Достапни линкови

Вести

Во Дебар нема сомнителни и активни случаи на КОВИД-19

Ментор Мела, епидемиолог
Ментор Мела, епидемиолог

Раководителот на единицата за Јавно здравје во Дебар епидемиологот Ментор Мела, денеска за Радио Слободна Европа изјави дека покрај тоа што нема веќе болни во двете општини, нема ниту лица во изолација ниту пак сомнителни случаи на заразени со коронавирус.

,,Оваа е победа на дебарчани во борбата против Коронавирусот “изјави Мела и додаде дека состојбата со вирусот во двете општини е целосно смирена .

Според доктор Мела успешно се одвива и процесот на скрининг во општините Дебар и Центар Жупа. До сега од вкупно 2342 тестови кои пристигнаа од Министерството за здраство за двете општини извршени се над 9о насто односно 2110 тестови.

Вкупниот број на болни во Дебар беше 49, додека во Центар Жупа 2, од кои во Дебар починаа 3 лица, а во Центар Жупа едно лице. Општинските кризни штабови во Дебар и Центар Жупа изразуваат задоволство од смирувањето на состојбата со коронавирусот, но апелираат населението и понатаму целосно да ги почитува владините мерки.

Словенија и Хрватска пред победа над епидемијата

илустрација
илустрација

Словенечките здравствени власти објавија дека втор ден по ред бројот на новозаразени со коронавирусот е само пет, со што и дефинитивно земјата е пред прогласување победа над епидемијата, јави дописникот на МИА од Љубљана. Намалување има и на бројот на хоспитализирани лица кој во овој момент изнесува 60, а на одделите за интензивна нега поради потешка форма на КОВИД-19 се третираат 21 пациент.

Епидемиолозите информираат дека се смирува и состојбата во домовите за стари лица каде што имаше и најголем број заразени и починати. Најголем дел од нив веќе се и отворени за посети.Владата најави дека ќе продолжи со олабавувањето на ограничувањата за граѓаните, кои од оваа недела конечно можат да ги напуштат и општините во кои живеат.

Во последните 24 часа и во Хрватска само три лица биле заразени со вирусот, така што вкупниот број на пациенти е 2.088, објави министерот за здравство Вили Берош на редовната прес-конференција во Националниот штаб на цивилната заштита во Загреб. Вкупниот број на загинати од КОВИД-19 во Хрватска е 77.

Во последните 24 часа се излечиле 42 лица, така што вкупниот број излечени лица во Хрватска е 1.463.

Бајден ги отфрли обвинувањата за сексуални напади

Џо Бајден
Џо Бајден

Поранешниот потпретседател на Соединетите Држави и иден претседателски кандидат на Демократската партија Џо Бајден, ги отфрли обвинувањата за сексуален напад врз поранешната помошничка Тара Рид пред скоро 30 години.

„Јас ви кажувам недвосмислено: тоа никогаш не се случи. Не знам какви се нејзините мотиви“, изјави Бајден во телевизиско интервју.

Тој побара да се провери во архивите на Сенатот дали има каква било пријава од Тара Рид од тоа време, односно од 1993 година кога Бајден беше член на Сенатот а таа беше негова помошничка.

Рид поднесе кривична пријава против Бајден минатиот месец, пренесува ББС. Таа изјави дека пријавата ја поднела единствено од безбедносни причини затоа што била свесна дека овој случај е застарен за процесуирање.

Бајден на изборите ќе го има републиканскиот противник, актуелниот претседател Доналд Трамп, против кого 25 жени досега поднесоа пријави за сексуален напад и злоупотреба.

Силен земјотрес во близина на грчкиот остров Крит

илустрација
илустрација

Во морскиот дел јужно од грчкиот остров Крит, кусо пред 16 часот по локално време, бил регистриран земјотрес со јачина од 6 степени според Рихтер, согласно Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина.

Епицентарот на земјотресот бил на 55 километри јужно од градот Иерапетра на Крит, а според локалните медиуми, освен што бил силен, траел долго и бил почувствуван во повеќе градови во североисточниот и југоисточниот дел на островот, јави дописничката на МИА од Атина.

Десет минути подоцна, во близина бил регистриран уште еден земјотрес со јачина од 4.4 степени. Засега, нема информации за повредени или за причинета материјална штета.

Николовски: Избори кога ќе се стабилизира епидемијата

Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ
Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски по денешната онлајн координација со шефовите на регионалните изборни штабови на СДСМ, соопшти дека од здравствен аспект, најдобро е изборот на новиот македонски парламент и на новата македонска политичка влада со целокупна одговорност, да се случи во период кога короновирусот е совладан, но и пред евентуална нова закана од повторно ширење на вирусот.

„Веднаш штом здравството и епидемиолозите потврдат дека вирусот е под целосна контрола, треба да продолжи изборниот процес и изборните дејствија, онаму каде што застана на 12 април за веќе закажаните избори. Обврска за сите политички чинители е на прво место да го стават здравјето на граѓаните и интересот на државата. Одговорно е да се носат одлуки растеретени од личните и теснопартиски интереси, а ниту една политичка кариера не е поважна од граѓаните“, вели Николовски.

Според Николовски сите што се спротиставуваат на оваа цел на нормализирањето на состојбите придонесуваат земјата да остане во вонредна, во здравствено-економска криза, а тоа како што додава, не е одговорно однесување.

Во Франција прв случај на мачка заразена со корона

илустрација
илустрација

Франција го пријави првиот случај на мачка заразена со коронавирус, најверојатно, заразен од сопственикот, соопшти парискиот Институт за ветеринарство, кој претходно препорача заразените сопственици да одржуваат физичко растојание со своите миленици, пренесе АФП.

Ветеринарниот институт тестирал десетина мачки чии сопственици биле заразени во поширокото подрачје во Париз. Еден од овие тестови за мачки е позитивен, а мачката има респираторни и дигестивни проблеми.

„Според сегашните научни сознанија, мачките не можат лесно да се заразат со коронавирус дури и кога нивните сопственици се заразени“, велат од Институтот, потсетувајќи дека само четири мачки се заразени ширум светот.

Многу истражувачи проценуваат дека засега не постојат сознанија дека миленичињата се можни преносители на вирусот кај луѓето или другите животни. Сепак, на сопствениците на миленичиња им се советува да не ги пуштаат надвор, така што животните ќе избегнуваат контакт со други лица и животни. Се препорачува физичко растојание со домашни миленици, исто како и со луѓе.

Курти бара мислење од Венецијанската комисија за овластувањата на претседателот

Албин Курти
Албин Курти

Вршителот на должност премиер на Косово, Албин Курти се обрати до Венецијанската комисија со барање за мислење во врска со надлежностите на претседателот на Република Косово, Хашим Тачи во распуштањето на Собранието и предлагањето мандатар за премиер, по изгласувањето недоверба на Владата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Како што се наведува во соопштението од канцеларијата на премиерот, во контекст на актуелната ситуација создадена во Косово со обидот да се формира нова влада од страна на постоечкиот собраниски состав, „мислењето на Венецијанската комисија ќе послужи за јакнење на деморкатијата и на уставното право“.

Од кабинетот на Курти нагласуваат дека ова е прв пат Косово да испрати барање за мислење во Венецијанската комисија во врска со односите на уставните институции и нивните надлежности.

Уставниот суд на Косово вчера донесе времена мерка за суспендирање до 29 мај на дејствијата по однос на декретот на претседателот на државата Хашим Тачи за доделување на мандатот за формирање нова влада на Косово на кандидатот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти. На тој начин запреа активностите за формирање нова влада, откако на 25 март Собранието, на иницијатива на ЛДК, му изгласа недоверба на кабинетот на Курти.

Оздравени 45, еден починат и 15 нови случаи на КОВИД-19

Четириесет и пет оздравени пациенти се регистрирани денеска во Институтот за јавно здравје, од кои 19 се во Скопје, 25 се во Куманово и едно лице е во Прилеп. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска за прв пат од почетокот на епидемијата, во 24 часа, нема прием на нови пациенти, позитивни или сомнителни на Ковид-19.

На оваа клиника, како што соопшти Министерството за здравство починал еден пациент, 61 годишен од Струга, со повеќе коморбидитети и тешка форма на болеста, хоспитализиран од 24 април. Испишани се осум пациенти, а во моментов се хоспитализирани 39 пациенти, од нив 20 потешко болни и на кислородна поддршка и еден критично болен пациент на механичка вентилација.

Вкупната бројка на Ковид-19 дијагностицирани во нашата земја изнесува 1.506, бројката на оздравени пациенти е 852 , на починати е 82, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 572.

Бројот на заразени лица по градови е следна:

Скопје 509 лица, Куманово 400, Дебар 51, Штип 34, Прилеп 157, Тетово 85, Струга 67, Велес 77, Битола 19, Охрид 15, Кавадарци 5 , Гостивар 17, Гевгелија 4, Струмица 2, Крива Паланка 5, Радовиш 4, Крушево 3, Кочани 31, Пробиштип 2, Кичево 2, Неготино 9 (*7 заболени лица од ПЕ Неготино се жители на Демир Капија), Демир Хисар 1, Македонски Брод 2, Пехчево 2, Делчево 1, Валандово 1 и Виница 2 лица.

Поради шпионажа во Колумбија сменети 11 воени службеници

Единаесет воени службеници во Колумбијасе отпуштени, а еден генерал поднел оставка во врска со истрагата против војската што шпионирала новинари, политичари, судии и други припадници на војската, соопшти Министерството за одбрана, а пренесе Ројтерс.

Министерот за одбрана Карлос Холмс Трухило објасни дека решението за разрешување следувапо истрагата и најави нејзино продолжување.

„Денес 11 службеници ќе бидат разрешени и ќе се пензионираат од активна должност. Исто така, бригадниот генерал побара тој да биде сменет од активна должност“, изјави Трухило пред новинарите.

Колумбиската војска последниве години ја следат скандали, вклучително и наводи за шпионажа за време на преговорите со претставниците на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРЦ), што на крајот доведе до мировниот договор во 2016 година. Весникот „Семана“ објави дека војската шпионирала повеќе од 130 луѓе, вклучувајќи локални и странски новинари. Војската ги хакирала нивните електронски пошти и собирала информации за нивните контакти, семејства и слично.

Николоски го обвини државниот врв за молк за бугарскиот документ

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пред седиштето на партијата
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пред седиштето на партијата

Потпретседателот на ВМР0-ДПМНЕ Александар Николоски денеска ги обвини претседателот на СДСМ Зоран Заев, Владата и претседателот Стево Пендаровски за криење, но и молк по Изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на Советот за општи работи на ЕУ од 25 март.

Во документот, односно изјавата, Бугарија бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, во меѓународни организации земјава да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, се бараат и конкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка Софија бара да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

„Во изминативе две недели стана сосема јасно дека Европската интеграција на Македонија се соочува со голема препрека. Документот на Бугарија со кој се условува интегрирањето на земјава и продолжување на патот кон ЕУ е последица на неспособната дипломатија и е уште едно фијаско на Владата на Заев. Документ кој беше криен од јавноста со цел никој да не знае за истиот ја донесе Македонија пред свршен чин. Она што е најстрашно е тоа што имаме молк од Владата, од Заев и директна заштита од Стево Пендаровски. Заев и власта доколку ова го прифатат или се потврдат сомнежите кои ги имаме влегуваат во втора фаза на создавање на нов јазик, на држава со нов идентитет и име и создавање на таканаречена северномакедонска нација“, изјави денеска Николоски.

На ваквите обвинувања реагираа од владејачкиот СДСМ. Тие пак ги обвинија Николоски и ВМРО-ДПМНЕ за ширење лажни вести и конструирање непостоечки случаи.

„За разлика од лажниот патриотизам на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ преку одговорни и сериозни политики обезбеди сигурна и стабилна иднина со загарантиран и признаен идентитет. Македонскиот јазик е признаен и потврден и со договорот од Преспа, тоа е влезено во личната карта на нашата држава во Обединтетите нации, македонскиот јазик е во употреба во повеќе меѓународни организации, вклучително и ЕУ,“ соопштија од СДСМ.

Николоски исто така денеска изјави дека претседателот Стево Пендаровски е координиран со СДСМ и затоа вчера соопштил дека нема намера на престојната лидерска средба да го стави на дневен ред „во моментот најзначајното прашање за иднината на Македонија и Европската интеграција“.

Претседателот Пендаровски пак во вчерашното гостување на 360 степени на Алсат-М телевизија изјави дека „ако цената да влеземе во Европската унија е да кажеме дека не сме Македонци и да кажеме дека нашиот јазик се именува некако поинаку освен македонски јазик, не ни треба Европската унија“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG