Достапни линкови

Вести

Први мај во пандемија- ретки протести и инвентивни начини на одбележување

Турција- членовите на синдикатот беа спречени да продолжат со маршот низ Истанбул и да стигнат до плоштадот Таксим, 01.05.2020
Турција- членовите на синдикатот беа спречени да продолжат со маршот низ Истанбул и да стигнат до плоштадот Таксим, 01.05.2020

Работниците низ светот се откажаа од традиционалните демонстрации за Први мај поради мерките за спречување на ширењето на коронавирусот, а спроведуваа акции на интернет, додека малку протести се одржаа и тоа со потребната физичка дистанца и маски.

Агенциите јавуваат дека денеска имало приведувања во Филипини, Русија и Турција, немири во Индонезија, а солзавец бил употребен во Хонг Конг поради прекршување на правилата за јавни собири во време на пандемија. Другите собири за денот на работниците генерално беа мали и поминаа без инциденти.

Во Турција властите им дозволија на некои синдикати да положат цвеќе на симболични места, а најмалку 45 луѓе беа приведени во Истанбул и Анкара откако ги прекршиле правилата на движење донесени како мерки за спречување на коронавирусот. Полицијата, како што јавуваат агенциите, го опколила седиштето на левичарскиот работнички синдикат ДИСК и ги спречила неговите членови, кои носеле цвеќиња во рацете и извикувале слогани да маршираат низ Истанбул.

Грција- протест на членовите на синдикатот ПАМЕ пред зградата на парламентот во Атина, 01.05.2020
Грција- протест на членовите на синдикатот ПАМЕ пред зградата на парламентот во Атина, 01.05.2020

Во Грција неколку стотини членови на комунистичкиот синдикат ПАМЕ денеска излегоа на демонстрации пред парламентот во Атина, а насобраните стоеја на физичка дистанца препорача за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Во други земји, како Финска на пример, традиционалните пикници беа заменети со преноси во живо од рестораните кои одржуваа часови за правење коктели, а ја доставуваа до домашни адреси храната која традиционално се подготвува за Први мај.

Конгресот на британските синдикати ги откажа јавните собири и побара од луѓето да постираат видеа на социјалните мрежи со кои им се заблагодаруваат на „работниците кои прават разлика“ пред се на вработените во Националниот здравствен сервис.

Најголемиот синдикат во Данска почна кампања на социјалната мрежа Фејсбук под слоганот „Заедно сме посилни, но секој останува безбеден одделно“ додека синдикатите во Мароко и Тунис ги охрабрија луѓето да го одбележат Први мај онјалн.

Италијанците традиционалниот концерт на плоштадот во Рим го заменија со виртуелен перформанс кој се емитува во живо на јавниот сервис.

МВР: запленета поголема количина оружје и хероин во Скопје

Илустрација
Илустрација

Три автоматски пушки, една снајперска пушка, два автоматски пиштоли со пригушувачи, рамки со муниција, една полуавтоматска пушка, оружје кое потекнува од кражба од продавницата за оружје, вчера беа пронајдени во Скопје.

Како што информираше МВР, оружјето вечера било пронадено во бункери, денеска при пребарување на теренот во специјално направен бункер биле пронајдени 2,5 килограми хероин.

„Бирото за јавна безбедност- Оддел за криминалистичка полиција во координација со СВР Скопје- Единица за недозволена трговија со дрога синоќа и денеска со наредба на судија на претходна постапка од Основен суд Скопје 1, презеде мерки и активности на локација на улица Алпи во Скопје и во специјално направени бункери пронајде повеќе видови оружје, се наведува во соопштението на полицијата“, информираа од МВР.

Пендаровски: Ако цената да влеземе во ЕУ е да не бидеме Македонци, не ни треба ЕУ

Архивска фотографија- претседателот Стево Пендаровски
Архивска фотографија- претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска реагира на изјавата на Бугарија приложена кон заклучоците од Советот за општи работи на Европската унија.

„Ако цената да влеземе во Европската унија е да кажеме дека не сме Македонци и да кажеме дека нашиот јазик се именува некако поинаку освен македонски јазик, не ни треба Европската унија“, вели Пендаровски во интервјуто за емисијата „360 степени“.

Инаку во изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март меѓудругото се бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, во меѓународни организации земјава да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, се бараат иконкретни работи и политичка вклученост во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка Софија бара да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска рече дека бугарската изјаваунилатерален став на една земја членка.

„При тоа воошто не се обидувам да го омаловажам или пак да го спорам тој став бидејќи секоја земја членка има право на свој став, како што имаме ние право на свој став, и да објаснам дека ние сме свесни дека правилата на игра во ЕУ се такви“, рече Османи.

Тој додаде дека секоја земја членка може да ги стопира или блокира преговорите, но оти треба мудро да се однесуваме за да најдеме начин да ги надминеме.

ССМ задоволен од владината одлука да не се отпуштаат работници

Илустрација- логото на Сојуз на синдикати на Македонија
Илустрација- логото на Сојуз на синдикати на Македонија

Социјалниот дијалог што го води ССМ со Владата и аргументираните барања даваат резултати, истакнува Сојузот на синдикати во соопштението кое следува по објавата на Владата дека се изменети двете уредби кои во изминатите денови наидоа на жестоки реакции од страна на синдикалните организации.

„Првомајска победа на ССМ. Стоп за можноста за отпуштање на работници. Ги враќаме назад отпуштените работници од почетокот на кризата“, пишува во соопштението од ССМ.

Од синдикатот наведуваат дека уредбите на денешната владина седница биле донесени по предлог на ССМ и други синдикати.

Претходно владата соопшти дека денеска донела уредба со која работодавачите кои ќе користат финансиска поддршка за исплата на плати не смеат да го намалат бројот на вработени во април, како и два месеца по завршување на мерката, односно заклучно со јули.

До ова дојде откако неделава министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека владата одлучила да има нови правила за користење државна помош наведувајќи дека фирмите кои ќе користат може да отпуштаат вработени, што предизвика силни критики од синдикатите и невладините организации.

Бајден ги негира наводите за сексуална злоупотреба

Архивска фотографија- кандидатот на Демократската партија Џо Бајден
Архивска фотографија- кандидатот на Демократската партија Џо Бајден

Најверојатниот кандидат од американската Демократска партија за претседател на Соединетите Американски Држави Џо Бајден во денешното интервју за кабелската телевизија МСНБЦ одговори на обвинувањата од Тара Рид, жена од Калифорнија која тврди дека тој сексуално ја злоупотребувал во 1993 година, кога работела како асистент во неговата канцеларија во Сенатот.

„Ви кажувам недвосмислено, тоа никогаш, никогаш не се случило“, рече Бајден.

Инаку, 77 годишниот Бајден е и поранешен американски потпретседател.

Во Дебар нема новозаразени со коронавирус

Архивска фотографија- Дебар во карантин
Архивска фотографија- Дебар во карантин

Според официјалните податоци, што беа соопштени денеска, за состојбата со коронавирусот во државава, потврдено е дека во Дебар нема новозаразени, а негативен е и тестот на последниот случај кој беше присутен во градот.

„Во нашиот град повеќе немаме новозаразени од опасниот вирус. И за последниот случај што го имавме вториот контролен тест излезе негативен, што значи дека и тој е впишан во списокот на лицата кои ја добија битката со овој вирус. Вкупната бројка на заразени останува 51 од кои двајца од Центар Жупа. За жал четворица од заболените починаа“, изјави за МИА градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Посочи дека нема лица ниту во изолација, ниту пак во самоизолација. Дука, кој раководи и со општинскиот Оперативен штаб сепак апелира до граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и мерките на надлежните, затоа што, како што додава „битката е добиена, но не и војната со невидливиот непријател“.

Инаку дебрани и понатаму се мошне доследни во почитувањето на препораките и мерките. Забраната за движење во периодот од речиси два месеца ја прекршиле помалку од десет лица. Од Оштата болница си замина и последната, четврта група лекари специјалисти кои доаѓаа од Скопје и од други градови за да помогнат во справувањето со коронавирусот.

СЗО на Снепчат и ТикТок на тинејџерите ќе им ги разјаснува митовите за Ковид19

Илустрација
Илустрација

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека работи со компаниите во чија сопственост се социјалните медиуми во обид да се спречат дезинформациите поврзани со пандемијата од коронавирусот, а најголемо внимание се посветува на апликации кои го користат тинејџерите.

СЗО соопшти дека почнале соработка со Снепчат и ТикТок за да може да стигнат до што поголем број млади корисници на социјалните мрежи. Анди Патисон, шеф во СЗО за дигитални медиуми, рече дека се борат со дезинформации секојдневно, нагласувајќи дека лажните вести се шират многу брзо.

Од организацијата велат дека се обидуваат да се пресметаат со дезинформациите со ширење на научно поткрепени пораки на дигиталните апликации.

Спречени повеќето првомајски собири во Турција

Истанбул- цвеќиња оставени пред полицијата, 01.05.2020
Истанбул- цвеќиња оставени пред полицијата, 01.05.2020

Плоштадите во Турција главно останаа тивки на Меѓународниот ден на трудот поради полицискиот час воспоставен поради коронавирусот. Властите им дозволија на некои синдикати да положат цвеќе на симболични места. Само во Истанбул околу 45 000 полицајци беа на улиците за да спречат собири и покрај полицискиот час. Претходно најмалку 45 луѓе беа приведени во Истанбул и Анкара откако ги прекршиле правилата на движење донесени како мерки за спречување на коронавирусот.

Полицијата, како што јавуваат агенциите, го опколила седиштето на левичарскиот работнички синдикат ДИСК и ги спречила неговите членови, кои носеле цвеќиња во рацете и извикувале слогани да маршираат низ Истанбул.

Протести за Први мај во Грција со неопходната физичка дистанца

Грција- протест на членовите на синдикатот ПАМЕ пред зградата на парламентот во Атина, 01.05.2020
Грција- протест на членовите на синдикатот ПАМЕ пред зградата на парламентот во Атина, 01.05.2020

Неколку стотини членови на грчкиот комунистички синдикат ПАМЕ денеска излегоа на демонстрации пред парламентот во Атина, а насобраните стоеја на физичка дистанца препорача за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Повеќето демонстранти носеа црвени маски, а на Меѓународниот ден на работниците побараа тие да не ја платат цената за глобалната економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

Стотици работници исто така излегоа и на улиците на други грчки градови и речиси секаде ја држеа неопходна физичка дистанца. Сите други грчки синдикати ги откажаа протестите поради пандемијата.

Влада: изменета е уредбата, се оневозможува неправедно бркање од работа

Архивска фотографија- владина седница
Архивска фотографија- владина седница

Работодавачите кои ќе користат финансиска поддршка за исплата на плати не смеат да го намалат бројот на вработени во април, како и два месеца по завршување на мерката, односно заклучно со јули. Ова, како што јавува МИА, е измената на Уредбата за финансиска поддршка за плати што Владата ја усвои денеска на продолжението на 48-та седница.

Од владата појаснуваат дека работодавачот не смее да го намали бројот на вработени освен во случај на пензионирање и смрт на работник, откажување на договорот за вработување од страна на работникот, откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски, спогодбено преземање на работник, престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

„Уредбата определува дека вкупниот број на вработени на кои исклучиво по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од 15 отсто кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, 10 отсто кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и пет отсто кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка“, се наведува во соопштението од Владата.

Неделава министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека владата одлучила да има нови правила за користење државна помош наведувајќи дека фирмите кои ќе користат може да отпуштаат вработени. Првично важеше правилото ако користи владина помош, работодавачот мора да го задржи истиот број на вработени два месеца по користење на мерката, односно до јули.

На ваквата владина одлука реагираа повеќе синдикати и невладини организации, оценувајќи ја како неприфатлива.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG