Вести
Кривични пријави за повеќе од 500 луѓе кои не ги почитувале мерките против коронавирусот
Јавното обвинителство досега поднело кривични пријави против повеќе од 500 лица за непочитување на мерките за спречување или сузбивање на болеста Ковид-19.
Само во Скопје се пријавени 178 лица кои не ги почитувале пропишаните мерки. Пријави се поднесени и за граѓани на Дебар, Прилеп, Битола, Куманово, Струмица, Гостивар, Тетово, Гевгелија, Кавадарци, Делчево, Радовиш, Берово, Свети Николе, Штип, Охрид, Кичево, Струга и Кочани.
Збирната информација за поднесените пријави, објавена на веб страницата на Јавното обвинителство се однесува на периодот од 17 март до 7 април и секојдневно се ажурира.
Словенија ќе укинува дел од анти-корона мерките
Словенечкиот премиер Јанез Јанша најави дека од следниот вторник ќе почнат со постепено укинување на ограничувањата воведени со цел да се спречи ширењето на коронавирусот.
Словенечката Влада, меѓудругото, подготвува план за постепено активирање на некои производствени, услужни и транспортни капацитети.
„Ја разгледуваме можноста за отворање на оние претпријатија кои можат да обезбедат работа, следејќи ги препораките за ограничувањето на раздалеченоста на луѓето, како и дезинфекција на рацете и носење заштитни маски“, изјави Јанша.
Јанша кажа дека има план и за намалување на ограничувањето на движењето на луѓето.
Скопјанец заразен од коронавирус починал на пат кон болница
Маж на 45 години од Скопје заразен со коронавирус починал на пат кон болницата „8 Септември“, соопшти владината прес служба повикувајќи се на дополнителната информација од Институтот за јавно здравје. Тој бил тестиран и потврден позитивен на Ковид-19 преку Ветеринарен факултет.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата претходно информираше дека во изминатото деноноќие починале пет луѓе од коронавирус, четворица на Клиниката за инфективни болести (од нив еден од Куманово, од Лабуништа, од Челопек, од Штип) и уште еден пациент починал во Куманово. Со последниот случај бројот на починати се искачи на 27.
Крај на блокадата на Вухан
Кинеските власи ја укинаа целосната блока на Вухан, градот со 11 милиони жители во кој почна пандемијата со Ковид-19.
Стотици патници на железничката станица во Вухан чекаа да дојде полноќ (16 часот по средноевропско време) за да го напуштат градот со воз.
Од 23 јануари беше воведена целосна блокада во градот од кој никој не смееше да излезе. Целиот сообраќајот оттогаш потполно беше запрен, но во последните денови линиите се обновуваат.
Враќањето на нормалниот живот во Вухан се смета како важен сигнал дека Кина е кон крајот на кризата предизвикана од вирусот. Во Кина се регистрирана над 80 илјади заразени со Ковид-19, од нив нас 50 илјади беа во Вухан.
Трамп - „СЗО навистина ја оплеска“
Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше Светската здравствена организација, обвинувајќи дека се премногу фокусирани на Кина и дека даваат лоши совети за време на пандемијата од коронавирус.
„СЗО навистина ја оплеска“, напиша Трамп на Твитер.
„Од некоја причина, во голема мера финансирани од САД, а повторно фокусирани на Кина. Добро ќе го разгледаме тоа. За среќа, го одбив нивниот совет за оставање на нашите граници кон Кина отворени. Зошто дадоа таква погрешна препорака“, напиша тој.
Уште на 31 јануари СЗО ги советуваше државите да ги остават отворени границите и покрај ширењето на вирусот, додавајќи дека државите и понатаму имаат право да воведат мерки за да ги заштитат своите граѓани. Истиот ден администрацијата на Трамп најави забрана за летови за Кина. Американските конзервативци упорно ја критикуваат СЗО од почетокот на пандемијата, со тврдење дека се базираат на погрешни податоци од Кина.
Грција нема да ги олабави корона-мерките до крајот на април
Во Грција бројот на починати од коронавирус изнесува 81, додека пак во изминатите 24 часа биле регистрирани 77 нови случаи, односно од почетокот на епидемијата вкупно 1.832 се заразени со коронавирусот. Во земјата се анализирани 28.584 примероци, а од потврдените позитивни случаи 55 отсто се мажи.
Досега 23.356 граѓани биле ставени во 14-дневен карантин.
Грчките власти велат дека не е лесно да се олабават превентивните мерки и забраната за движење и дека тоа сигурно нема да се случи пред 27 април, до кога и официјално се во сила.
Пендаровски и Столтенберг зборувале за справувањето со коронавирусот
Претседателот Стево Пендаровски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска телефонски разговарале за потребата од здружување на силите за успешно справување со корона-кризата која има не само здравствена, туку и социјална и економска димензија.
Од НАТО соопштија дека Столтенберг истакнал дека Алијансата е решена да продолжи да ја игра својата улога во борбата против пандемијата на Ковид -19.Тој потсетил дека министрите за одбрана ќе се состанат подоцна овој месец на вонредна сесија преку видео конференција за да разговараат за тоа како НАТО може да ја засили поддршката на цивилните напори во справувањето со последиците од пандемијата. Столтенберг истакнал дека додека сите сојузници се погодени од кризата, некои се во можност да ги распределат ресурсите со цел да им помогнат на другите кои имаат потреба, вклучително и на Северна Македонија.
На Македонија помош во опрема и даде Унгарија, Словенија, Холандија, САД даде пари за ублажување на ширењето на коронаовирусот, Норвешка донираше медицински материјали за Македонија.
Од Кабинетот на претседателот Пендаровски соопштија дека тој го информирал генералниот секретар Столтенберг за состојбата со спречување и справување со последиците од пандемијата на Ковид-19 во Северна Македонија и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции. Соговорниците разговарале за активностите кои НАТО ги презема со цел оваа здравствена криза да не премине во безбедносна, осврнувајќи се притоа на сè поприсутните дезинформации и начините за справување со истите.
Прекинати разговорите за ослободување на затвореници во Авганистан
Талибанците ги прекинаа разговорите со авганистанската влада за размена на затвореници, што претставува главен чекор во мировните преговори кои се водат со посредство на Соединетите Американски Држави.
Портпарол на политичката канцеларија на Талибанците во Катар, Сухејл Шахин на официјалнит Твитер профил напиша дека техничкиот тим нема да учествува на бесплодните состаноци. Талибанците ја обвинија администрацијата на авганистанскиот претседателот Ашраф Гани дека со изнаоѓање изговори го одложува ослободувањето на затворениците.
Од друга страна пак и авганистанскиот Совет за национална безбедност во Кабул, ги повика Талибанците да не го саботираат процесот користејќи изговори.
Двете страни од минатата недела одржуваат разговори за го финализираат планот за ослободување на атворениците. Прекинувањето на разговорите може да доведе до ескалација на насилството, што пак може да го загрози планот за повлекување на американските трупи според договорот потпишан од САД и Талибанците во главниот град на Катар, Доха, на 29 февруари.
Договорот во Доха повикува авганистанската влада да ослободи 5.000 талибански борци како мерка за градење доверба пред официјалните мировни преговори со цел да се стави крај на 18-годишниот конфликт.
Талибанците пак ветија дека ќе ослободат околу 1.000 луѓе, дел од авганистанските владини трупи и цивилни работници кои ги држат во заробеништво.
Полициски синдикат - На полицијата ѝ е потребна поголема заштита од коронавирусот
Македонскиот полициски синдикат бара поголема заштита на припадниците на МВР по појавата на неколку случаи на заболени од коронавирусот, и еден починат.
Синдикатот од Министерството за внатрешни работи бара итна распределба на заштитна опрема и средства за дезинфекција кои МВР ги доби како донација во изминатиот период, подеднакво за сите вработени во Министерството, а со забрзано темпо да се отпочне со неделна дезинфекција на сите простории каде припадниците на МВР ги извршуваат своите работни обврски и на службените возила.
Се бара и тестирање за коронавирусот на сите вработени во Министерството кои биле во контакт со заболените колеги.
Од овој Синдикат бараат и МВР да изготви и дистрибуира мини прирачник со инструкции за заштита од Ковид-19 на вработените во Министерството за време на извршување на своите службени задачи, доделување на еднократна финансиска помош во висина на една просечна плата на сите колеги кои се заболени од Ковид-19, како и на семејството на починатиот колега, а да се обезбеди и психолошка помош и поддршка на вработените кои се во изолација или самоизолација.
Влошена состојбата на родилката од Куманово заразена со Ковид 19
Влошена е состојбата на родилката од Куманово заразена со Ковид 19, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
„Таа се уште е респираторно самостојна, меѓутоа е со значително полоша клиничка слика“, рече министерот за здравство.
Таа се породи пред една недела, а бебето е негативно на вирусот. Родилката која има 27 години се породи на 30 март на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Филипче рече дена на Клиниката за инфективни болести сега има 67 пациенти, од кои шест се на механичка вентилација, а 12 се со потешка клиничка слика. Во градската општа болница „8 Септември“ хоспитализирани се 19 пациенти од кои тројца се на респираторна машина, а девет со потешка клиничка слика, а во Штип се хоспитализирани четворица пациети – еден со средно-тешка клиничка слика и тројца со лесна клиничка слика, информира Филипче.
Досега се спроведени 5879 тестирања, а кај сосема мал дел имало потреба од повторни тестирања, рече Филипче.
Тој честитајќи го Светскиот ден на здравјето, им порача на здравствените работници да го чуваат своето здравје и да се штитат и на работното место и надвор од него.
Министерот одговорајќи на новинарско прашање рече дека ниту едно именувано или избрано лице во Владата не е во групата кај кои постои индикација за тестирање за Ковид-19. Тој рече дека во моментов не се размислува на 14-дневен карантин, мерките се доволни, но можни се и поригорозни доколку има потреба.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете