Вести
Тачи ќе си поднесе оставка, ако се потврди обвинението
Ако обвинението се потврди ќе поднесам оставка и ќе се соочам со тоа, рече косовскиот претседател Хашим Тачи во вечерашното обраќање до јавноста. Неговото обраќање уследи откако пред пет дена Специјалното обвинителство во Хаг го обвини за воени злосторства и злосторства против човештвото, кои произлегуваат од војната за независност на Косово во периодот 1998-99 година.
Во снименото обраќање до нацијата, Тачи ги отфрли, како што рече, лажните обвиненија против него.
„Косово е нова држава, но нејзините лидери мора да се однесуваат како прави државници. Ќе го носам мојот товар и ќе се бранам себе и нашата борба за слобода, со сета сила што ја имам. Нема да дозволам ова лажно обвинение да го оттргне вниманието на Косово од заземањето на место во меѓународната заедница, како членка на ОН, НАТО и ЕУ“, вели Тачи во обраќањето.
Специјалното обвинителство во Хаг на 24 јуни покрена обвиненија за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото против Тачи, против претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели и други Косовци.
Судот во Хаг има рок до октомври да утврди дали има доволно докази за судење засновано врз обвинението од 10 точки.
СЗО - Пандемијата е далеку од крајот
„Пандемијата на коронавирусот не е ни приближно до крајот“, рече шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Габриезус, откако бројот на потврдени случаи заразени со вирусот надмина 10 милиони, а има повеќе од пола милион починати.
„Иако многу земји постигнаа одреден напредок на глобално ниво, пандемијата навистина се забрзува“, рече Тедрос на денешниот брифинг, додавајќи дека на светот ќе му треба уште поголеми залихи на отпорност, трпеливост, смиреност и дарежливост во наредните месеци.
Тедрос рече и дека пандемијата на виделина го изнела и најдоброто, но и најлошото, односно од една страна се љубезноста и солидарноста, а од друга дезинформациите и политизација на коронавирусот.
Светската здравствена организација објави дека светот регистрира нов најголем број заразени со коронавирус за еден ден, откако инфекцијата беше потврдена кај повеќе од 189.000 луѓе во претходните 24 часа. Досега најголем број заразени за еден ден изнесуваше 183.000.
Трета еколошка катастрофа во руски Норилск за само еден месец
Се запали индустриска депонија во близина на рускиот град Норилск, што е трета еколошка катастрофа што ја погоди областа околу овој сибирски арктички град во само еден месец. Огнот, кој зафатил околу 1000 квадратни метри од депонијата со цврст индустриски отпад, бил ставен под контрола. Депонијата е на само неколку километри од резиденцијалната област во градот.
Овој месец се случија уште две еколошки катастрофи во градот, каде што е сместен најголемиот производител на никел и паладиум во светот – Норилск Никел.
Апсења по излевање на нафта под Арктикот
Компанијата вчера призна дека од една од нивните постројки била испуштена отпадна вода во фрагилната арктичка околина и оти одговорните работници биле суспендирани. Гринпис Русија објави фотографии на нелегалниот испуст, кој веројатно содржи тешки метали и сулфурна киселина. Според нив, ова е редовна постапка на компанијата. Руските власти отворија истрага.
Путин: вонредна состојба по излевање на нафта под Арктикот
Првата еколошка катастрога се случи на 29 мај кога повеќе од 21.000 тони дизел гориво се излеа во почвата, во две реки и во едно езеро, откако се распадна резервоар за складирање на нафтата во електрана управувана од Норилск Никел.
Двајца раководители на електраната и двајца инженери се уапсени под сомнение дека ги кршеле правилата за заштита на животната средина. За небрежност се обвинети и градоначалникот на Норилск и владиниот инспектор.
Претседателот Владимир Путин прогласи вонредна состојба по инцидентот, а Норилск Никел вети дека ќе ги плати трошоците за расчистувањето, проценети на 145 милиони долари.
Норилск Никел е во сопственост на најбогатиот човек во Русија, Владимир Потанин.
Локалните власти и организациите за животна средина велат дека ќе бидат потребни години за да се опорави животната средина од излевањето на горивото.
Напад на пазар во Авганистан, најмалку 23 загинати
Најмалку 23 луѓе загинаа, а десетици се повредени во напад со минофрлач и експлозија на автомобил-бомба во близина на пазар во авганистанската јужната провинција Хелманд. Авганистанските власти соопштија дека денешниот напад се случил близу пазар за добиток и дека меѓу загинатите има и деца. Власта за нападот ги обвинува талибанците, тие пак обвинуваат дека владата е виновна. Талибанците велат дека војската со минофрлач гаѓала на пазарот, а војската обвинува дека бунтовниците истрелале мини со кои го активирале автомобил-бомбата, додека на местото имало цивили.
Насилството во земјата опадна откако талибанците минатиот месец за Рамазан понудија краток прекин на огнот. Но сега властите велат дека бунтовниците ги засилија нападите во последните неколку недели.
Претседателот на Авганистан Ашраф Гани денеска ги повика талибанците да се воздржат од војна и насилство и да ја прифатат волјата на авганистанскиот народ, за кој рече дека сака владата и милитантната група да започнат разговори за да се стави крај на војната во земја.
Хоти најави можно враќање на карантинот во одредени места во Косово
Косовскиот премиер Авдулах Хоти изјави дека ситуацијата со пандемијата на ковид-19 во земјата е алармантна и најави дека, поради големиот пораст на бројот на заболени, можно е одредени места повторно да се стават во карантин, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обраќајќи им се на новинарите по состанокот со Комитетот за справување со пандемијата, Хоти рече дека ситуацијата е сè уште под контрола, но е мошне кревка, поради што се потребни максимални напори од сите надлежни за да се запре моменталниот тренд на ширење на пандемијата.
Расте бројот на заболени од коронавирусот на Балканот
Тој рече дека состојбата е посебно тешка во инфективните клиники.
„Имаме 49 смртни случаи. Инфективната клиника (во Приштина) е преполнета и нема веќе места за пациенти. Се создаваат места на други клиники“, порача Хоти, најавувајќи казнување на сите кои не ги почитуваат упатствата и препораките на здравствените власти.
Министерот за здравство Арменд Земај рече дека третата фаза на постепено отворање на економијата резултира со пораст на случаите на заразени, за што најмногу придонело непочитувањето на мерките од страна на бизнисите.
Досега во Косово се регистрирани 2.677 случаи на заразени од новиот коронавирус, од кои активни се 1.203.
Интерпол нема да го апси Tрамп по налог на Иран
Интерпол не презема интервенции против претседателот на САД, Донал Трамп, откако иранските власти издадоа налог за апсење на Трамп и на 35 други лица, кои ги обвинуваат за убиството на врховниот генерал, Касем Солејмани. Тие се товарат за вмешаност во нападот од 3 јануари во Багдад, во кој беше убиен генералот на Револуционерната гарда Солејмани. Иран за таа цел соопшти дека побарал помош и од меѓународната полициска организација Интерпол. Од организацијата соопштија дека не преземаат „какви било интервенции или активности од политички, воен, верски или расен карактер“. Па затоа барањата од ваков карактер не ги разгледуваат, соопштуваат од Интерпол
Американскиот претставник во Иран, Брајан Хук, рече дека Техеран спроведува „пропаганден трик, кој никој не го сфаќа сериозно“.
Иран издаде налог за апсење на Трамп
Убиството на Солејмани, ги доведе САД и Иран близу до воен судир, откако Техеран се одмазди со лансирање ракетен напад врз целите на американските сили во Ирак.
Тензиите меѓу двете земји ескалираа откако Соединетите Држави се повлекоа од нуклеарниот договор во 2015 година и ги вратија острите економски санкции што ја осакатија економијата на Иран.
ЕУ ги продолжи санкциите за Русија поради улогата во Украина
Земјите-членки на Европската унија ги продолжија санкциите кон Русија поради нејзината улога во конфликтот во Украина. Тие на шест месеци ги продолжуваат санкциите.
Европскиот совет денеска донесе одлука да ги продолжи рестриктивните мерки до 31 јануари следната година, затоа што се уште не е постигната целосна имплементација на договорите од Минск, со кои треба да се стави крај на борбите во источна Украина, се наведува во изјавата.
Европските лидери се согласија да ги продолжат санкциите за уште шест месеци на нивниот самит на 19 јуни, а денеска тоа беше и официјализирано.
Русија и Иран и нивните ограничувања за економско заздравување
Санкциите за прв пат беа воведени во јули 2014 година поради поддршката што Русија ја дава за сепаратистите во украинските региони Доњецк и Луганск. Мерките се насочени главно кон финансискиот, енергетскиот и одбранбениот сектор на Русија.
ЕУ воведе санкции кон Русија и поради анексијата на украинскиот полуостров Крим во март 2014 година.
Ирански обвинител - Соборувањето на украинскиот авион е човечка грешка
Нема индиции дека соборувањето на украинскиот патнички авион во Иран во јануари се должи на мрежен напад врз системот за одбрана на земјата, соопшти иранскиот воен обвинител. Тој говореше денеска пред семејства на жртвите. Воениот обвинител Голам Абас Торки, потврди дека причина за несреќата е човечка грешка. Во авионската несреќа загинаа сите 176 лица во авионот „Боинг 737“.
Тој рече дека операторот на системот за противвоздушна одбрана не добил дозвола од неговите претпоставени пред да испали две ракети кон авионот. Помеѓу двата проектили имало пауза од 26 секунди, во кои операторот исто така не добил дозвола од претпоставените.
Обвинителот рече дека три лица остануваат во притвор поради соборувањето на авионот, а три други се ослободени со кауција.
Силите на Исламската револуционерна гарда ја презедоа одговорноста за ненамерното соборување на авионот на украинската авиокомпанија. Авионот беше соборен во време на зголемени тензии меѓу Иран и САД. Иранските власти по три дена призна дека го собориле авионот, како што рекоа, по грешка.
Неколку часа пред соборувањето на патничкиот авион, Иран започна ракетни напади врз ирачката воена база во која биле сместени американски војници. Иранските напади беа извршени како одговор на убиството на врвниот командант на Исламската гарда, Касем Солејмани. Тој беше убиен во американскиот напад со беспилотни летала во близина на аеродромот во Багдад.
Истрага на црните кутии на украинскиот авион соборен во Иран
Иранскиот обвинител рече дека Техеран ќе ги испрати црните кутии од соборениот авион на анализа во Франција. Тој рече дека снимките се „физички оштетени“ и дека податоците може да се вратат само со „софистицирана“ технологија.
Еден милион Индијци ги напуштиле домовите поради поплави
Поради поплавите предизвикани од монсунските дождови повеќе од еден милион луѓе беа принудени да ги напуштат домовите во индиската североисточна сојузна државата Асам, а две лица загинаа, соопштија индиските власти, пренесе АП.
Брамапутра, една од најголемите реки во светот за време на викендот се излеа во државата Асам и поплави повеќе од 2.000 села, а дождот и понатаму врне. Најмалку 23 од вкупно 33 окрузи во индиската сојузна држава Асам се погодени од обилните дождови, а нивото на реката Брамапутре продолжува да расте, а метеоролозите предвидуваат обилни дождови и во следните три дена.
Избирачкиот список ќе биде заклучен в среда
ДИК в среда ќе го заклучи избирачкиот список и во него ќе бидат нешто повеќе од 1.814.000 граѓани, изјави денеска претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, на заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.
Точниот број ќе се знае в среда, а потоа списокот ќе се генерира и ќе биде предаден на печатење, рече Деркоски, и додаде дека избирачкиот список континуирано се чисти и затоа има „високо ниво на прочистеност“, па не треба да има загриженост околу тоа прашање.
Деркоски - Чулев: Да имаме фер избори и да го зачуваме здравјето
Изминатата недела членовите ДИК направила проверка на сите избирачки места, а голем број од нив ќе се дислоцираат за изборите на 15 јули за да се задоволат критериумите за заштита од коронавирусот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете