Вести
Продолжуваат обвинувањата меѓу САД и Кина за пандемијата
Кина и САД продолжија да разменуваат обвинувања за пандемијата на коронавирусот, во услови кога стапката на инфекции забавува во некои делови на светот.
Кинеските државни медиуми на 28 април соопштија дека сите пациенти со коронавирус во Вухан, епицентарот на глобалното избувнување, се отпуштени од болниците, но скептицизмот и натаму постои за бројките кои ги објавува Кина, делумно со обвинувања дека владата првично се обидувала да го скрие обемот на заразата.
Земјите вклучително САД и Австралија побараа истрага за тоа како болеста се претвори во глобална пандемија, а американскиот претседател Доналд Трамп на 27 април го критикуваше справувањето на Пекинг со избувнувањето на вирусот, велејќи дека има многу начини за Пекинг да се држи „одговорен.“
Тврдењата на САД дека вирусот всушност потекнува од институтот за вирологија во Вухан со високо-безбедносна лабораторија за биосигурност, разлутено беа отфрлени од Кина која ги обвини американските политичари за „очигледни лаги.“
Најмалку 20 загинати во експлозија во Африн
Најмалку 20 луѓе се убиени при експлозија на бомба во камион со гориво во северниот сириски контролиран од бунтовниците поддржани од Турција, соопшти групата која го мониторира конфликтот во Сирија.
Во експлозијата во градот Африн на 28 април, исто така беа повредени најмалку 27 лица, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија.
Обсерваторијата додава дека бројот на загинатите најверојатно ќе се зголеми, бидејќи повеќето од повредените биле во критична состојба.
Според турското Министерство за одбрана, вкупно 40 луѓе загинале во експлозијата, вклучително 11 деца, а 47 лица се повредени.
Министерството за нападот ги обвини курдските Единици за заштита на народот (YPG), кои Анкара ги гледа како терористичка организација поврзани со курдските милитанти на нејзината територија.
Главно курдската енклава Африн беше заземена од турската војска и сириските бунтовнички борци кои се нејзини сојузници, за време на офанзивата во март 2018 година.
Путин го продолжи неработниот период поради коронавирусот
Рускиот претседател Владимир Путин го продолжи неработниот период во земјата до 11 мај, бидејќи бројот на случаи на коронавирус продолжува да расте во целата земја.
Путин ја објави одлуката на 28 април за време на видео конференција со регионалните гувернери, велејќи дека пикот на инфекции од коронавирус во Русија „се уште не поминал.“
Русија исто така воведе и делумно затворање на многу региони, вклучително и Москва во напорите да го забави ширењето на коронавирусот, кој официјално зарази 93.558 луѓе низ земјата, а од нив починаа 867 лица.
Путин првично донесе одлука за неработна недела од 28 март до 5 април и потоа ја продолжи до 30 април, наведувајќи дека платите ќе бидат исплатени за тој период.
На 28 април Путин нареди Владата „да започне со подготвување на широк национален план за акција за нормализирање на бизнис активностите, враќање на вработувањата и приходите на луѓето и економски раст.“
Рускиот лидер исто така и наложи на Владата да достави препораки за олеснување на ограничувањата за поради коронавирусот до 5 мај.
Уставниот суд ја запре минималната плата за функционерите
Уставниот суд на денешна седница одлучи да поведе постапка за уставноста на три уредби со законска сила кои ги донесе Владата за справување со кризата со коронавирусот.
Поведена е постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба и нејзините дополнувања и со тоа се запира извршувањето на поединечни акти или дејствија, соопшти Уставниот суд
Исто така поведена е постапка за за воведување минимални плати од 14.500 денари за сите функционери за месеците април и мај, односно за судиите, обвинителте, пратеницте, советниците во општините, директорите и другите раководни лица, со цел обезбедување средства за справување со коронавирусот, со што се запира извршувањето и на оваа уредба.
Со тоа се забранува кратењето на платите додека Уставниот суд не одлучи за уставноста и законитоста на Уредбата со законска сила за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, се вели во соопштението.
Уставниот суд повбеде и постапка за оценување на уставноста и законитоста на Уредбата за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите и за финансирање на Јавното обвинителство за гонење на кривилни дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на коминикациите.
Земјите внимателно кон олеснување на мерките против Ковид-19
Откако забавува стапката на инфекции и смртни случаи од новиот коронавирус во некои делови од светот, владите од Европа до Нов Зеланд продолжуваат претпазливо да се движат кон олеснување на забраните во услови на економски притисок и покрај стравувањата од можно повторно влошување на состојбата.
Во знак на тоа како може да се разоткријат привремените придобиввки, само една недела откако Германија укина некои од мерките за забрана, институтот Роберт Кох на 28 април соопшти дека стапката на репродукција на вирусот во последните денови се искачи од 0.9 на 1.0.
Секоја бројка под еден значи дека вирусот се намалува, додека бројката над еден значи дека вирусот се зголемува.
Германската канцеларка Ангела Меркел стави јасно до знаење дека дури и малите промени во стапката на репродукција може да имаат значителни последици и ќе имаат влијанија врз одговорот на владата.
Некои од најлошо погодените земји во Европа, вклучително Италија и Франција, се придвижуваат кон постепено олабавување на забраните во следните недели, а повеќе држави на САД го трасираат патот кон олеснување на наредбите за седење дома.
Во меѓувреме, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека има намера да обезбеди доволно достапни тестови за Ковид -19 за да може државите да тестираат најмалку 2,6 проценти од своето население секој месец.
Во моментов има повеќе од три милиони потврдени инфекции низ целиот свет и најмалку 211.000 луѓе кои починаа, според податоците на дата базата на Универзитетот Џонс Хопкинс.
„Фајненшл тајмс“ проценува дека бројот на починати може да биде 60 проценти поголем од официјалните бројќи, врз основа на анализи на вишок на смртност во 14 земји.
Филипче: Ја израмнивме кривата на епидемијата, да бидеме одговорни
Граѓаните имаат доволно време и да прошетаат и да ги набават потребните намирници и да нема гужви во пазарите и маркетите, но сепак мора да се носи заштитната опрема и да се држи растојание, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче, соопштувајќи ја одлуката за 1-ви мај и за викендот по него движењето да се дозволи од 5 часот наутро до 14 часот.
„Сите имаме подеднаква одговорност и не смее да дозволиме да ни се уништи се она што до сега го направиме заедно. Кривата на епидемијата е израмнета и имаме линеарен број на случаи. Лично секој граѓанин треба да се заложи за тоа и постепено ќе го вратиме животот во нормала", рече Филипче на денешната редовна онлајн прес-конференција.
Тој информираше дека веќе се изготвуваат протоколи за работа на угостителски објекти, училиштата и градинките.
„Во еден момент ќе се случи и тоа. Рестораните ќе се отворат, а свадби и семејни веселби ќе се одржуваат. Но, ќе треба да се намали бројот на присутни во рестораните и секако ќе треба да се обезбеди посебна дистанца меѓу гостите“, вели Филипче.
- 22 новозаразени, 36 оздравени и 6 починати во последните 24 часа
- На 1, 2 и 3 мај движење само од 5 до 14 часот
Министерот информираше и дека за денеска биле закажани двајца оздравени пациенти и дека треба да се почне со лекување со крвна плазма на првиот пациент, но дека за деталите доплнително ќе информира.
Туск не поддржува „гласање по пошта“ на изборите во Полска
Лидерот на Европската народна партија и поранешен полски премиер, Доналд Туск, изјави дека тој нема да гласа на најавените избори за претседател во Полска, бидејќи, како што рече, набрзина спроведеното поштенско гласање ќе биде неуставно и неизвесно.
„Според мое мислење, не треба да гласаме на гласањето по пошта“, рече Туск, додавајќи дека намерно избегнува да го употреби терминот „избори“.
Претседателските избори во Полска треба да се одржат на 10-ти мај. Со оглед на пандемијата, владејачката партија Закон и правда предложи да се гласа по пошта, а опозицијата бараше да ги одложи изборите.
Тачи: Нема амнестија за геноцидот на Србија во Косово
Нема таков фактор кој ќе може да ги амнестира злосторствата против човештвото и геноцидот на Србија во Косово во војната од 1998-99 година, изјави претседателот на Косово, Хашим Тачи, јави МИА од Приштина.
На денешното чествување кај споменикот „Хероини“ во центарот на Приштина, Тачи изјави дека косовските граѓани деновиве повторно ги преживуваат страотиите од последната војна во Косово.
„Како држава и како општество, како албански народ на Косово и како нација ги преживуваме деновите, неделите и месеците на геноцидот на Србија извршен во Косово, потврден и признаен од светот. Го преживуваме периодот на масовниот прогон на еден милион косовски Албанци и убиството на 10 илјади граѓани, 400 масакри извршени од државата Србија, убиството на 1.300 албански деца“, изјави Тачи, нагласувајќи ја важноста на улогата на жената Албанка во осамостојувањето на Косово.
22 новозаразени, 36 оздравени и 6 починати во последните 24 часа
Министерството за здравство информира дека денеска Институтот за јавно здравје регистрирал 36 оздравени пациенти во Скопје-19, Куманово-1, Штип-5, Прилеп-4, Тетово-1, Струга-1, Велес-3, Гостивар -2.
„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица од Прилеп, пациент на 58 години, хоспитализиран на клиниката од 19 април и 63 годишен пациент на болничко лекување од 9 април, и двајцата приклучени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 септември“ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58 годишна возраст и двајцата хоспитализирани на 26 април, и пациентка од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април. Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на ковид-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден“, соопшти МЗ.
Во изминатите 24 часа направени се 362 тестирања, а потврдени се 22 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-11, Куманово-2, Струга-1, Велес-3, Кавадарци-2, Гостивар-2 и Неготино-1. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1421, бројката на оздравени пациенти е 589, на починати е 71 , а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 761.
На 1, 2 и 3 мај движење само од 5 до 14 часот
На 1, 2 и 3 мај, односно петок, сабота и недела, ќе биде дозволено движењето на граѓаните од 05:00 часот наутро до 14:00 часот. Забраната за движење во целата држава ќе почнува во 14 часот и ќе трае до 05 часот наутро следниот ден, објави премиерот Оливер Спасовски.
„На денешната седница на Влада донесовме одлука за ограничување на движењето на граѓаните на територијата на целата држава за време на првомајските празници. За лицата над 67 годишна возраст, во петок, сабота и недела ќе биде дозволено движење од 05 часот наутро до 11 часот“, напиша Спасовски на својот Фејсбук профил.
Сите деца и млади лица до 18 години, во петок, сабота и недела ќе може да излегуваат од 12:00 до 14:00 часот. Остануваат на сила сите други мерки за заштита од Ковид-19 донесени од Владата на Република Северна Македонија, информираше премиерот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете