Вести
ЕЦБ – Пад на економијата во еврозоната меѓу 5 и 12 отсто
Европската централна банка (ЕЦБ) очекува пад на БДП во земјите од еврозоната меѓу 5 и 12 отсто оваа година, како резултат на големата неизвесност околу економското влијание на коронавирусот, рече денеска шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард.
После таа силна рецесија би требало да уследи опоравување, доколку рестриктивните мерки постепено се укинуваат, меѓутоа брзината и обемот на тоа опоравување е многу неизвесни, рече Лагард на виртуелната прес-конференција.
„Еврозоната се соочува со економски пад чиј обем и брзина никога не се видени во време на мир“, рече таа.
Лагард рече дека итната програма на ЕЦБ за масовно откупување на јавниот долг може да биде продолжена и по 2020 година.
Според неа, падот на економијата во вториот квартал ќе биде уште поголем. Економскиот раст треба да се нормализира во наредните години, а опоравувањето ќе зависи од траењето на рестриктивните мерки.
Официјално – ПСЖ е шампион на Франција
Француската фудбалска лига денеска официјално ја прогласи сезоната за завршена, и го прогласи Пари Сен Жермен за шампион.
Со тоа, ПСЖ ја освојува титулата трета година по ред, а девети пат во својата историја.
Оваа одлука следува откако француската влада оваа недела соопшти дека до септември се забранети сите масовни собирања, поради што нема да продолжат професионалните спортски натпреварувања.
Најголемиот дел прволигашки клубови одиграа 28 од 38 натпревари, а пред прекинот на првенството Пари Сен Жермен беше на чело на табелата со 12 бода предност пред второпласираниот Марсеј со меч помалку.
Марсеј се квалификуваше за Лигата на шампиони, третопласираниот рен ќе игра квалификации за најелитното натпреварување, додека Лил ќе настапува во Лигата на Европа.
Лион, кој при прекинот беше седми на табелата, прв пат по две децении ќе пропушти некое европско натпреварување.
Амјен и Тулуз испаѓаат од првата лига, а на нивно место влегуваат Лорјен и Ленс.
Италија отвора два аеродроми по скоро два месеци
Италија денеска најави дека наредната недела ќе ги отвори аеродромите Ќампино во Рим и Перетола во Фиренца, кои беа затворени поради пандемијата на коронавирус.
Двата аеродроми, кои беа затворени на 13 март, повторно ќе бидат отворени на 4 мај.
Италија од понеделник ќе почне да ги ублажува мерките воведени поради спречување на ширењето на коронавирусот, а повторното отворање на аеродромите ќе овозможи да се провери новиот систем за спречување на ширењето на болеста, соопштија властите, без да дадат детали.
Пред затворањето, италијанските аеродроми воведоа систем на мерење на температура на патниците со термички камери.
Тачи му го додели на Хоти мандатот да ја формира новата влада на Косово
Претседателот на Косово Хашим Тачи попладнево му го додели на потпретседателот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Авдулах Хоти мандатот да ја формира новата влада, со оглед дека на актуелната, предводена од Албин Курти, на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според претседателскиот декрет, Хоти има рок од 15 дена да го поднесе до Собранието предлогот за составот на новата Влада.
Тачи објави дека го доделил мандатот на кандидатот на ЛДК за премиер, откако таа партија соопшти дека го обезбедила потребното парламентарно мнозинство за изгласување на новата влада.
Мандатарот Хоти тврди дека ќе ја формира владата заедно со Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај, со кои вчера и денеска ЛДК потпиша договори за коалиција, како и со Српската листа (СЛ) и со партиите на другите немнозински етнички заедници.
Партијата на вршителот на должноста премиер Албин Курти, Движењето самоопределување (ВВ), се противи на формирањето нова влада и тврди дека единствено уставно решение во ваква ситуација се вонредни парламентарни избори, кои би се одржале веднаш по надминувањето на кризата предизвикана од епидемијата на новиот коронавирус.
ВВ најави дека дејствијата на Тачи во правец на формирање на нова влада и нејзиното евентуално изгласување од страна на Собранието ќе ги оспори пред Уставниот суд на Косово.
Во Дебар петнаесетти ден нема новозаразени со коронавирусот
Во Дебар и во последното деноноќие, или петнаесетто по ред нема новодијагностицирани со „КОВИД-19“, потврдуваат официјалните податоци.
Тоа значи дека вкупниот број на заразени останува 51, од нив две лица од општина Центар Жупа.
„Од вкупно заболените 46 се оздравени, за жал, четири лица се починати, од нив три од Дебар и едно од Центар Жупа. Сè уште како заболено се води само уште едно лице кое се лекува во домашни услови. Првиот контролен тест кај него е негативен, а денеска се очекува да биде земен и вториот контролен тест. Во самоизолација се седум лица“, изјави градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, кој раководи и со општинскиот оперативен штаб.
Тој информираше дека во последното деноноќие безбедносната состојба е стабилна, не се регистрирани непочитувања на одлуката за забрана за движење, не се евидентирани нарушувања на јавниот ред и мир, кражби и сообраќајни незгоди.
Словенците повторно ќе можат да го користат јавниот превод од 11 мај
Портпаролот на словенечката Влада, Јелко Кацин, објави дека најверојатно јавниот превоз во земјата повторно ќе биде активиран на 11 мај.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, ваквата одлука е донесена по укинувањето на ограничувањето за граѓаните за движење само во општините на живеење. Освен редовниот автобуски и железнички сообраќај и возилата на јавниот превоз во Љубљана повторно ќе се сообраќаат на редовните линии.
Градоначалникот на Љубљана објави дека од утре повторно ќе се наплаќа паркингот во градот, за кој на почетокот на епидемијата беше донесена одлука да биде бесплатен.
Интерпол – Доставувачи на пица разнесувале дрога за време на изолацијата
Интерпол денеска предупреди на нов начин на работа на шверцерите, кои ги користат службите за доставување на пица за транспорт на дрога и оружје во земјите каде што беше воведена изолација поради пандемијата на коронавирус.
Шпанската полиција на почетокот на април уапсила седум лица, облечени како доставувачи на пица, кои всушност доставувале кокаин и марихуана со велосипеди, мотори или автомобили, се наведува во соопштението на Меѓународната полициска организација со седиште во Лион во Франција.
Дрогата била скриена во торбите за достава.
Освен во Шпанија, таа метода била применувана и во Ирска, Малезија и во Велика Британија, а доставувачите носеле кокаин, марихуана, кетамин и екстази.
Полицијата во Ирска пронашла осум килограми кокаин и две парчиња огнено оружје, скриени во картонски кутии за пица.
„Криминалците продолжуваат да се прилагодуваат во светот потресен од пандемијата на коронавирус“, рече претставник на Интерпол, кој ја истакна важноста полицијата да се предупреди на овие нови начини на шверц.
Сајбер напади врз членки на ЕУ во време на пандемијата
ЕУ ги осудува „малициозните” обиди за сајбер-напади врз земји на Унијата и критична инфраструктура за време на пандемијата со коронавирусот, јавува МИА од Брисел. Во име на ЕУ, високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Јосеп Борел информира дека од почетокот на пандемијата констатирани се бројни обиди и напади врз инфраструктури кои се од суштинско значење за справување со кризата. „Секој обид да се попречи работењето на критични инфраструктури е неприфатлив, сите одговорни веднаш да престанат со овие неодговорни и дестабилизирачки акции кои можат да загрозат животи, потребно е целиот свет да биде обединет во оваа глобална борба против вирусот, ова е прашање на хуманост и споделени вредности“, рече Борел.
Во соопштението на ЕУ не се прецизира од кои земји доаѓаат нападите, но се вели дека земјите членки интензивно соработуваат и разменуваат информации за да спречат секакви малициозни активности.
Според светските медиуми, обидите за напади доаѓаат главно од Кина и Русија, јави МИА од Брисел.
Се укинува матурата и завршниот испит за оваа учебна година
Се укинува државната матура, училишната матура и завршниот испит за оваа учебна година, одлучила Владата на денешната седница, објави министерот за образование Арбер Адеми на својот профил на Фејсбук.
Адеми посочува дека Владата на денешната седница усвои сет образовни мерки со кои се обезбедува непречено функционирање на воспитно – образовниот систем.
„Учениците од основните и средните училишта не се враќаат во училишните клупи до крајот на наставната година, а тековната учебна година до крај ќе продолжи да се реализира преку организирање на далечинско учење, односно учење од дома. Уписот на првачињата за учебната 2020/2021 година ќе се врши во јуни, а исто така се уредуваат и уписите на високообразовните установи“, посочува Адеми.
Сто отсто надоместок на плата за професионално заболување на здравствените лица
Фондот за здравство ќе плаќа по 100 проценти плата на сите здравствени работници кои директно се поврзани со справување со корона вирусот и кои го добиле заболувањето на своето работно место, соопшти денеска директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев. „Осигурените лица да бидат ослободени од партиципација ако се заболени од КОВИД-19. Таква одлука донесе Фондот за здравство, само требаше да се средат некои дополнителни работи. Имаше постоечки закони, но во тек се измени и се надевам дека тоа брзо ќе се заврши“, рече Дончев.
Тој додаде дека Министерството за труд и социјална политика ќе направи измени во прописите за тоа кои болести се сметаат за професионално заболување. Од Фондот претходно најавија дека на медицинските лица заразувањето ќе им се смета за професионално заболување.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете