Вести
Во Свети Николе регистриран прв позитивен случај на ковид-19 кај дете во градинка
Во градинка во Свети Николе е регистриран прв случај на дете позитивно на коронавирусот. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Сашо Велковски истакна дека детето не се заразило во градинката, туку надвор од неа, а по овој случај останатите деца во групата заедно со воспитувачката и негувателката се во изолација.
„Во групата се четири деца, а според епидемиолозите во градинка можат да се вратат на 1 октомври. Децата и вработените кои се во изолација немаат никакви симптоми, но пред повторно да се вратат во градинката, најверојатно ќе бидат тестирани“, вели Велковски.
Во изминатиот период од отворањето на објектите на градинката во Свети Николе регистрирани се вкупно три случаи на ковид-19 кај вработени.
Ѓорѓија Сајкоски нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на седница одржана вечерва на предлог на партискиот претседател Христијан Мицкоски, за нов генерален секретар на партијата го избра Ѓорѓија Сајкоски.
Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Сајкоски, кој е роден во Кичево, е доктор на историски науки, долгогодишен член на партијата и пратеник во сегашниот состав на Собранието.
Сајкоски бил претседател на Совет на Општина Кичево од 2009 до 2013, заменик министер за локална самоуправа и директор на ЈП „Студенчица“. Тој извршувал и повеќе партиски функции.
Над 37 илјади луѓе се откажале од босанско државјанство од 2011 година
Од 2011 година до крајот на септември годинава од државјанството на Босна и Херцеговина се откажале вкупно 37228 граѓани. Во првите девет месеци од годинава, БиХ останала без 2.198 државјани, кои отишле во странство и се откажале од босанското државјанство.
Најголем раст на откажувања имало во 2017 година, кога БиХ останале беа 4,5 илјади државјани, покажуваат податоците на Минситерството за цивилни работи, објави регионалната Телевизија Н1.
Само од 2015 до 2018 година, врз основ на Според истражувањето на германската фондација Фридрих Еберт, како најчести причини за иселување се наведуваат барањето работа, корупција и непотизам, неквалитетни јавни услуги, подобра иднина за децата, подобар квалитет на живот, страв од неизвесност...
Пациент во Хрватска почина откако примил погрешно средство на хемодијализа
Еден 62-годишен пациент во Чаковец во Хрватска почина за време на хемодијализа, зашто за време на постапката примил погрешно средство, соопшти денеска болницата во тој град. Во соопштението кое го пренесуваат тамошните медиуми се наведува дека врз пациентот, кој бил во самоизолација поради контакт со заболен од коронавирус, на 29 септември била извршена рутинска терапија на хемодијализа.
„За време на постапката интравенски е применето недозволиво средство кое инаку рутински се применува локално кај такви и слични постапки. И покрај моментално преземените мерки за максимално интензивно и реанимациско лечење, настапи мултиорганско затајување на органите и смрт на пациентот, па е индицирана обдукција“, се наведува во соопштението.
Министерот за здравство Вили Берош во Загреб изјави дека во болницата е испратена здравствена инспекција и оти постои сомнеж за стручна грешка.
Германија го поддржува почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ до крајот на годинава
Германија го поддржува почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ до крајот на годината, истакна германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на видео средбата со неговиот македонски колега Бујар Османи.
Во однос на барањата од Бугарија која поставува дополнителни услови за нашата земја за старт на преговорите, Мас рече дека преговори се водат на билатерално ниво и на ниво на ЕУ и оти е оптимист дека овие прашања во скоро време ќе бидат затворени.
„Што се однесува до јазикот, до името тоа се многу детални преговори кои што се одвиваат. Тоа се прашања кои што билатерално мора да се решат меѓу Северна Македонија и Бугарија. Тие се обидуваат да изнајдат решение и тоа го поддржуваме да биде што е можно побрзо за да може да се продолжи со пристапниот процес за Северна Македонија бидејќи таа веќе долго чека на тоа. Преспанскот договор – нешто историско, беше постигнат во Северна Македонија и затоа сум оптимист дека прашањата кои што се отворени во догледно време ќе можат да бидат решени. Меѓутоа за тоа потребни се понатамошни разговори кои ќе треба да се одржуваат како на ниво на ЕУ исто така и помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Мас.
Софија достави објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во кој бара поддршка за своите позиции. Во него се бара билатералниот договор меѓу Скопје и Софија и добрите меѓусоседски односи да бидат дел од Преговарачка рамка за зачленување на Република Северна Македонија во ЕУ и да бидат дел од поглавјето 35. Меѓу другото, во документот се наведува и дека Македонците се проект на поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот и не постоел до 2 Август 1944 година.
Кипар очекува поддршка од ЕУ во спорот со Турција
Кипар очекува од партнерите од Европска Унија да добие поддршка против Турција, изјави денеска кипарскиот министер за надворешни работи Никос Христодулидис пред Самитот на ЕУ, на кој ќе се разговара и за воведување на санкции кон Анкара поради спорот за поморските ресурси во Источен Медитеран.
„Кипар бара од ЕУ и нејзините партнери солидарност на дело. Конкретно, поддршка на нашите заеднички вредности и интереси и примената на нашите сопствени одлуки е од суштинско значење“, истакна Христодулидис по средбата со шпанската министерка за надворешни работи Аранча Санчез Лаја.
Кипар сè уште не се согласи за воведување на санкции на ЕУ кон Белорусија, бидејќи бара од Унијата да воведе поостри мерки кон Турција. Грција го поддржува ставот на Кипар.
Но, според неименувани европски дипломати малку е веројатно ЕУ да ги прифати барањата на Кипар откако Анкара се согласи да преговара со Грција.
Лаја посочи дека е потребен дијалог за решавање на прашањето, а не еднострани акции. Тензиите во Источен Медитеран ќе бидат тема на Самитот на ЕУ, што се одржува утре и в петок.
Чешка прогласи вонредна состојба поради рекордниот пораст на бројот на заразени од коронавирус
Чешката влада прогласи вонредна состојба поради рекордниот пораст на бројот на заразени со коронавирус. Министерот за здравствено Роман Примула изјави дека вонредната состојба ќе почне од понеделник и ќе трае 30 дена.
Новите рестриктивни мерки предвидуваат ограничување на јавните собири во наредните две недели, забрането е собирање на повеќе од 20 луѓе на отворено, и 10 во затворен простор. Театарските претстави и кината ќе бидат затворени. На сите спортски натпревари ќе биде забрането присуство на публика, а средните училишта во најтешко погодените региони ќе бидат затворени најмалку две недели.
Во Чешка досега има вкупно 67843 заразени од коронавирусот, од кои 43 илјади се само во септември. Од последиците од коронавирус досега починаа 636 лица.
Шпанија заплени 35 тони хашиш на море, уапси Бугари и Русин
Шпанските власти денеска соопштија дека заплениле 35 тони хашиш кој бил криумчарен со луксузни едрилици, при што биле уапсени девет бугарски и еден руски државјанин.
Министерството за финансии соопшти дека агентите нашле 30 тони хашиш во четири едрилици кои ѝ припаѓаат на шверцерската група и оти тоа е најголема заплена на хашиш на отворено море, а уште 5 тони биле најдени на други места. Биле запленети шест едрилици вредни околу 5 милиони евра.
Во истрагата соработувале и Европол, Меѓународниот центар за поморски анализи и операции и властите на Велика Британија, Холандија, Бугарија, Грција и Италија.
ВМРО-ДПМНЕ на протест в сабота „против неправда, реваншизам и политичко насилство“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за в сабота најави нов протест во Скопје, на кој, како што соопшти денеска, ќе протестираат против неправда, реваншизам и политичко насилство. Протестот ќе почне во 18:30 часот пред Министерството за правда, по што ќе продолжи пред Основното јавно обвинителство.
Според ВМРО-ДПМНЕ, „власта во недостиг на успеси и во услови на секојдневни порази на секое поле, сѐ повеќе се врти кон политички прогон и застрашување“.
„Мафијата работи по принципот, мафија се тужи, мафија те суди. Затоа гледаме стотици случаи кај што мафијата на власт удира по новинари, удира по опозицијата, удира и по народот. Кацарска е наградена со место во Уставниот суд. СЈО ги изеде народните пари, а народот не виде правда“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу останатото наведуваат и дека „оние судии и обвинители кои работат по директивата на Заев потоа се унапредуваат и наградуваат, а тоа народот го гледа и затоа довербата во правосудството е минорно“.
Новороденче заразено со коронавирус на Клиниката за гинекологија
Новороденче се заразило со коронавирус од мајката на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје. И мајката и детето се во добра здравствена состојба и се пуштени во домашна изолација.
Имаше сомневања дали се работи за прв случај на вертикална трансмисија, односно дека коронавирусот се пренел на бебето уште во утробата или при раѓањето, но директорката на ГАК Викторија Јовановска за Канал 5 изјави дека не се работи за вертикална трансмисија, туку дека имало контакт меѓу мајката и детето и вирусот е така пренесен.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете