Достапни линкови

Вести

Децата во Шпанија излегоа на улица прв пат после шест недели

Дете игра фудбал со таткото на плажа во Палма де Мајорка
Дете игра фудбал со таткото на плажа во Палма де Мајорка

Детската игра се врати на улиците во Шпанија за прв пат по шест недели, откако владата ја укина строгата забрана за излегување од дома за своите најмлади граѓани. Шпанската влада утринава им дозволи излез од дома на децата под 14 години по 44 дена целосна изолација.

Тие сега може да шетаат со родителите еден час во круг од еден километар од домот.

Децата може да понесат по една играчка со себе, но не им е дозволено да си играат со други деца и треба да одржуваат еден метар растојание од други луѓе.

Парковите се затворени, а властите препорачуваат и децата и родителите да мијат раце и пред и по излегувањето од дома.

Шпанија е една од земјите со најстроги мерки во светот во борбата против коронавирусот, зашто е и една од најтешко погодените од болеста.

Во земјата се регистрирани 225 илјади заболени и над 23 илјади починати од последиците од болеста.

Строгите мерки придонесоа за намалување на бројот на новозаболени.

Владата планира од наредната недела да им дозволи на возрасните излегување заради рекреација. Во моментов им е дозволено движење само поради купување храна, лекови и одење на работа.

Француската влада во вторник ќе го претстави планот за олабавување на мерките

Патки шетаат на празните париски улици на 14 април
Патки шетаат на празните париски улици на 14 април

Француската влада во вторник пред Парламентот детално ќе го претстави планот за олабавување на мерките и рестарт на втората по големина економија во еврозоната, која е силно погодена од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус.

Премиерот Едуар Филип на Твитер напиша дека во Парламентот ќе ја претстави „националната стратегија за отворање“.

Пратениците, пред гласањето, ќе расправаат за владиниот предлог.

Тимови на владини експерти со недели работат на пронаоѓање рамнотежа меѓу повторното отворање на економијата, а да избегнат втор бран на епидемијата на коронавирусот.

Претседателот Емануел Макрон веќе најави дека затворањето на Франција, кое е на сила од 17 март и е меѓу најстрогите во Европа, ќе почне да се ублажува од 11 мај.

Продолжен полициски час за Први мај во Србија, ќе заседава и Собранието

Луѓе на пазар во Белград
Луѓе на пазар во Белград

Српската Влада соопшти дека забраната за движење за првомајските празници ќе трае од четврток, 30 април од 18 часот до понеделник, 4 мај до пет часот.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Владата ја донесе оваа мерка поради приближувањето на првомајските празници, со цел да ги намали социјалните контакти на минимум.

Како што соопштија од Владата, граѓаните на возраст над 65 години ќе можат секој ден да излезат на еден час прошетка помеѓу 18 часот и 1 часот по полноќ, најмногу 600 метри од местото на живеење, додека продавниците за нив ќе бидат отворени во четврток од 16 до 19 часот.

Во соопштението се додава дека Владата до Народното собрание ја испратила одлуката за прогласување на вонредната состојба, како и сите уредби со правна сила донесени од Владата со потпис на претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.

Претседателката на српскиот парламент, Маја Гојковиќ, утрово изјави дека на претстојната собраниска седница закажана за вторник, ќе се расправа само за точките на дневниот ред. Таа кажа дека седницата ќе биде под посебни услови во однос на здравствените аспекти, во согласност со препораките на здравствените работници и дека ќе се земат предвид сите детали. На пратениците ќе им се мери температура, ќе добијат маски и ракавици и ќе седат на растојание – преку секое второ место.

Италијанскиот премиер ветува отворање на училиштата во септември

Италијанскиот премиер Џузепе Конте
Италијанскиот премиер Џузепе Конте

Италијанскиот премиер Џузепе Конте ветува дека училиштата ќе бидат отворени во септември, наведувајќи дека тоа е за да не се игра со здравјето на децата, пренесува денеска весникот Република.
„Училиштата се во фокусот на нашите мисли и повторно ќе бидат отворени во септември. Но, сите подготвени сценарија на одборот на стручњаци предвидуваа високи ризици за зараза во случај на повторно отворање на училиштата [пред септември]. Во прашање е здравјето на нашите деца“, вели Конте за Република.

Училиштата беа затворени од почетокот на март поради пандемијата на коронавирус, од кој во земјата, која е најтешко погодена во Европа, досега починаа над 26 илјади луѓе.

Конте исто така потврди дека владата работи на план за ублажување на мерките за изолација и повторно отворање на индустриските активности од 4 мај.

„Сè уште не може да ја вратиме целосната слобода на движење, но ќе направиме да дозволиме повеќе движење, со задржување на гаранциите за превенција и запирање на заразата“, рече Конте.

Излекуваните од коронавирус во Дебар во добра здравствена состојба

Болницата во Дебар
Болницата во Дебар

Во Дебар и Центар Жупа, каде што беа евидентирани првите болни лица од коронавирус на 26 февруари, вкупниот број на евидентирани заболени до овој момент е 51, од кои 4 лица починаа, а 47 се излекувани, јавува нашиот дописник Кенан Мимидиновски.

Екипа на лекари специјалисти од Дебар и Скопје, предводени од раководителот на единицата за јавно здравје во Дебар, епидемиологот Ментор Мела, изврши посети на 26 дебарски семејства од каде се 47-те излекувани. Мела ни изјави дека нивната здравствена состојба е мошне добра. Тринаесет од болните се лекуваа успешно во Инфективната клиника во Скопје, рече тој.

„Особено треба да се нагласи дека и лицата кои беа болни, а беа во домашна изолација во Дебар, а таа бројка беше 34, беа добро лекувани и имаа мошне добар здравствен третман.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски, денеска во соопштение информираше дека вкупниот број на лица во самоизолација во Дебар е 16.

Новозаболени 19 од коронавирус, оздравени 126, двајца починати

Илустрација
Илустрација

Во изминатите 24 часа има потврдено 19 нови случаи на коронавирус, а 126 луѓе оздравеле од болеста. Во ГОБ „8 септември“ починаа 2 лица, пациентка од Липково (Куманово) на 49 години, примена на 03 април со потешкотии во дишење и веднаш поставена на респиратор и 73 годишен пациент од Скопје, примен на 19 април во многу тешка општа состојба, информира Министерството за здравство.

Повеќе од половина од оздравените се од Куманово, односно 72 луѓе, а потоа следуваат Скопје и Струга. Оздравени има и во Велес, Гевгелија, Штип, Охрид, Кавадарци и Крива Паланка.

Најмногу нови случаи исто така има во Куманово.

Со ова, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1386. Од нив 500 луѓе се излекувани, 61 се починати, а има уште 825 активни случаи.

Британскиот премиер Борис Џонсон од утре се враќа на работа

Британскиот премиер Борис Џонсон, кога беше отпуштен од болница на 12 април, со видео-порака му се заблагодари на медицинскиот персонал што му го спасиле животот
Британскиот премиер Борис Џонсон, кога беше отпуштен од болница на 12 април, со видео-порака му се заблагодари на медицинскиот персонал што му го спасиле животот

Британскиот премиер Борис Џонсон се враќа на работа в понеделник, две недели по излегувањето од лондонската болница каде што се лекуваше од коронавирус, соопшти неговата канцеларија.

Џонсон една недела беше во лондонската болница Сент Томас, од кои три дена на интензивна нега, каде што примаше кислород и беше под 24-часовен надзор.

Кога беше отпуштен од болница на 12 април, 55-годишниот Џонсон со видео-порака му се заблагодари на медицинскиот персонал што му го спасиле животот. Оттогаш не беше забележан во јавноста, а неговиот кабинет соопшти дека се опоравува на имот надвор од Лондон.

Британскиот премиер се враќа на работа во момент кога растат критиките кон владата и нејзиниот одговор на епидемијата. Бројот на починати од коронавирус во Велика Британија вчера надмина 20 илјади, а се верува дека уште неколку илјади починале во домовите за стари лица.

Опозицијата бара поголема прецизност од владата за тоа кога планира да ги ублажи мерките за изолација воведени на 23 март до најдоцна 7 мај.

Рекорден број новозаразени со коронавирус во Русија

Болница во Москва
Болница во Москва

Русија денеска пријави 6360 нови регистрирани случаи на коронавирус, што е најголем број на новозаболени во земјата во едно деноноќие. Властите пријавија дека вчера починале 66 луѓе од коронавирусот, што е најлошиот ден во земјата во однос на смртни случаи. Повеќе од половина од починатите биле во Москва.

Според глобалната база на податоци на Универзитетот Џонс Хопкинс, во Русија има над 75 илјади потврдени случаи на коронавирус, а од болеста досега починале 681 луѓе.

Стапката на смртност во Русија е многу помала во споредба со Западна Европа или САД. Ова ги отвори прашањата за тоа дали бројката вештачки се намалува со тоа што како причина за смртта на дел од починатите се наведува пневмонија или срцеви заболувања.

Ветеринарниот факултет прави 35 тестови за коронавирус дневно

Илустрација
Илустрација

Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје дневно анализира по приближно 35 примероци за коронавирус, велат од високобразовната и научно-истражувачка институција. Тие се активно вклучени во дијагностика на вирусот во соработка со Министерството за здравство, уште од почетокот на пандемијата.

Иако лабораториите на Факултетот се дизајнирани за анализа со голем број на примероци, максималниот дневен капацитет на анализа на мостри за коронавирусот е приближно 35, оти секојдневно во лабораториите се прават анализи и мониторинг на голем број други заразни болести како што се бруцелозата, туберкулозата, авијарната инфлуенца, беснило, трихинелозата, вели проф. д-р Лазо Пендовски, декан на Факултет за ветеринарна медицина - Скопје.

Мострите секој ден се преземаат од обучено лице од Факултетот, запазувајќи ги сите биосигурносни мерки и протоколи, вели тој.

Седумдесет и едно лице не го почитувало полицискиот час, приведени 55 лица

Скопје за време на полициски час
Скопје за време на полициски час

Полицијата евидентирала 71 лице кои во изминатото деноноќие не го почитувало полицискиот час. Притоа привела 55 лица, а на останатите им зела податоци по што, како што соопштуваат од МВР ќе бидат преземени мерки.

Според статистичките податоци на МВР, во изминатото деноноќие на 32 лица им се издадени решенија за изолација, а 47 лица потпишале изјави за самоизолација. Од страна на полициски службеници извршени се контроли кај лица во изолација и самоизолација и не се евидентирани лица кои не ги почитувале мерките.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG