Достапни линкови

Вести

Стадионот на Борусија Дортмунд станува центар за прегледи за луѓе со симптоми на коронавирусот

Стадионот на Борусија Дортмунд
Стадионот на Борусија Дортмунд

Германскиот фудбалски клуб Борусија Дортмунд претвори дел од својот ултрамодерен стадион во центар за прегледи од новиот коронавирус. Северната трибина на најголемиот германски стадион, кој има 82 илјади места, ќе биде користена за луѓе за кои постои сомневање дека се заболени или кои имаат симптоми на болеста.

Центарот ќе биде отворен утре и тука ќе се утврдува кој ќе оди во домашна изолација, а кој во болница.

Поради пренатрупаност на здравствените установи во Дортмунд со луѓе за кои постои сомнеж дека се заразени, беше одлучено прегледите да се обавуваат на отворено, на стадион, каде што има повеќе место и помала можност за пренесување на заразата од еден човек на друг, како кога чекаат за преглед во затворена просторија.

Јоханис апелира Романците од странство да не се враќаат за Велигден

Претседателот на Романија Клаус Јоханис испрати апел до романските државјани во странство да не се враќаат дома за велигденските празници поради епидемијата на коронавирус, пренесува Агерпрес.

Јоханис изрази жалење поради апелот кој морал да го упати до граѓаните на Романија.

„Овојпат, воскресението на нашиот Господ го опфаќа целото човештво во длабока криза. Оваа година ќе бидеме до нашите најблиски од далеку“, рече романскиот претседател.

Тавилах – Брзите тестови за коронавирус сè уште не се препорачуваат од СЗО

Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах
Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах

СЗО е исклучиво фокусирана на тестови за вирусологија и молекуларна дијагностика, бидејќи тоа е препорачан метод за идентификација на случаи со зараза. Серолошки тестови, како оние што се користат за испитување на имунолошкиот одговор на лицето кое се тестира, но не и на честичките на самиот вирус – како оние тестови кои се прават во некои приватни болници и лаборатории – моментално не се препорачани од СЗО за детекција на Ковид-19 и не се вклучени во спецификациите за тестови, кои се одобрени од СЗО.

Ова за МИА го истакна шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах, која истакна дека улогата на брзите тестови за антитела и за детекција на антигени на Ковид-19 сè уште е предмет на евалуација и не се препорачуваат од страна на СЗО за клиничко дијагностицирање и сè уште се чека за повеќе докази за перформансите на тестовите и нивната корист.

Таа рече дека само преку тестирање на вирусното оптоварување преку ПЦР може да се знае дали некој е заразен и има активна болест и кога некој е излечен.

Тавилах додава дека со брзите тестови не е можно да се каже кои се активни случаи кои треба да се во изолација и за кои треба грижа или за кои не треба тоа.

Таа рече дека Лабораторијата при Институтот за јавно здравје е соодветно опремена за откривање на Ковид-19, и оти е единствената во моментов, која е веродостојна.

Орбан нема да разговара за демократијата со Брисел, зафатен е со коронавирусот

Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска ѝ порача на ЕУ да се бори против коронавирусот наместо да се занимава со Унгарија и со него.

Неговата порака уследи после критиките кои ЕУ му ги упати поради проширувањето на овластувањата и после предупредувањата на 16 членки на ЕУ.

„Не знам кои се тие луѓе кои седат во бриселското стаклено ѕвоно“, рече Орбан за државното радио.

„Можеме да спасуваме животи работејќи заедно, а со што се бави Брисел, со нас“, рече тој.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека е „особено загрижена“ поради одлуката на унгарскиот парламент од понеделникот, кога му беше одобрено на Орбан да ја води земјата со укази на неопределено време во рамки на вонредната состојба воведена поради пандемијата на новиот коронавирус КОВИД-19.

„Ќе преземеме мерки ако биде потребно“, рече таа.

Тринаесет членки на Европската народна партија (ЕПП) во европскиот парламент, која е најголемата политичка сила во таа установа, вчера побараа исклучување на партијата на Орбан, Фидес.

„Со сета почит, немам време да разговарам за други работи, освен за коронавирусот“, напиша Орбан во писмото до генералниот секретар на ЕПП, Антонио Лопес-Истурис Вајт.

Еден од членовите на владата на Орбан денеска го објави писмото на Твитер.

Фидес е суспендирана од ЕПП од март 2019 на неопределено време.

Покрај тоа, 16 земји членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, вчера потпишаа заедничко соопштение во кое предупредуваат на кршење на правната држава во ЕУ со мотив – борба против пандемијата на КОВИД-19.

Против Унгарија претходно беше покрената процедура по членот седум од Договорот за ЕУ – кршење на вредностите на Унијата, што може да заврши со санкции.

Во Унгарија досега се регистрирани 623 заболени до коронавирус и 26 починати.

Во кумановската болница заболени 11 медицински лица од коронавирус

Архивска фотографија: Болницата во Куманово
Архивска фотографија: Болницата во Куманово

Единаесет медицински лица од кумановската болница се заболени со коронавирус, потврди министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција. Има заболено и медицински техничар во Инфективната клиника во Скопје.

„Во Куманово имаме 11 потврдени случаи позитивни на коронавирусот, оваа бројка ја загрозува работата на Инфективното одделение, поради тоа двајца доктори од Скопје и Штип ќе ја одржуваат работата на ова одделение. Во овој момент, бидејќи има заболени и на оделението за рентген и општи лекари, сè уште траат епидемиолошките анкети, врз основа на тоа ќе се реорганизира работата во болницата“, рече Филипче.

Претходно, директорката на Кумановската болница, Снежана Захариева, за МИА, рече дека двајца од заболените се доктори, тројца се ренген техничари, три се сестри на Одделението за хирургија, две се сестри на Инфективното одделение и една медицинска сестра од Одделот за неонатологија.

Во изминатите 24 часа има 46 нови случаи на заболени со коронавирус, а двајца починале на Клиниката за инфективни болести. И двајцата починати имале сериозни здравствени проблеми.

Покрај 11 здравствени работници, во Куманово денеска беа откриени уште 12 други позитивни случаи. Останатите случаи се во: Скопје – 13, Дебар – 2, Прилеп – 1, Тетово – 2, Велес – 2, Гостивар – 1 и Гевгелија – 2.

Тројца пациенти, пак, се испишани и одат на домашно лекување.

Со тоа вкупниот број заболени достигна 430.

Владата денеска донесе одлука за полициски час во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21 часот вечерва до 5 часот в понеделник. Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16 до 5 часот.

ССМ - Работниците да не потпишуваат спогодби за престанок на работниот однос

Претседателот на ССМ Дарко Димовски
Претседателот на ССМ Дарко Димовски

Сојузот на синдикати на Македонија апелира до работниците да не потпишуваат бланко листови, ниту спогодби за престанок на работниот однос во ситуација во која фирмите се соочуваат со кризата што ја предизвика коронавирусот.

„Апелираме да не се потпишуваат никакви бланко листови, ниту какви било спогодби за престанок на работниот однос за да можеме и ние синдикатите, а и Државниот инспекторат за труд да делуваме и да ги спречиме сите незаконски појави“, вели претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

И надлежните институции препорачуваат работниците да не потпишуваат спогодбени откази, а од работодавачите се бара да покажат солидарност и да понесат дел од товарот.

Од Државниот инспекторат за труд апелираат работниците да го пријават кое и да било присилно отпуштање од работа. Посочуваат дека постапуваат секаде каде ќе утврдат дека отпуштањата не се во согласност со Законот за работни односи.

Цел викенд полициски час во Куманово

Илустрација: Центарот на Куманово
Илустрација: Центарот на Куманово

Владата донесе одлука за полициски час во Општина Куманово, и тоа целосна забрана за време на викенд, почнувајќи од 21 часот вечерва до 5 часот в понеделник, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Оливер Спасовски.

Во работните денови, од понеделник до петок, забраната важи секој ден во периодот од 16 до 5 часот.

„За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби“, пишува Спасовски на Фејсбук.

Кривична пријава и притвор за момчињата кои тепаа девојка во Штип

Илустрација
Илустрација

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев на својот официјален Фејсбук профил напиша дека во текот на денешниот ден лицата П.Р. и С.А. се изведени пред судија на претходна постапка и им е определена мерка притвор. Против лицата поднесена е и кривична пријава за насилство.

Двајцата пред неколку месеци малтретирале и тепале девојка, а видео-снимката неодамна излезе на социјалните мрежи.

СВР Штип против момчињата поднесе кривична пријава за кривично дело „Насилство“.

Дука – Седете дома, сè уште има коронавирус во Дебар

Дебар, кризна состојба
Дебар, кризна состојба

Градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука, на денешната прес-конференција побара од граѓаните и понатаму строго да ги почитуваат препораките и мерките со цел да се спречи проширувањето на коронаврусот.

„Три дена немавме позитивен на Ковид-19 од нашата општина. Денеска потврдени се два нови случаи. Тоа значи дека опасниот вирус сè уште е во Дебар, што пак предупредува дека мерките и препораките и понатаму треба строго да се почитуваат. Останете дома, тоа е најефикасната мерка за справувањето со овој опасен вирус. Излегувајте само за неопходна потреба, а тогаш одржувајте ја социјалната дистанца“, порача Дука, кој воедно раководи и со општинскиот Оперативен штаб.

Според него, вчера и денеска се тестирани 22 лица за кои се очекуваат резултатите, додека во домашна изолација се 131 лице.

„Безбедносната состојба е добра, граѓаните ги почитуваат владините мерки и полицискиот час и нема никакви прекршувања во овој поглед. Во Дебар сè уште има странски државјани и тоа од САД и од Канада кои се затекнати по прогласувањето на кризната состојба на 13 март. Во постојан контакт сме со амбасадите на споменатите земји и се надеваме дека проблемот ќе биде надминат“, наведе Дука.

Тој информираше дека продолжува да пристигнува хуманитарна помош, која сега се распределува според списокот утврден од страна на хуманитарните организации и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и Оперативниот штаб.

Со новозаразените во Дебар вкупниот број заболени се зголеми на 49 (двајца од Центар Жупа), од нив четворица се починати, тројца мажи и една жена. Почината жена е од селото Баланци општина Центар Жупа, која со сопругот беа првозаразени.

Фон Крамон: Тачи добро да размисли дали ќе ја распушти Владата

Косовскиот претседател Хашим Тачи на средба со Албин Курти
Косовскиот претседател Хашим Тачи на средба со Албин Курти

Известувачката на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, му порача на претседателот на Косово, Хашим Тачи, да размисли двапати дали е мудро да ја распушти актуелната влада.

„Во кризно време е потребна функционална влада. Не играјте си со Уставот додека народот умира. Тоа е мојот совет“, напиша Виола фон Крамон на својот профил на Твитер.

Таа ја поздрави одлуката на приштинската влада за укинување на таксите за производи од Србија и од Босна и Херцеговина. Официјален Белград изрази незадоволство од ваквата делумна одлука, зашто, како што информираат српските медиуми, Приштина високите царини ги заменила со реципрочни мерки.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG