Достапни линкови

Вести

Милошоски хоспитализиран на Инфективна клиника

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ во последниот парламентарен состав и кандидат за пратеник од оваа партија во петтата изборна единица, Антонијо Милошоски, е хоспитализиран на Инфективната клиника во Скопје. Тој на својот официјален фејсбук профил напиша дека причина за хоспитализацијата е повеќедневна покачена температура.

„ Други симптоми немам, дишењето е добро, апетитот и расположението исто така. Вчерашниот тест покажа негативни резултати на Ковид19, но по препорака на специјалист од инфективна клиника, денес направивме уште еден тест, чии резултати се очекуваат во текот на утрешниот ден“ напиша Милошоски.

Инакупред четири дена мајката на Милошоски објави дека е позитивна на коронавирус, а тој истакна дека поради контактот со неа му е одредена изолација до 6 јули кога треба да направи два теста.

Заев и Мицкоски си префрлија кој колку го познавал Камчев

Лидерот на владејачката СДСМ Зоран Заев и неговиот политички опонент лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во првата телевизиска дебата на ТВ 24 дебатираа за правдата и владеењето на правото во земјава. Едно од прашањата за кои се расправаа двајцата лидери беше колку го познаваат бизнисменот Орце Камчев кој е осомничен во истрагата за перење пари Империја и сведок во предметот Рекет каде што е осудена поранешната шефица на сега веќе поранешното Специјално обвинителство Катица Јанева.

При забелешките на Мицкоски за адвокатот Васил Димишковски кој се спомнува во „Рекет“, Заев му упати прашање на својот опонент дали го познава Јордан Камчев.

„Да, да го познавам, исто колку што и вие и вашето семејство го познава Јордан Камчев“ одговори Мицкоски

„ Од негови пари се повторно маиците и рекламниот материјал за оваа кампања?, праша Заев, кој подоцна повторно обвини дека опозицијата се финансира од Орце Камчев и Никола Груевски, додавајќи дека така ќе се борат за власт за да си ги покријат долговите и дека Рекет е само поткуп подржан од Мицкоски а организиран од Кичевскиот.

Мицкоски, пак, обвини за влијание на политичарите и во обвинителството и во судството. Тој посочи дека тоа што го зборува Заев е далеку од вистината и дека имал три години време да ги смени суштински работите во судството.

„Имаме една разлика, а тоа е што вие влеговте во овој процес на реформи во судството со обвинение, обвинението за „Поткуп“, а јас влегувам без никакви обвиненија. Не може човек што е обременет со судски случај, да биде добар реформатор. Сака да зборува против мене, што е логично. Сето што го кажа е далекува од вистината. Не морало лицето кое другарува, со кое соработува со него и неговото семејство кое им носи снимки, можеле да ме викнат и ќе им кажев. Вие сте сега сте надобар пријател со вратарот, дури и тендери му делите. Тоа се пусти пари господине Заев,“ изјави Мицкоски.

Според Заев она што беше во надлежност на владејачката коалиција е направено, законите за реформите се изготвени, но нивната примена е и натаму голем проблем, потребно е да следува процес на прочистување во правосудството од судии каде што застаруваат предмети кои автоматски ќе бидат разрешени и ќе биде направена комплетна проверка на имотната состојба на судиите обвинителите и нивните семејства за да се потврди, како што рече тој, чесноста на самите делители на правдата.

„ Зоран Заев не го контролира судството. Ако Заев дигаше телефон како што го правеше ВМРО- ДПМНЕ веројатно ќе имаше повеќе луѓе во затвор, но јас се борав против тоа, да нема влијание врз судството“ одговори Заев на прашањето на новинарот Младен Чадиковски за тоа зошто само Ѓоко Поповски и Сеад Кочан се во затвор.

Заев го обвини својот опонент дека идеали кон кои се поклонува се пари и власта и дека Мицкоски го поддржал случајот „Рекет“, каде според него, станува збор за класичен поткуп.

„Законот за јавно обвинителство се блокираше томку поради случајот „Империја“. Сега добро гледаме дека станува збор за поткуп, добро организиран и осмислен, поддржан и од господинот Мицкоски да се спороведе преку Орце Камце, Кичеец, Бојан Јовановски и Катица Јанева. Се работело за финансирање на кампањата, за пари. Можеби е и за лични пари. Станува збор за поткуп, не за рекет. Јас ќе го разберев блокирањето на законот доколку сакаа да ги спасат луѓето кои беа изманипулирани за 27 април. Но за пари, заради партија, тоа не можам да го разберам, рече Заев.

Според него, власта не успала да ги реализира ветувањата за реформи во правосудството во изминатите три години, а како пример, меѓу останатото го наведе изборот во Академијата на судии и обвинители.

Грција ја продолжи забраната за влез на македонски државјани

Македонските државјани не се на листата граѓани на кои ќе им биде дозволен влез во Грција од утре. Атина ќе ја следи препораката на ЕУ и одлуката на европско ниво за листата со трети земји, јавува дописничката на МИА од Атина. Во наредните 14 дена во Грција, следејќи ја европската препорака, влез ќе им биде дозволен на државјнаите на Алжир, Австралија, Грузија, Јапонија, Канада, Мароко, Црна Гора, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Руанда, Србија, Уругвај, Тајланд, Тунис, Кина (ќе се разгледа врз основа на взаемност).

Потпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас истакна дека во однос на копнените граници, на граничните премини со Северна Македонија, Албанија и Турција дозволени се преминувања само за есенцијални причини, односно за членови на семејства на европски државјани, вработени во здравствениот сектор, лица кои се грижат за стари лица, сезонските работници во земјоделскиот сектор, вработените во транспортот, дипломати, меѓународен воен персонал, хуманитарни работници кои се на должност, транзит патници, патници кои патуваат од неопходни семејни причини, студенти.

Спортски натпревари без публика

Спортските настани ќе се одржуваат без публика. Владата на денешната седница донесе одлука за престанок на важењето на забраната за одржување спортски натпревари во колективните спортови.

Во соопштението од владината прес-служба е наведено дека на денешната седница била прифатена препораката на Комисијата за заразни болести и федерациите организирањето на спортски настани да биде со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите.

Владата ги донесе и Протоколот за работа на музеи, галерии и изложбени простори,како и Протоколот за спроведување на мерки за заштита од КОВИД-19 при организација на настани, промотори, рентал компании, видео и аудио продукции и техничка поддршка на овие настани,како и Препораки и упатства за спречување на ширење на КОВИД-19, при влез на македонски и странски државјани во земјава.

Путин апелира до Русите да гласаат на референдумот

Рускиот претседател Владимир Путин упати последен апел до Русите да излезат и да гласаат за контроверзните измени на Уставот со коиможе да остане на власт до 2036 година. Тој порача дека со гласањето на референдумот Русите не гласат само за амандмани, туку за земјата во која сакаат да живеат тие и нивните деца. Путин во телевизиското обраќање на еден ден пред завршувањето на еднонеделното гласање истакна дека Русите со гласањето на предложените уставни измени ќе помогнат во како што вели, засилувањето на Русија и традиционалните вредности и принципи.

Според досегашните правила во Русија, на претседателот му е забрането да бара трет последователен шест годишен мандат. Но доколку се одобрат уставните измени ќе се отвори патот Путин да може да се кандидира во 2024 и повторно во 2030 година. 67 годишниот руски лидер во изминативе две децении без прекин е на власт, делумно како претседател, а делумно како премиер.

За три дена на референдумот во Русија одѕивот над 28 проценти

Околу 9 отсто одѕив на првиот ден од референдумот во Русија

Потенцијалниот противкандидат на Лукашенко останува во притвор

Виктор Бабарика
Виктор Бабарика

Судот во Минск донесе одлука со која на потенцијалниот противник на белорускиот претседател Александар Лукашенко, Виктор Бабарика му се продолжува притворот. Бабарика е потенцијален противник на претседателските избори кои треба да се одржат на 9 ти август.Неговиот адвикат Дзмитри Лајеуски изјави дека денеска окружниот суд во Минск го продолжил претходно утврдениот притвор кој заедно со неговиот син Едуард беа приведени на 18 јуни под сомнение за финансиски злосторства, односно за затајување данок и перење на пари.

Претходно во јуни опозициските собири за можни против кандидати на Лукашенко привлекоа илјадници граѓани на улиците. Бабарија собрал 435 илјади потписи, во знак на поддршка за негова кандидатура

Прогласена кризна состојба поради зголемен влез на мигранти

Кризна состојба од 2 јули ќе биде прогласена на дел од територијата поради зголем обем на влез и транзитирање на мигрантите низ државата.Владата на денешната седница донесе одлука со која во наредните 30 дена ќе се активира и Главниот штаб при Центарот за управување со кризи кој ќе биде во постојано заседавање и ќе треба да изготви акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на Република Северна Македонија.

Балканската мигрантска рута повторно атрактивна

Кај Радовиш пронајдени 17 мигранти

Во владиното соопштение е наведено дека на предлог на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Владата денеска ја разгледала и усвоила Информацијата во врска со Предлог – национален план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства (жени и деца), и дала согласност на Националниот план.

Повратниците од ИСИС-безбедносна закана за Македонија

Европските граници затворени за Македонија

Македонско и ЕУ знаме
Македонско и ЕУ знаме

Македонските граѓани нема да можат да патуваат во ЕУ. Според одлуката на Советот на ЕУ за влез на граѓани од трети земји на територијата на Унијата која треба да стартува од утре Македонија не ги исполнува епидемиолошките критериуми. Земјите членки на Унијата се договорија да дозволат постепено укинување на рестриктивните мерки за патување само за Србија и Црна Гора, и покрај тоа што Европската комисија препорача да им се даде зелено светло на сите земји од Западниот Балкан за влез во ЕУ од 1 јули.

Списокот на земји ќе се ревидира секои две недели врз основа на епидемиолошката состојба во секоја од нив. Што се однесува до Кина, Европската Унија ќе прифати отворање на границите доколку дозволата биде взаемна.

За да добие право да патува во ЕУ, епидемиолошката состојба на една земја треба да исполнува три критериуми: бројот на нови случаи на Ковид-19 во последните 14 дена на 100 илјади граѓани да биде сличен или помал од ЕУ просекот; земјата да покажува намалување или стабилизација на кривата во последните 14 дена, и третиот услов е начинот на кој земјата се справува со Ковид-19 во смисла на достапните информации и нивната веродостојност, тестирањето, следењето на контактите, како и третманот.

Ирански новинар осуден на смртна казна

Иранскиот новинар и активист Рухолах Зам кој што со својата работа и текстови објавени на интернет помогнаа во инспирирање на масовните економски протести во 2017 година денеска ја слушна пресудата за неговата улога во демонстрациите. Тој е осуден на смртна казна во, како што велат од Репортери без граници“, груб и неправеден судски процес. Иранскиот суд проценил дека по сите 13 точки од обвинението новинарот Зам е виновен и дека тие се еквивалент на ширење на корупција во земјата и затоа била донесена пресуда – смртна казна.Во јавноста обвинението е споредувано со кривичните дела како шпионажа или обид за соборување на иранската влада.

Протестите во 2017 година претставуваа најголем предизвик за Иран по изборните немири во 2009 година и ја поставија политичката сцена за немирите и сличните демонстрации кои избувнаа во 2019 година. Во нив илјадници демонстранти беа приведени а 25 загинаа.Зам со години живееше и работеше во егзил од Париз, се до 2019 година кога се врати во Иран, каде што беше уапсен под нејасни околности. Француските власти „остро го осудија тој потег“.

Родилка и новороденче од Штип позитивни на ковид-19

Илустрација
Илустрација

Во штипската болница родилка и новороденче се позитивни на коронавирусот. Надлежните од Центарот за јавно здравје информираат дека откако новороденчето појавило симптоми е испратено во болницата во Козле во Скопје, а каде е подложено на испитување и лекување. Новороденчето и неговата мајка биле во штипската болница во Одделот за неонаталогија, гинекологија и акушерство, во периодот, кога една од медицинските сестри е заразена и е ставена во изолација.

Но, остантите шест новороденчиња и нивните мајки се добри и немаат никакви симптоми на коронавирусот. Затоа во текот на денешниот ден се прават епидемиолошки анкети, со цел да се утврди од каде новороденчето и родилката се инфицирале, велат од болницата во Штип.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG