Достапни линкови

Вести

Курти го извести Лајчак дека лично ќе го предводи косовскиот тим за преговори со Србија

Вршителот на должноста премиер на косовската Влада, Албин Курти
Вршителот на должноста премиер на косовската Влада, Албин Курти

Вршителот на должноста премиер на косовската Влада, Албин Курти, го извести новоименуваниот специјален претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Приштина и Белград и за Балканот, дека тој како премиер е обврзан, според косовскиот Устав, да го формира тимот за преговори со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Курти му ги изнел на Лајчак плановите за формирање сеопфатен тим, во кој, покрај него, како претседавач, би требало да членуваат претседателот на државата Хашим Тачи, собраниската спикерка Вјоса Османи, како и претставници на косовските политички партии.

Путин ги повика министрите и регионалните лидери да се спремат за борба против коронавирусот

Рускиот претседател Владимир Путин а време на видео-конференција од неговата резиденција кај Москва
Рускиот претседател Владимир Путин а време на видео-конференција од неговата резиденција кај Москва

Рускиот претседател Владимир Путин им кажа на министрите и на регионалните лидери да се подготват за борбата против коронавирусот.

„Сега треба да се подготвиме да се бориме за животот на секој човек во секој регион“, рече Путин за време на видео-конференција од неговата резиденција кај Москва.

Тој нагласи дека земјата спроведува мерки за спречување на ширењето на болеста.

Во Русија досега има скоро 8700 заболени и 63 починати од вирусот. Сепак, критичарите се сомневаат во точноста на бројките и сметаат дека тој број може да биде многу поголем.

Путин најави поголеми плати и бонуси за медицинскиот персонал кој се бори против коронавирусот.

Во однос на економијата, тој рече дека „практично не постои такво нешто како целосно затворање на бизнисите“ и покрај ограничувањата и пречките со кои се соочуваат.

„Мора да сфатиме какви штети и деструктивни последици може тоа може да предизвика“, рече тој. Путин посочи дека сфаќа оти е тешко цело време да се остане затворен во четири ѕида. „Но, немаме друг избор“, рече тој, посочувајќи дека ова се пребродува токму преку самоизолација.

За на лекар не треба дозвола во полициски час, организиран превоз за тие што одат на работа, во автомобил максимум тројца

Центарот на Скопје за време на полицискиот час кој сега започнува во 16 часот во обид да се запре ширењето на коронавирусот
Центарот на Скопје за време на полицискиот час кој сега започнува во 16 часот во обид да се запре ширењето на коронавирусот

Ако граѓаните имаат потреба од итна медицинска помош за време на полициски час, можат без никаква дозвола да појдат до здравствена установа. Доколку бидат запрени од полиција потребно е да кажат каде одат, а доколку тоа го злоупотребат ќе следат санкции.

Ова денеска го соопшти дополнителната заменичка на министерот за внатрешни работи Славјанка Петровска, одговарајќи на прашање на информативната видеосесија на Владата. Таа рече дека во таков случај граѓаните не треба да се јавуваат на 192 ниту да бараат дополнителна дозвола за движење.

Земјоделците кои извршуваат работи на нива во атарот на нивните села, нема да имаат потреба од дозвола за движење, но ако нивите им се надвор од селото, треба да побараат дозвола за движење во полициски час преку Министерството за земјоделство.

За луѓето што имаат дозволи да одат на работа, пред сè за вработените во здравствени установи, а кои не можат сами да се организираат за превоз за време на полицискиот час, во соработка со Град Скопје ќе се организира превоз со возила на ЈСП и со други возила, соопшти министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.

Такви тури ќе бидат организирани и во други градови и притоа ќе покриваат што поголема територија.

Манчевски рече дека во Скопје се организирани дежурни такси-возила кои може да превезуваат граѓани од нивниот дом до некоја здравствена установа во време на полициски час ако имаат потреба, и оние граѓани кои имаат дозвола за движење.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, рече дека фирмите кои работат во смени може да издаваат дозволи за своите вработените кои ќе важат само за одење и доаѓање од работа. МВР ќе има право да ги контролира вработените и ќе може да ги санкционира доколку ги злоупотребуваат.

Тој рече дека во време на полицискиот час ќе можат да работат и сите ресторани и маркети што вршат он-лајн продажба и испорачуваат храна.

Во врска со извршувањето на работни задачи на терен, заменичката-министерка Петровска рече дека постои ограничување и во еден автомобил не смеат да се возат повеќе од тројца и во оваа бројка се смета и возачот, и дека освен заштитната опрема, потребна и соодветна дозвола кои ги издаваат работодавачите за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место.

Досега во земјава се регистрирани 617 заболени од новиот коронавирус. Од нив, 29 луѓе починале, а 35 досега се излекувани.

Светската трговија може да падне за една третина годинава

Седиштето на СТО.
Седиштето на СТО.

Светската трговија оваа година ќе забележи пад меѓу 13 и 32 отсто поради пандемијата на коронавирусот, што е повеќе отколку во 2008 година кога изби светската финансиска криза, оцени денеска Светската трговска организација (СТО).

Трговската размена, која веќе е отежната поради тензиите меѓу Кина и САД, и неизвесноста поврзана со Брегзит, ќе забележи двоцифрен пад во речиси сите региони во светот, а Азија и Северна Америка би можеле да забележат пад од над 40 отсто. Европа и Јужна Америка може да забележат пад од над 30 отсто.

Генералниот директор на СТО, Роберто Азаведо, ги повика политичките претставници да почнат да прават планови за периодот после епидемијата. Според СТО, оваа криза „веројатно ќе има поголеми последици за трговијата отколку меѓународната финансиска криза од 2008 и 2009 година.

Уште две лица од Штип оздравени од коронавирусот

Илустрација: Поглед на Штип
Илустрација: Поглед на Штип

Министерството за здравство информира дека денеска попладне се регистрирани уште две лица од Штип оздравени од Ковид-19, кои со лесна слика на болеста беа на домашно лекување, а под постојан надзор на лекарскиот тим од болницата во Штип.

Кај овие лица, согласно протоколот, беа направени два контролни теста и тие покажаа негативен резултат на коронавирусот, соопшти Министерството за здравство, пренесувајќи информации од Институтот за јавно здравје.

Во моментов во болницата во Штип од Ковид-19 се лекуваат четири пациенти, а Штипската болница следи уште 14 пациенти со лесна форма на болеста кои се на домашно лекување.

Досега во земјава се регистрирани 617 заболени од новиот коронавирус. Од нив, 29 луѓе починале, а 35 досега се излекувани.

Петмина шумски работници загинаа во експлозија во Турција

Илустрација
Илустрација

Петмина шумски работници кои оделе на работа загинаа од експлозија на импровизирана експлозивна направа во близина на градот Кулп, југоисточна Турција.

Локалните власти за експлозијата ги обвинија бунтовниците од провинцијата Дијарбакир, кои во минатото изведуваа слични напади.

Како што пренесуваат турските медиуми, војската започна акција за да ги пронајде напаѓачите.

Курдистанската работничка партија (ПКК) честопати правеше немири во тој дел на Турција, претежно населен со Курди, во кои настрадаа неколку десетици илјади луѓе.

Берни Сандерс се откажа од претседателската трка во САД

Американскиот сенатор Берни Сандерс
Американскиот сенатор Берни Сандерс

Американскиот сенатор Берни Сандерс денеска објави дека ја напушта трката за кандидат на Демократската парија за претседателските избори што треба да се одржат во ноември годинава.

Сандерс, кој има 78 години, призна дека неговиот една година помлад ривал, поранешниот потпретседател Џо Бајден, има преголема предност во таа трка и не е реално да се надева дека може да го стигне.

Објавата на сенаторот од Вермонт значи дека Бајден речиси сигурно ќе му се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп на изборите на 3 ноември.

На внатрепартиските избори, Бајден беше во водство пред Сандерс.

Се урна уште еден мост во Италија

Се урна мост на реката Магра во регионот Тоскана во Италија
Се урна мост на реката Магра во регионот Тоскана во Италија

Мост на реката Магра во регионот Тоскана во Италија денеска се урна, што е најнов случај на уривање на инфраструктурни објекти во земјата по долгогодишно запоставување.

Во моментот на уривање на мостот имало само два камиони, со оглед на тоа што сообраќајот во Италија е драстично намален поради забраната за движење заради сузбивање на епидемијата од коронавирусот.

Според италијанските медиуми, еден од возачите е однесен во болница.

Италијанската агенција за патишта Анас минатата година испрати инспектори да ја проверат безбедноста на мостот, откако се појавија пукнатини по силните дождови. Тие одлучиле дека мостот може да се користи за сообраќај, пренесува АНСА.

Италијанските власти се уште го обновуваат мостот Моранда во Џенова, кој се урна во август 2018 година во невреме, при што загинаа 43 луѓе.

Во ноември 2019 се урна дел од вијадуктот на патот меѓу Савона и Торино, поради свлечиште предизвикано од силните дождови, но немаше жртви.

Турска помош од маски, скафандери и тестови пристигна во земјава

Турски воен авион попладнево во Скопје донесе помош во медицински материјали за справување со коронавирусот
Турски воен авион попладнево во Скопје донесе помош во медицински материјали за справување со коронавирусот

Турски воен авион попладнево во Скопје донесе помош во медицински материјали за справување со коронавирусот. Помошта се состои од 50 илјади заштитни медицински маски, 1.000 заштитни скафандери, 1.000 дијагностички тестови и друг медицински материјал.

Турскиот амбасадор Хасан Мехмет Секизќок му ја предаде медицинската донација на шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој се заблагодари за помошта.

„Нашите народи со векови живееле заедно на Балканот и во Македонија која е во срцето на Балканот и секојпат го задржала своето место во срцето на Турција и турскиот народ. Ние ги уважуваме поимите братство и пријателство и сè што е во тој дух“, рече турскиот амбасадор.

Одложување на казните затвор за лицата осудени до три години

Илустрација: Затворот во Куманово
Илустрација: Затворот во Куманово

Одложување на извршување на казната затвор на лица осудени до три години и тоа до 1 септември 2020 година, освен за предметите каде постои опасност за застарување на казната, предвидува Уредбата со законска сила, што Владата ја донесе на 38. седница во врска со примената на Законот за извршување на санкциите за време на вонредна состојба.

До 1 септември 2020 година се одложува и извршувањето на упатните акти, кои се веќе доставени до казнено-поправните установи, освен за упатните акти за кои се веќе издадени меѓународни потерници.

Лицата кои се во притвор, по правосилноста на пресудата веднаш се упатуваат на издржување на казната затвор.

Предлог Уредбата, како што се наведува во владиното соопштение се донесува заради заштита од ширењето на коронавирусот во казнено-поправните установи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG