови во 2018 година и заедно да чинат над 870 милиони долари плус 155 милиони долари камата. Цената на двата автопати со камата сега надмина 1,2 милијарди долари. Кинеската банка даде поволен кредит, но услов за кредитот беше да нема јавен тендер, туку да се ангажира некоја од преферираните кинески компании. Во анализата „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“ на Институтот за демократија Социетас цивилис - Скопје се наведува дека кога кинеската компанија настапува на тендер нуди многу пониски цени отколку што ги понудила за изградба на автопатите, така што евтините кредити доаѓаат по многу скапа цена за изградба.

Уште една анализа ја става кинеската развојна помош меѓу алатките на Пекинг за остварување на своите цели, а тоа е анализата насловена „Помош на Кина во Западен Балкан: Поддршка на развојот, поткопување на доброто владеење“. Авторка на публикацијата е Ана Крстиноска, а публикацијата е напишана во рамките на заедничката платформа на China Observers in Central and Eastern Europe (CHOICE), кој е мултинационален конзорциум од експерти кои обезбедуваат информирана анализа за зголеменото влијание на Кина во земјите од Централна и Источна Европа.

„Кина има долга традиција на користење на помошта за развој како алатка за надворешна политика да ги постигне сопствените цели. Овие цели понекогаш се дипломатски и геополитички, како стекнување сојузници и влијание врз политиките на глобално ниво. Друг пат, пак, тие се економски, како што се обезбедување пазарни можности за сопствените банки и компании и градење инфраструктура и коридори од важност за Кина. Сите горенаведени ги карактеризираат целите што ја поттикнуваат кинеската развојна помош за Западен Балкан“, вели Ана Крстиноска, експерт за односите меѓу Кина, ЕУ и Западен Балкан, во нејзината анализа „Помош на Кина во Западен Балкан: Поддршка на развојот, поткопување на доброто владеење“.

Сепак, анализира Крстиновска, иако проектот за изградба на автопатиштата се смета од двете страни за еднo од клучните достигнувања во меѓусебната соработка и показател за интензитетот на пријателските односи, во ситуација кога отплатата на кредитот е на почеток, а јавниот долг надмина 60 отсто од БДП, „кредитот ја става Македонија во асиметрична положба“.

Крстиновска во анализата вели и дека „Кина може еднострано да го раскине договорот од политички или дипломатски причини, да побара предвремена исплата на долгот и во случај на спор надлежен орган ќе биде Кинеската меѓународна арбитражна комисија за трговија и економија. Така потенцијалниот спор може да биде пристрасен, необјективен и најверојатно неповолен за државата корисник на кредитот“.

Само економија или има и политика?

Еден од авторите на анализата за изградбата на автопатите во Македонија, Иван Николовски, за РСЕ анализираше дека пристапот на Кина не е национален, туку регионален. Според него, „Кина е голема земја која има економски интереси, но можеби тука има и политички момент“.

„Една претпоставка е дека Кина сака да биде присутна на овие пазари за по евентуалниот влез на овие држави, на овој регион во ЕУ и НАТО, и затоа Кина на пример не се противи на проширување на ЕУ или НАТО, како што тоа го имаме во случајот на Русија на пример, затоа што тоа понатаму би ѝ овозможило некаква привилегирана позиција на европските пазари и создавање на потенцијални сојузници во редовите на земјите членки. На пример кога утре на Европскиот совет би се гласало за некои прашања сензитивни за Кина, каде што ЕУ би требало да донесе заедничка одлука да речеме за Тибет или за Ујгурите или за проблемот со островите во Јужното Кинеско Море, да има држави коишто можеби би биле нејзини сојузници на таа маса и би блокирале одредени политики коишто не би оделе во прилог на Кина“, вели Николовски.


Kинески ветерници за „зелено хрватско господарство“ или за мека моќ?

Кина зема замав со инвестиции и во соседството на Западен Балкан. Меѓу најсвежите инвестиции е 230 милиони евра вредниот парк со ветерници за производство на струја, изграден во декември лани, на 125 километри од Загреб. Но, додека инвеститорот, кинеската државна компанија „Норнико“, вели дека со ова станале едни од најголемите инвеститори во т.н. хрватско зелено стопанство, дел од јавноста во Хрватска има сериозни забелешки.

Еко-активистите, како Вјеран Пиришиќ од „Еко Кварнер“, вели дека во кинескиот ветерен парк е поставен на застарена технологија која не одговара на типот на ветрови кои дуваат во тој дел на земјата, како и тоа дека „Хрватска дава ресурси и зема толку мегавати ветер, наместо тие мегавати да се дадат на хрватските граѓани за фотонапонски системи“.

Од Европската комисија, како што објави балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), немаше реакција на оваа кинеска инвестиција, а портпаролката на Комисијата, Ана Писонеро, замолена за коментар од РСЕ, се повика на рамковниот став на Брисел кога станува збор за кинеските инвестиции во Европа.

„Кинеските ентитети во принцип немаат право да учествуваат во постапките за распределба финансирани според географската рамка NDICI-Глобална Европа или IPAIII, освен ако проектот се одвива во Кина, ова исто така важи и за билатерални или регионални акции од корист на Кина или во случај да има ко-финансирање од Кина“, стои во писмениот одговор на Писонаро испратен до РСЕ.

Покрај инвестициите, кинеските компании учествуваат и во хрватската економија како изведувачи на проекти што ги добиле на јавни конкурси. Најпознат од нив е изградбата на мостот Пељешац на југот на Хрватска, преку дел од територијата на соседна Бих кај Неум.

Сепак, дел од експертите, како Грегор Себастијан, аналитичар во берлинскиот Меркатор инситут за кинески студии, велат дека експанзијата како кинеската, е предизвик не само за профит, туку и за постигнување мека моќ.

Себастијан, во разговор за РСЕ, вели дека „со други зборови, климатската агенда, како формула од висок интерес, па дури и симболично значење за европските планови за ограничување на емисиите, е 'игралиште' за натамошно подобрување на имиџот на Кина“.


Балканот на новиот Пат на свилата

Голем дел од овие кинески инвестиции и активности се дел од иницијативата на Пекинг „Појас и пат“ или како што се нарекува Новиот пат на свилата. Од таа иницијатива произлезе и една друга иницијатива - 17+1. Македонија е дел од иницијативата 17+1 за соработка меѓу Кина и 17 држави од Централна и Источна Европа. Дел од иницијативата се 12 држави од ЕУ – Грција, Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка, Полска, Унгарија, Литванија, Летонија и Естонија, како и државите од Западен Балкан – Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Иницијативата, која започна во 2012 година, одржува годишни Самити кои имаат за цел промовирање на кинеската иницијатива „Појас и пат“ за изградба на инфраструктура од Кина преку Централна Азија до Европа по копнен пат, како и преку Југоисточна Азија и Африка до Европа по морски пат.

На Балканот, иницијативата „Појас и пат“, треба да го поврзе грчкото пристаниште Пиреја, преку Македонија и Србија, со главниот град на Унгарија, Будимпешта.

XS
SM
MD
LG