Достапни линкови

Загрижува трендот на производи со сомнителен квалитет


илустрација
илустрација

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека нивните инспектори за храна постојано контролираат какви производи консумираат македонските граѓани. Оттаму додаваат дека зависно од тежината на неправилностите кои се забележани, следуваат казни за правното и одговорното лице.

Секој производ кој стигнува на рафтовите во нашите продавници треба да поседува декларација дека е безбеден за консумација. Независно од тоа дали производот е увезен или произведен дома, компанијата која го произвела мора да покаже документ со кој се докажува неговиот квалитет и безбедност.

Но, последните случаи со млеко и јогурт кои беа повлечени од пазарот поради тоа што поседувале неусогласена концентрација на афлатоксин (канцерогена супстанца) кои се потенцијален ризик за здравјето на луѓето, ја вознемирија јавноста.

Иако спорните пратки се повлечени, граѓаните се револтирани и се прашуваат како воопшто било дозволено продажбата на производ кој е штетен за здравјето на луѓето.

„Според последните вести од Агенцијата за храна гледаме дека не јадеме безбедна храна. Токсични материјали пронајдени во јогуртот, млекото, виршлите, така што човек да се запраша што и од каде купува и дали јаде здрава храна“, вели Емилија од Скопје.

„Јас со страв купувам. После толку вести дека производите се неисправни, се сомневам во се и сешто. Мислам дека се потребни построги контроли или казни. Не смее да се случи во 21 век да јадеме небезбедна храна, а притоа сакаме да бидеме членка на Европската Унија“, вели Вера од Штип.

„Јас не знам што се увезува од Македонија, од каде се увезува, дали поминува низ сите потребни контроли. Треба да се внимава на декларацијата и да се види земјата на потекло. Ама и тоа не ви е гаранција. Вие имате продукти кои се од Германија, а се праќаат за источниот пазар“, вели скопјанецот Велибор Тасиќ.

Институцијата која е надлежна за контрола и безбедност на храната е Агенцијата за храна и ветеринарство. Оваа институција врши задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини. Контроли се прават и при истовар на увезените пратки.

Од АХВ велат дека од почетокот на годинава досега, преку редовните, вонредните инспекции и мониторинг програмите за безбедност, инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата уништиле речиси 82 тони небезбедна храна од животинско и од неживотинско потекло.

„Во рамки на мониторинг програми и при сомнеж, од пратките со храна кои се увезуваат се земаат и мостри за анализа. За истите не се дозволува увоз, тие се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна по што производите може да се стават во промет. Во случај на позитивни резултати од лабораториските анализи, пратката се враќа во земјата на потекло или нештетно се уништува во присуство на инспектор. За секоја пратка за која е добиен неусогласен резултат согласно прописите, инспекциските служби вршат лабораториски анализи на десетте последователни од истиот производител“, објаснуваат од АХВ.

Внимавајте од каде купувате и читајте ја декларацијата на производите

Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) кој има акредитирани лаборатории за хемиски и бактериолошки анализи, велат дека загрижува трендот на производи со сомнителен квалитет кои се продаваат на сомнителни пазари.

Долги години доктор Љупчо Костадиновски работи во лабораторијата на ЦЈЗ и вели дека се случува во оригинални пакувања на некое млеко или друг производ да пронајдат бактерија.

„Се случува во оригиналните пакувања да најдеме некоја бактерија, на пример ешерихија коли или некоја слична бактерија. Тогаш се јавуваме во санитарна инспекција, која понатаму презема мерки. Се оди директно во фабриката каде се произведува спорниот производ за да се стопира неговото производство, но тоа се многу ретки случаи. Сепак човечкиот фактор е најважен и треба многу да се внимава на хигиената во магацините или во просториите каде се произведува продуктот или одредена храна“, вели Костадиновски.

Костадиновски советува граѓаните да внимаваат од каде купуваат храна, алудирајќи пред се на пазарите каде што, како што додава, има многу неправилности, почнувајќи од несоодветното чување на храната, па храна со поминат рок, несоодветна декларација на производите итн.

Има ли казни за небезбедните производи на нашите маси?

Појава на производи кои имаат сомнителен квалитет имало и порано. Пред неколку недели беа повлечени виршли, а претходно по нотификацијата од Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) беше повлечен и познат бренд на чоколади. Јавноста памети и случаи на замрзнат глушец во замрзнат зеленчуков микс, црви во чоколади и други производи кои стигнале на нашите маси откако сме ги купиле во продавница.

На прашањето на РСЕ за тоа дали се предвидени казни за правното или одговорно лице кое пласирало неисправен производ на пазарот, од АХВ велат:

„Доколку инспекциските служби на АХВ утврдат дека на пазарот е пласирана небезбедна храна истата нештетно се уништува. Согласно законска обврска која ја имаат и операторите за храна вршат повлекување од пазарот и уништување на небезбедни производи, за што се должни да ја информираат Агенцијата. Зависно од тежината на утврдената неусогласеност, казни се изрекуваат за правното лице и за одговорното лице во него“, ни одговорија од АХВ.

По повлекувањето на спорниот производ од пазарот, трговецот нема обврска да ги обештетува потрошувачите, посочуваат од Организацијата на потрошувачи, иако додаваат дека доколку потрошувачот сака да покрене судска постапка бидејќи претрпел некоја штета тоа може да го направи. Од ОПМ апелираат до граѓаните да внимаваат што и од каде купуваат.

„Периодот имаме поплаки во однос на тоа дека има расипани млечни производи, производи со мувла и слично, бидејќи не биле чувани соодветно. Понекогаш се жалат оти забележале туѓо тело во некој производ, но поплаките не се многу, бидејќи повеќето веќе пријавуваат директно во Агенцијата за храна и ветеринарство“, вели Мартина Грнчаровска од ОПМ.

Согласно Законот за безбедност на храната, самите оператори имаат обврска да воспостават план за вршење на лабораториски тестирања на производите во поглед на безбедноста и квалитетот, во прв ред за исполнување на микробиолошките критериуми за безбедност на производите, како и на другите општи и посебни услови за безбeдност кои треба задолжително да ги исполнуваат производите.

При сомнеж за безбедност и квалитет и самите оператори можат да пратат мостри за лабораториско испитување заради докажување дека производот е во согласност со законски дефинираните параметри за безбедност и квалитет и она што е дефинирано во декларацијата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG