Достапни линкови

„Зарем не ти е гајле што убиваат“: Како младите Руси ги спасуваат постарите од пропагандата


Илустрација - Повозрасна жена го гледа Путин на ТВ во Ставропол
Илустрација - Повозрасна жена го гледа Путин на ТВ во Ставропол

Главната работа што го одредува односот на Русите кон војната е возраста, покажува новата анкета. Има деца кои се обидуваат да ги спасат своите родители, отруени од телевизиската пропаганда која им влијае на ставовите за војната

Постарите Руси се понаклонети кон поддршка на војната што Русија ја води во Украина, покажува анкета на населението една година по почетокот на руската инвазија. Девет од десет испитаници постари од 70 години велат дека ја поддржуваат воената акција на Путин. Меѓу нивните деца, а тоа се Русите на возраст од 40 до 50 години, нивото на поддршка е значително помало.

Три четвртини од луѓето над 60 години гледаат телевизија секој ден, а поголемиот дел од руските телевизиски преноси се воена пропаганда.

Марина Аронова од регионалниот сајт на Радио Слободна Европа - Siberia.Realii раскажува три приказни за тоа како децата бараат неконвенционални начини да ги спасат своите родители отруени од телевизиската пропаганда.

Илустрација - Љубов Василивна (71) во својот дом во Авдивијка, што одбила да го напушти и покрај интензивирањето на руските напади
Илустрација - Љубов Василивна (71) во својот дом во Авдивијка, што одбила да го напушти и покрај интензивирањето на руските напади

Приказната на Евгенија: Мајка ми е „озрачена од зомби ТВ“

„Кога почна војната, јас и мојот сопруг веднаш не верувавме дека тоа е можно дури и во 21 век. Бевме во шок. Кога ја дознав веста се расплакав. Се јавив на мајка ми, ја прашав: „Слушна ли?“ Но таа не можеше да каже ништо, и таа плачеше“, вели 42-годишната Евгенија од Владивосток.

Синот на Евгенија студира во Германија и таа сфаќа дека ако се затворат границите, можеби никогаш повеќе нема да го види. Таа и нејзиниот сопруг купуваат билети за првиот можен лет - за Ташкент.

Нивните родители останале во Русија, а Евгенија и нејзиниот сопруг на крајот се населиле во Виетнам. Тие не можат да одат во Германија бидејќи немаат европски визи, но синот може да ги посети.

Евгенија одржува контакт со мајка си на Скајп: „И околу еден месец откако заминавме, одеднаш почнав да забележувам како се промени нејзиниот став“.

По безмилосното бомбардирање на украинскиот град Буча, во кој загинаа стотици цивили, Евгенија разговараше со нејзината мајка.

"Дали ни беше добро што 8 години го бомбардираа Донбас? Што мислеа: ќе ни ги убијат децата, а ние нема да одговориме со ништо?", ѝ вели Евгенија на мајка си.

Евгенија е зачудена и шокирана од „крвожедноста“ на нејзината мајка. Ја прашува зошто зборува така откако во Буча беа убиени невини луѓе - жени и деца. И добива одговор: „Воопшто не се невини, зошто го вратија нацизмот?

Евгенија се надева дека нејзината мајка ќе се вразуми, но се влошува.

„Мама одеднаш објави дека мора да го спаси внукот од Германија. Таа ѝ објасни дека 'локалните нацисти' може да му наштетат и дека Германија е таа што ја 'заразува' Украина со нацизам“, раскажува Евгенија.

„Да не ги претекневме, тие прво ќе нападнеа и сега војната немаше да биде во Украина, туку во Русија. Но, тие не пресметале: ајде да фрлиме нуклеарна бомба врз Киев - и толку“.

Евгенија сфаќа дека нејзината мајка е „зрачена“ од пропагандата што доаѓа од телевизијата што ја гледа секој ден, по цел ден. Таа решава да се погрижи нејзината мајка да нема време да гледа телевизија.

Таа ѝ се јавува на пријател кој сака здрав начин на живот и ја замолува да ја земе со себе на дневните часа прошетки. Ја запишала и на часови по цртање.

„Кога почна почесто да излегува од дома и да не гледа зомби ТВ, се чувствуваше значително подобро“, вели Евгенија.

Потоа ја поканила во Виетнам, но нејзината мајка одбила со образложение дека не знае англиски. Евгенија ја мотивира да го научи јазикот. Старицата сега има слободно време само да се занимава со домашни работи - куќичката, садниците, прошетките, часовите по цртање, часовите по англиски...

Приказната на Олга: Зарем не им е гајле што убиваат луѓе?

Таткото на 45-годишната Олга е Украинец, но од 18-годишна возраст живее во Русија, на север. По почетокот на војната, тој ѝ рекол на својата ќерка дека тие, Хохолите (навредлив прекар за Украинците - н.з.), „многу измислуваат и многу лажат на Интернет“.

„Внимавајте: тој, 100% Украинец, ги нарекува луѓето од родната земја „Хохоли“! Го прашувам, ова е твојата татковина, како можеш да кажеш такво нешто?!“

Олга веќе не разговара со татко ѝ за војната. И двајцата знаат дека „ќе се степаат“.

„Во неволја се и родителите на мојот сопруг. Тие се во пензија и гледаат телевизија по цел ден. Пред една година свекорот и свекрвата беа згрозени од она што се случува, од постапките на Русија. Подоцна, пак, велат дека сите не ги сакаат и ги навредуваат Русите“, вели Олга.

„Америка сака да не фати, да не нападневме ние, тие ќе не нападнеа“, го цитира Олга нејзиниот свекор.

Нејзиниот сопруг не е шокиран од тоа што тие веруваат во се и без размислување го повторуваат тоа што им го кажуваат на телевизија.

„Она што најмногу го шокираше е колку бесчувствително сите земаа сè. Што, зарем не им е гајле дали убиваат луѓе!?

Приказната на Павел: Со слики од роднините против „зомбификацијата“ на такото

По смртта на мајка си, 50-годишниот Павел од Краснојарск го однел својот татко да живее со семејството. Старецот цело време го поминува пред телевизор, но пред војната најмногу гледал стари филмови, а сега - само вести.

„Последното нешто што сакав да го слушам беше целата оваа глупост, па му купив безжични слушалки“, вели Павел.

Тој и неговата сопруга забележуваат дека откако го гледаат Perviy Kanal (руската национална телевизија, која покрива 98,8% од гледачите на територијата на Русија), неговиот татко станува многу раздразлив, секоја ситница го лути.

Кога се обидува да го прекори, неговиот постар татко истура купишта пропаганда против него: дека има војна против самото постоење на Русија, против „нашите вредности“, дека сака да остане човек и татко, а не „родител“ број два или пет“.

Павел гледа дека е бескорисно да се расправа, па му покажува на татко му фотографии и видеа од злосторствата на руската војска во Украина.

„Но, тој не ни погледна. Тој вели дека самите Украинци имаат вина затоа што сакаат да влезат во НАТО за да можат западните земји да се доближат до нашите граници. Тој вели дека сега Украинците ќе платат што сакаат да ја нападнат Русија. Тој вели дека ова е само почеток и наскоро трпението на Путин ќе се потроши и ќе почнеме да се бориме вистински. Не ми даде ниту збор да кажам, не слушаше никакви расправии и се налути само кога се обидов да се расправам со него. За прв пат разбрав што е зомбификација и дека зборовите овде нема да помогнат. Ако не разбудите емпатија, ништо нема да излезе“, вели Павел.

Тој печати слики од сите роднини и пријатели што ги знае неговиот татко и ги закачува на ѕид. Тој му кажува на својот татко дека во војна „во секој момент можеме да изгубиме луѓе што ги цениме“. Неколку дена подоцна дознал за смртта на седмоодделенец за време на бомбашките напади во Сергиивка. Неговиот братучед е на иста возраст. Ја тргнал сликата на братучедот од ѕидот, и кога татко му го прашал зошто го прави тоа - му рекол дека не може мирно да ја погледне сликата на Кирил, бидејќи Кирил многу личи на загинатото момче и дека постојано мисли дека може и нивниот Кирил да умре на ист начин, од бомбите.

Подоцна, една жена на иста возраст како тетката на Павел била убиена во гранатирање во Славјанск. Ја отстранува и нејзината фотографија од ѕидот. Со тек на времето отстранил и други слики.

Еден ден татко му му рекол: „Остави ги сликите, разбирам“.

Старецот почнал почесто да ги гледа омилените филмови, наместо на Првиот канал, па Павел му снимил цела колекција од нив.

XS
SM
MD
LG