Достапни линкови

Вести

Нови 147 случаи на коронавирус, починати 6, а оздравени 111 лица

Илустрација - Луѓе со заштитни маски на Камени мост во Скопје
Илустрација - Луѓе со заштитни маски на Камени мост во Скопје

Во последните 24 часа се направени 1296 тестирања, а регистрирани се 147 нови случаи на ковид-19. Од нив 64 се во Скопје, 16 во Тетово, 9 во Гостивар, 8 во Куманово, потоа по 7 случаи во Струга и Свети Николе, 6 во Штип, по пет во Велес и во Охрид, 4 во Битола, Кичево и Ресен, како и 3 во Прилеп и по еден заразен во Струмица, Крива Паланка, Кочани, Пробиштип, Кратово.

Починати се 6 лица, тројца пациенти од Скопје, еден од Куманово, еден пациент од Штип и еден од Берово.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 111 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 66.133 тестирања на ковид -19.

СЗО: Земјите со сериозни епидемии на коронавирус да се разбудат

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 6932, бројката на оздравени пациенти е 2987, на починати е 334, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3611.

„Бомба“ за Вице Заев, тој реагира дека се лаги од трети лица

Вице Заев
Вице Заев

На нов Јутјуб канал, насловен како „Вице мафијашот“ е објавена аудиснимка на која наводно се слуша гласот на братот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Разговорот во кои се слушаат две лица е именуван како „Вице даде зелено светло да запалам коли“. Во разговорот во кој се слушаат два гласа, се зборува за палење на коли на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ и за делења на „црвени картони“ за водење на бизнис.

Вице Заев во допис до медиумите реагираше дека објавените разговори се лаги од трети лица.

„Објавените рекла-казала лаги од трети лица нема да ги попречат Заеви да даваат плати и да плаќаат даноци. Целосно ги отфрлам како лаги и манипулации објавените рекла-казала муабети во кои трети лица го спомнуваат моето име. Тоа се очајни лаги произлезени од фејкњуз подрумите на опозицијата. Заеви се чесни и вредни Македонци. Режимските инсталации нема да не спречат да продолжиме да даваме плати, да плаќаме даноци и да ги помагаме македонските граѓани“, посочува Вице Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека се фрапирани од содржината на снимката.

„Од снимките кои ги објавија медиумите се гледа бандитскиот однос на семејството Заеви кон државата во целост“, соопштија од партијата и го повикаа Јавното обвинителство да отвори истрага.

Кандидатот за пратеник Бишевац позитивен на коронавирус

Сафет Бишевац
Сафет Бишевац

Кандидатот за пратеник од листата на ВМРО-ДПМНЕ, Сафет Бишевац денеска соопшти дека е позитивен на коронавирусот.

„Почитувани пријатели, тестирањето покажа дека сум позитивен на Ковид-19. За жал, нештат понекогаш се случуваат и покрај макесималното можно почитување на препораките за заштита, напиша Бишевац на Фејсбук.

Тој додава и дека засега се чувствува одлично, но заедно со семејството во наредниот период ќе остане во изолација и ќе биде под надзор на матичниот лекар.

Русија не е во преговори со САД за учество на самитот на Г7

Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Риабков.
Заменик министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Риабков.

Русија не е во преговори со Вашингтон за нејзината потенцијална улога на проширениот самит на Г7 кој ќе се одржи подоцна оваа година, изјави заменик министерот за надворешни работи на земјата, Сергеј Риабков инсистирајќи на тоа дека Кина треба да биде вклучена во настанот. Неговата изјава е спротивна на американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан кој порача дека Вашингтон е „ангажиран со руското Министерство за надворешни работи и со другите влади на Г7 за тоа дали има соодветна улога за Русија на самитот“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека е можно враќање на Русија во групата, во која спаѓаат најнапредните светски економии. Русија беше принудена да ја напушти групата во пресрет на нејзината анексија на Крим од Украина во 2014 година.

Русија беше дел од групата, тогаш позната како Г8, од 1997 година. Меѓутоа, другите нации на Г7, вклучително и Канада и Франција, се спротивставија на враќањето на Русија. Риабков рече дека отсуството на Кина од проширениот самит на Г7 ќе го оневозможи разгледувањето на меѓународните теми.

Трамп во мај објави дека го одложува самитот на Г7 до септември или подоцна и го прошири списокот на поканети на Австралија, Русија, Јужна Кореја и Индија. Австралија ја прифати поканата за учество на самитот.

ГОБ „8-ми Септември“: Нема листи за чекање за итни операции

Градска општа болница „8-ми Септември“ Скопје
Градска општа болница „8-ми Септември“ Скопје

Градската општа болница „8-ми Септември“во Скопје најостро демантира дека постои листа на чекањеза итни хируршки интервенции по информациите објавени во некои медиуми.

„8-ми Септември“, како што соопштуваат оттаму, е Ковид болница со одлука на Министерството за здравство и остануваат посветени на лекувањето на нашите граѓани.

„Сите наши пациенти кои имаат потреба од елективни хируршки интервенции се известени дека во моментот ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ – Скопје не е во можност да работи во претходни услови (Мој термин)“, соопштуваат од болницата.

Најпознатата базилика во Барселона отворена за здравствените работници

Ла Саграда фамилија
Ла Саграда фамилија

Базиликата „Ла Саграда фамилија“ во Барселона ги отвори вратите за посети, но исклучиво за здравствените работници по скоро четири месеци од нејзиното затворање, како резултат на пандемијата на коронавирус.

Базиликата ја покани првата група на здравствени работници и нивните семејства денеска да го посетат недовршениот објект дизајниран од архитектот Антони Гауди. Други групи на здравствени работници ќе може да ја посетат базиликата утре и на 11-12 јули.Во втората фаза ќе им биде дозволена и посета на останатите жители на Барселона.

Базиликата, која е една од главните туристички атракции во Шпанија се уште не се знае кога ќе биде отворена за посетителите кои доаѓаат надвор од градот. „Ла Саграда фамилија“ примила 4,5 милиони посетители во 2019 година.

Чулев: Полицијата подготвена, гласањето ќе биде безбедно

Наќе Чулев, министер за внатрешни работи
Наќе Чулев, министер за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев денеска истакна дека полицијата е подготвена за спроведување мирни, фер, демократски избори. Тој посочи дека самиот процес на гласање ќе биде безбеден и ги повика граѓаните да излезат и да го дадат својот глас за опцијата што сметаат дека треба да победи. Чулев укажа и на потребата од поголемо полициско присуство на одредени точки проценети дека се со висок ризик, како места на појави на недозволено политичко агитирање.

„Мапирани се критичните точки, проценети дека се со висок безбедносен ризик од аспект на можни изборни нерегуларности. Нагласена е потребата од насочување на активностите за спречување појави на изборен поткуп, уцени и манипулации со гласовите на избирачите. Тоа се претежно делови на населените места каде живеат социјално ранливи семејства“, рече Чулев, кој е во работна посета на подрчјата што се под ингеренција на СВР- Охрид.

Ќе ја намали ли корона вирусот излезноста на изборите?

На тие избирачки места со висок ризик, според него, ќе има зголемено присуство меѓународни набљудувачи. Во однос на информациите објавени на социјалните мрежи за појави на агитирање на полициски службеници за одредена политичка опција, Чулев вели дека таквото однесување е недозволиво, спротивно на кодексот на полициското работење, но и интерните акти на МВР.

„Имаме информации, случаи се регистрирани во Скопје и Куманово. Против тие полицички службеници се преземаат контретни мерки, бидејќи се работи за потешко кршење на прописите најверојатно ќе бидат донесени ригорозни казни, односно отказни решенија“, додаде Чулев.

Иран ја идентификувал причината за инцидентот во нуклеарен објект

Оштетениот објект при нуклеарната посторојка Натанц во Иран
Оштетениот објект при нуклеарната посторојка Натанц во Иран

Иранското највисоко тело за безбедност соопшти дека причината за инцидентот во нуклеарниот објект Натанц е утврдена, но одби да објави детали, повикувајќи се на безбедносни причини. Еден објект во погонот за збогатување ураниум во Натанц беше оштетен пред два дена во наводна експлозија или пожар, поттикнувајќи ги шпекулациите за можен чин на саботажа, бидејќи иранските власти првично не дадоа објаснување што се случило.

„Поради некои безбедносни причини, причината која го предивикала овој инцидент ќе биде објавена во соодветно време“, изјави портпаролот на Врховниот ирански совет за безбедност, Киван Хосрави.

Иранската организација за атомска енергија на 2 јули ја опиша оштетената зграда како „индустриска барака“ во изградба. Објектот не бил дел од подземниот објект за збогатување ураниум, кој е заштитен од воздушни напади со 7,6 метри бетон.

Нови „бомби“ за Јанушев и за списоци од Телеком

Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ
Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ

На Јутјуб каналот „Обнова на режимот“ се објавени два нови разговори кои се именувани како „Јанушев ќе ги убијам“ и „Партиски списоци на ДПМНЕ за Телеком“.

Во првиот разговор наводно се слуша како генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев и носител на листата кандидати за пратеници во третата изборна единица се заканува дека, како што вели, ќе убие две лица, Даниела и Ратко.

Во вториот разговор станува збор за партиски списоци во кои се впишани вработени од Телеком. Според разговорот, тие се селектирани според склучените договори и треба да му се пратат на Жарко Луковски, поранешен извршен директор на компанијата.

Пукаат „бомби“, никој не прашува од каде се

Претходно на истиот канал беа објавени снимки со разговори наводно со Јанушев и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Со коронавирус заразени 110 деца во Албанија

Медицинска сестра проверува темепратура на патници на границата меѓу Косово и Албанија.
Медицинска сестра проверува темепратура на патници на границата меѓу Косово и Албанија.

Во Албанија регистрирани се вкупно 2.752 случаи на коронавирус, а од нив 110 деца, при што најмалото е едномесечно бебе. Околу 25 отсто од заразените деца се активни на болеста. Министерката за здравство, Огерта Манастирлиу денеска предупреди дека меѓу новозаразените и оние кои болнички се лекуваат со тешки симптоми, се поголем е бројот на млади лица.

„Во Инфективната клиника меѓу хоспитализираните граѓани има млади луѓе кои се лекуваат од сериозни симптоми, предизвикани како резултат на Ковид-19, бидејќи вирусот не разликува возраст. Многу млади денес со чест контакт едни со други, без почитување на правилата, ја зголемуваат можноста за ширење на инфекцијата и ја пренесуваат на родителите, бабите и дедовците, ставајќи ги во сериозна опасност“, напиша таа на Фејсбук.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG