Вести
Во општините Дебар и Жупа нема новозаболени од коронавирусот
Општинските кризни штабови во општините Дебар и Центар Жупа денеска информираа дека има видно намалување на бројот на лицата кои се во домашна изолација, а нови случаи на болни од Ковид 19 нема .
Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука изјави дека од над 216 изолирани лица моментално во домашна изолација се 98 , што значи дека другиот дел веќе ја завршија изолацијата и се слободни . Тој исто така соопшти дека нема нови заболени од коронавирус и бројката на болни останува на 49 од кои 4 се починати.
И градоначалникот на руралната општина Центар Жупа Арјан Ибраим за РСЕ изјави дека , во изолација се останати само 15 лица од вкупно над 35 лица што беа пред неколку дена . Тој потврди дека и покрај тоа што првите болни во земјава беа регистрирани токму во оваа општина и тоа 2 од кои еден пациент почина, нема ниту еден нов случај заболен од Коронавирус .
Првите луѓе на двете општини велат дека состојбата со коронавирусот како да се смирува, а големо значење во таквата состојба има почитувањето на мерките на Владата.
Нови 72 заболени од коронавирус во Македонија
Нови 72 случаи на заразени со коронавирусот регистрирани во земјав со што бројот на евидентирани порасна на 555 луѓе, соопшти денеска министерството за здравство. Бројот на починати денеска изнесува 18, што значи во изминативе 24 часа починало само едно лице. На Клиниката за инфективни болестинеколку часа по приемот во болница, почина маж од Лабуништа (Струга) на 63 годишна возраст донесен на клиниката со тешка клиничка слика.
По градови најмногу новозаболени има во Куманово 21, потоа во Скопје 14, а потоа и Тетово нови 12 заболени. Во моментов на Инфективната клиника се хоспитализирани 74 пациенти, 15 со тешка клиничка слика, 11 на механичка вентилација, другите пациенти се стабилни.
Мицкоски со пакет предлог економски мерки до Владата
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христина Мицкоски тврди дека мерките на Владата не се доволни за спречување на ширењето на коронавирусот. Тој на прес конференција побара да се тестираат што е можно повеќе луѓе и додаде така ќе може да се спасат повеќе животи. Мицкоски смета дека владините економски мерки не се доволни и дека сеповеќе декларативни отколку ефективни, како и нефер кон одредени компании. Тојповтори дека пред некој ден сам се понудил да оди во Владата и да ги понуди стручната анализи и предлози на ВМРО-ДПМНЕ.
„Затоа што гледам дека и треба помош на власта, недостигаток на искрена волја и гледам дека тие не ги ни разбираат работите што треба да ги преземат, за да ја спасат економијата. Навистина жалам што никој не најде доволно одговорност кај себе за да ја потисне непотребната политичка ароганција и да сослуша, што ние предлагаме“, изјави Мицкоски.
Тој го повтори ставот на партијата дека компаниите треба да добиваат поддршка до 50 проценти на бруто трошоците по вработен, потоа дека повтори дека требасредствата кои работодавачите ги уплаќаат во вториот пензиски фонд да ги уплаќаат во првиот задолжителен фонд од 1 април и на тој начин да обезбедат ликвидност на првиот задолжителен фонд, а во подобри времиња да ги вратат во вториот пензиски фонд.
Благајничките записи во Народната Банка под итно сите или дел од нив да бидат пренесени и да ги запише во хартии од вредност и со тоа да обезбеди 25 милијарди денари инјекција за македонското стопанство па потоа нека продолжи да бара надвор пари за санирање на штетите од пандемијата, бара Мицкоски. Тој бара и репрогамирање на државните долгови, односно Владата да почне преговори со заемодаватели на државата, за тоа што треба годинава да го вратиме, да се одложи за догодина.
Русија отвори истрага за лажни вести за коронавирусот
Во Русија е отворена правата истрага со која кривично ќе се гони за сомневања за ширење на лажни информации за новиот коронавирус по само два дена откако претседателот Владимир Путин потпиша нов закон со кој се казнува дезинформирањето на јавноста.
Активистката од Санкт Петергург Ана Шушпанова на својот фејсбук профил напиша дека вчера полицијата извршила претрес во нејзиниот стан и дека и ги одзеле компјутерот и телефоните, откако таа изразила загриженост на социјалните медиуми за несоодветните мерки за карантин во клиниката во градот каде што живее. Таа посочила дека засега ја третираат како сведок во истрагата.
Во Русија со последните нови 582 случаи бројот на вкупно заразени од Ковид 19 изнесува 4 700, додека бројот на починати изнесува 43. Критичарите тврдат дека реалниот број е поголем и дека властите не известуваат доволно за реалното ширење на вирусот во земјата.
Куманово бара помош од Владата
Кумановскиот кризен штаб бара од Комисијата за заразни болести во министерството за здравство да направи пресек на состојбата во Општа болница Куманово за бројот на позитивни случаи од персоналот во болницата по одделенија и да даде свое видување за функционалноста на капацитетите на болницата во овие околности. Во продолжение на општинското соопштение упатено е и барање и до Министерство за надворешни работи за список на лица од Куманово, кои се најавени да се вратат во Република Северна Македонија.
Општината Куманово бара од кризниот владин штаб да задолжи лице од Министерство за труд и социјална политика, кое директно ќе се вклучи во работата на ОШЗС.
Куманово викендов со забрана за движење
Последните податоци на Институтот за јавно здравје покажуваат дека Куманово, после Дебар е втор град по големнина на број на заболени по глава на жител. Од 483 регистрирани заразени со коронавирусот 93 се од кумановската околина, додека од скопската се 221 вкупно заболен.
Нови 53 заразени од Ковид 19 и пет смртни случаи во Македонија
Пендаровски:Поригорозни мерки само ако надлежните проценат дека има потреба
Најголемиот мој страв беше и останува во делот на економијата, особено приходната страна на буџетот. Се разбира, тука не ја вбројувам загриженоста за здравјето и животите на нашите граѓани, што е апсолутно наш најголем приоритет, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за порталот Фактор. Тој вели дека пандемијата е најсериозниот предизвик со кој се соочува земјава, но и целиот свет затоа што пандемијата која излезе од здравстевниот сектор почна да ја притиска и глобалната економија.
„ Глобални зарази имало и порано, но тие никогаш не ги погодиле и најсиромашните и најбогатите земји на светот во исто време, така што, практично, немате дел од планетата од каде што може да побарате помош. Отежнувачка околност е што лек за болеста нема, а дури и најоптимистичките сценарија за пронаоѓање и примена на вакцина шпекулираат со крајот на годината, “ вели Пендаровски.
Претседателот истакнува дека евентуално воведување порадикални мерки ќе се случи само ако постои таква проценка од надлежните органи, според кои, како што вели, досега применуваниот концепт дава резултати и спречува геометриска прогресија.
Тој додава дека споредбено со регионот и со европските земји, Македонија е далеку од најзагрозената група на држави. Пендаровски истакна дека до сега од ЕУ земјата доби 6,5 милиони евраинтервентна помош за справување со вирусот и најмалку 50 милиони евра во следните неколку месеци за поддршка на бизнис секторот и на на ранливите категории на населението. Дополнително откако станавме членка на НАТО, Алијансата го активираше својот механизам за кризни ситуации со кој им дава комплетна логистичка поддршка на своите членки при траснпортите на медицинска опрема и медицински персонал, вели Пендаровски.
Платеното породилно отсуство ќе трае до истекот на вонредните мерки
Породилното платено отсуство ќе се продолжи се до истекот на владините вонредни мерки. Министерството за труд и социјална политика соопшти дека родителите кои користат право на породилно отсуство поради нега на новородено или посвоено дете ќе биде и натаму продолжено и платено од државата се додека се на сила вонредните владини мерки. Владата донесе уредба со законска сила со која отсуството од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, продолжува да тече и надоместокот на плата продолжува да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус COVID-19.
„Продолжувањето на породилното отсуство ќе се регулира преку Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“ се вели во соопштението од министерството.
Најмалку 27 исчезнати од тракт во невреме кај Соломонските Острови
Најмалку 27 патници од траект се водат како исчезнати во невремето кое ги погоди Соломонските Острови, во време кога оваа пацифичка островска држава настојува да го спречи продорот на пандемијата на коронавирусот.
Траектот, и покрај налетот на циклонот Харолд, ги превезувал жителите до нивните острови, што е една од мерките што ги преземаа властите на земјата во борбата против коронавирусот.
„На бродот имало 738 патници, вклучувајќи ја и посадата, но по пребројувањето е потврдено дека исчезнале 27 луѓе“, соопштија претставници на полицијата.
Очевидци рекоа дека силниот ветар и брановите ги однеле патниците од палубата. Соломонските Острови се наоѓаа во југозападниот Пацифик. Имаат околу 600 илјади жители и досега ниеден случај на коронавирус. Земјата се обидува да го спречи продорот на болеста на нејзина територија поради ограничената медицинска инфраструктура.
Почина Рафаел Каљехас, поранешниот претседател на Хондурас
Поранешниот претседател на Хондурас, Рафаел Каљехас, почина од срцев удар на 77-годишна возраст, соопшти неговото семејство.
Тој починал вчера во Атланта во САД, каде што му се судеше поради скандалот во Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).
Каљехас беше член на комитетот за телевизија и маркетинг на ФИФА.
Тој во 2016 година ја призна вината за рекетирање при продажбата на телевизиските и маркетиншки права од светските првенства во 2014, 2018 и 2022 година. Каљехас беше претседател на Хондурас од 1990 до 1994 година.
Трамп:Тешки недели не очекуваат со пораст на бројот на починати
Американскиот претседател Доналд Трамп предупредува дека следуваат најтешките недели во борбата против пандемијата со Ковид 19 и дека може да се очекува зголемување на бројот на смртни случаи. Во меѓувреме претседателката на Европската Комисија Урсула вон дер Лајер побара да се донесе „Маршалов план за Европа“ со цел им се помогне на европските земји да се справат со разорните ефекти од коронавирусот. Ваквите изјави на светските лидери доаѓаат откако бројот на заразени достигна 1,2 милиони луѓе, при што од компликации од болеста починаа речиси 65 илјади луѓе. Според досегашните податоци околу 250 илјади луѓе досега го прележале вирусот, односно оздравеле.
САД го зголемија бројот на тестирање со што досега потврдија вкупно 312 заболени со Ковид 19, по што станаа прва земја по број на заразени во светот.
„Ќе има многу смртни случаи, за жал, и Њујорк и Лузијана ќе бидат тешко погодени“ изјави Трамп на редовниот дневен брифинг за новинарите доцна синоќа.
Тој најави дека мерките за физичка дистанца ќе бидат пролонгирани до 30 април, но одаде дека се надева оти земјата наскоро ќе може „ да се врати на работа“.
„ Ние мора да се вратиме на работа, мора да се отвориме кон светот повторно. Ние не сакаме ова да го правиме со месеци и месеци“ изјави Трамп.
Во меѓувреме претседателската на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен посочи дека планирањето и трошењето пари во Унијата треба да ја отслика потребата за солидарност и прилагодување кон кризата со коронавирусот.
За германскиот весник Велт ам Зонтаг, дер Лајен вели дека „Маршаловиот план за Европа“ треба да биде една масовна европска програма за обнова налик на американската за Западна Европа по Втората светска војна.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете