Вести
Во Русија рекорден број заболени, Путин смирува - ситуацијата е под контрола
Расте бројот на дијагностицирани со Ковид -19 во Русија. Само во последните 24 часа се откриени повеќе од 6000 нови заразени, што е за 16,5 отсто повеќе од претходниот ден.
Досега се потврдени 42.853 случаи на заразени со Ковид -19, со што Русија се наоѓа на 10-тото место во светот.
Во изминатите 24 часа во земјата починале 48 луѓе од коронавирусот, а 3.291 луѓе досега оздравеле.
Најмногу заболени во изминатите 24 часа има во Москва.
Рускиот претседател Владимир Путин вели дека ја држат ситуацијата под контрола.
Како мерки за спречување на ширењето на вирусот во Русија цел април е прогласен за неработен, а во многу региони е воведен режим на самоизолација.
Во Србија 6.318 заразени луѓе со Ковид -19, Вучиќ најави олабавување на мерките
Србија досега има евидентирано 6.318 заразени луѓе со коронавирус, 122 починати и 753 излечени.
Во изминативе 24 часа регистрирани се пет нови смртни случаи, со што вкупниот број на починати се зголеми на 122 луѓе. Во изминатите 24 часа, тестирани се 2.673 луѓе, од кои бројот на позитивни на вирусот е потврден кај 324 луѓе, со што вкупно во Србија 6.318 лица имаат Ковид-19.
Вкупниот број тестирани лица заклучно со денес во Србија изнесува 38.701 лица, а досега се излекувани 753 пациенти според резултатите на направени два негативни теста.
Во Ковид болниците вкупно се хоспитализирани 3.900 пациенти, од кои 120 лица се со влошена клиничка слика и ставени се на респиратор.
Српскиот претседател Александар Вучиќ најави олабавување на мерките за забрана за движење. Од вторник полицискиот час ќе биде пократок, односно забраната за движење ќе важи од 18 до 5 часот и дека пензионерите ќе можат да го изберат своето време за прошетка од половина час помеѓу 18 часот и 1 часот наутро.
Тој кажа дека од следната недела сите занаетчиски дуќани ќе бидат отворени, а од 27 април и сите други продавници ќе бидат отворени.
Мустафа би прифатил мандат за формирање нова влада на Косово
Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа изјави дека нема воопшто дилеми дали да го прифати мандатот за формирање нова Влада на Косово, веднаш штом претседателот на државата Хашим Тачи побара од неговата партија име на кандидат за иден премиер.
Изјавата на поранешниот косовски премиер, дадена за порталот „Газета експрес“, доаѓа во време кога актуелниот вршител на должноста премиер, лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), Албин Курти, одбива да предложи име за мандатар, откако на неговата влада, на 25 март, ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, со повеќе од две третини од гласовите на пратениците.
Курти тврди дека, според негово толкување на Уставот, единствен начин да се формира нова влада е одржување нови парламентарни избори, кои треба да се организираат откако ќе помине кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19.
Претседателот Тачи, од друга страна, тврди дека нова влада може да формира тој кој што ќе обезбеди мнозинство во актуелниот парламентарен состав, што е став и на Мустафа, чија партија ја покрена иницијативата за уривање на владата на Курти, во која и самата дотогаш коалицираше.
На вонредните парламентарни избори во Косово, одржани минатиот октомври, ВВ на Курти освои 26,27 отсто од гласовите, со што обезбеди 29 пратенички места во 120-членото Собрание на Косово, додека ЛДК на Мустафа беше втора, со 24,55 отсто од гласовите и еден пратеник помалку.
По уривањето на Владата на Курти, претседателот Тачи започна консултации со парламентарните партии за формирање ново мнозинство кое ќе може да состави влада. По ова ЛДК оствари преговори со неколку опозициски партии и објави дека е во можност заедно со нив и со партиите на немнозинските заедници да го обезбеди потребното мнозинство за формирање нова влада.
Пад на француското БДП од најмалку 8 отсто поради корона-кризата
Францускиот Бруто-домашен производ годинава ќе опадне за најмалку 8 отсто, во зависност од тоа колку време ќе помине до целосно враќање на ситуацијата во нормала, по пандемијата на коронавирусот, рече денеска гувернерот на Банката на Франција, Франсоа Вилроа де Гало.
„Сегашната криза е невидена досега по својата природа и е посилна од претходната криза“, рече гувернерот во интервју за весникот Журнал ди диманш.
„Франција би требало да забележи пад на БДП од најмалку осум отсто во 2020“, процени тој.
Француската влада исто така сега проценува дека БДП-то оваа година ќе опадне за 8 отсто.
Гувернерот додава дека секои 15 дена изолација на населението предизвикува пад на годишниот раст од околу 1,5 процентни поени и скоро исто толкав буџетски дефицит.
Тој исто така вели дека Франција нема одеднаш да премине во нормално опоравување кога ќе почне ублажувањето на мерките за изолација на 11 мај. Според него, тоа ќе биде „вториот чин“, кога истовремено треба да се градат здравствената и економска доверба за претприемачите и за вработените.
„Уште не го знаеме траењето на вториот чин до целосно опорвавување“, рече францускиот гувернер.
Тој оцени дека државата во голема мера ја амортизира кризата, дека огромната финансиска интервенција на државата апсорбира најмалку две третини од шокот и за толку го намалува неговото влијание врз домаќинствата и фирмите, но оти заштитничката улога на државата треба да се намалува како што ќе се одвива опоравувањето.
Тој оценува дека јавниот долг на Франција ќе се зголеми за најмалку 15 проценти и ќе достигне 115 проценти од БДП.
Гувернерот вели дека може да се очекува зголемување на потрошувачката на граѓаните по завршувањето на кризата, зашто граѓаните сега трошат многу помалку, а тоа може да го поттикне економскиот раст.
„Треба да се биде внимателен, но ММФ предвидува дека Франција наредната година (2021) може да има силен раст од 4,5 отсто“, рече тој.
Харадинај до Лајчак - ЕУ нема кредибилитет да посредува меѓу Косово и Србија
Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) и поранешен косовски премиер Рамуш Харадинај ја одби поканата на специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак за телефонски разговор, порачувајќи дека, во моменталните „нејасни политички околности“, еден таков разговор е непотребен.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во писмото што му го упати на словачкиот дипломат, Харадинај го повторува неговиот став дека „дијалогот со посредство на ЕУ, воден од поранешната висока претставничка Федерика Могерини, застрани од темите од суштинско значење“ за преговорите на Приштина со Белград.
Сличен став поранешниот косовски премиер изразува и за улогата на новиот висок претставник на ЕУ за надворешна политика, шпанскиот дипломат Хосеп Борел, како и на самиот Лајчак, за кои вели дека го одолговлекуваат изнаоѓањето решение на спорот меѓу двете земји. Поздравувајќи ги заложбите на германската канцеларка Ангела Меркел и на францускиот претседател Емануел Макрон и нивното лично ангажирање за постигнувањето сеопфатен и законски обврзувачки договор меѓу Приштина и Белград, косовскиот опозициски лидер нагласува дека од суштинско значење во процесот е вклучувањето на Соединетите Американски Држави.
„Секогаш сум бил гласен и јасен во барањето за активна улога на САД во дијалогот. Сега, ситуацијата со новата енергија на САД за Косово, ја зголемува надежта дека дијалогот Косово – Србија, што трае повеќе од една деценија, ќе се финализира со признавање во постојните граници. Сепак, посредувањето од ЕУ под раководство на САД го гледаме како позитивно“, порача Харадинај.
Според соопштението што до медиумите го испрати денеска ААК, Лајчак побарал телефонски разговор на 9 април, а писмото со кое Харадинај го одбил барањето е со завчерашен датум, односно од 17 април.
Нови 37 случаи на Ковид 19, вкупно 1207 дијагностицирани
Во изминатите 24 часа потврдени се 37 нови случаи на заразени со Ковид 19, со што вкупниот број на дијагностицирани со вирусот во земјата достигна 1207 луѓе.
Во изминатото деноноќие оздравеле 15 пациенти, соопштија денеска од Министерството за здравство. Од оздравените шест биле на болничко лекување, а девет се лекувале во домашни услови. Од Министерството соопштија дека починале двајца пациенти, еден во Инфективната клиника и еден во болницата „8 Септември“ и двајцата имале претходни болести.
Од новопотврдените случаи осум се во Скопје, девет во Куманово, во Прилеп - 5, Тетово 3, Велес 3, Охрид 8 и Кочани 1.
Во изминатото деноноќие направени се 314 теста, од нив најмногу -222, преку Институтот за јавно здравје.
Филипче - Здравјето дел од честитките, но забораваме да го штитиме
Министерот за здравство Венко Филипче на неговиот Фејсбук профил упати честитка за Велигден и потсети колку е важно да се штити здравјето.
„Една од најважните работи кои секогаш е дел од сите честитки, е доброто здравје. Иако редовно го посакуваме, често забораваме да го заштитиме или да се грижиме за него. Нека овој празник нѐ потсети колку е важно да се грижиме за нашето здравје, но и за здравјето на сите околу нас. Колку е важно да сме одговорни за себе, но и за другите. Колку е важно колективното наспроти индивидуалното“, наведува Филипче.
Тој уште еднаш со потсетување за важноста од почитување на препораките и мерките од надлежните.
Руската амбасада во Прага ја смени адресата, за да не биде на Плоштад Немцов
Руската амбасада во Чешка наводно ја променила официјалната адреса во Прага, откако плоштадот каде што се наоѓа амбасадата беше преименуван во чест на убиениот руски опозиционер Борис Немцов.
Амбасадата сепак ги негира извештаите во чешките медиуми, наведувајќи дека амбасадата почнала да користи единствена поштенска адреса, наместо две кои комплексот долго време ги имал.
До овој чекор доаѓа по дипломатските препирки меѓу двете земји за спомениците од Втората светска војна и за другите остатоци од Студената војна.
Пред два месеци, локалните власти во Прага го преименува плоштадот каде што се наоѓа Руската амбасада по поранешниот руски вицепремиер Борис Немцов. Тој беше застрелан во февруари 2015 година во близина на ѕидините на Кремљ. Немцов беше отворен критичар на рускиот претседател Владимир Путин.
Чешкиот портал Актуелне.цз и други медиуми завчера објавија дека амбасадата официјално ја сменила својата административна адреса од Плоштад Немцов, на улицата неколку стотини метри подалеку, каде што се наоѓа конзуларната зграда. Амбасадата вчера на Фејсбук негираше дека ја сменила адресата и ги обвини чешките власти дека се обидуваат да ги посрамат. Тие велат дека се работи за чисто техничко прашање, а се добива впечаток дека има обид да му се даде политички тон.
Претставници на чешкото Министерство за надворешни работи се обидуваат да ја минимизираат одлуката.
Русија и Чешка се судрија и за споменикот на советскиот воен командант, маршал Иван Конев, кој прашките власти неодамна го дислоцираа. Руското обвинителство реагираше дека ќе започне истрага за таа одлука.
Конев е херој за многумина во Русија, но е симбол на советската репресија за многумина Чеси.
Чешкиот претседател Милош Земан, рече дека отстранувањето на споменикот е „злоупотреба на вонредната состојба“ во Чешка.
Инциденти во прифатниот центар за бегалци и мигранти на грчкиот остров Хиос
Најмалку три луѓе се уапсени, уништени се два автомобили и шатори во инцидентите што во текот на ноќта се случија во прифатниот центар за бегалци и мигранти на Хиос, објавија локалните медиуми од грчкиот остров, јави дописничката на МИА од Атина.
Мигрантите и бегалците палеле шатори и се судриле со полицијата, а рано утрово ситуацијата била ставена под контрола.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, инцидентите започнале вчера попладне по информацијата дека починала 47-годишна жена од Ирак, но траеле кусо и одново започнале откако во бегалскиот камп се проширила шпекулација дека коронавирусот е причината за смртта на бегалката.
Жената во четвртокот со треска била пренесена во болница, добила лекови и упатства, но била тестирана и за Ковид-19, а резултатот бил негативен.
Во Косово се бара истрага за донацијата на тестови за Ковид-19 од Србија
Потпретседателот на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово Насим Харадинај упати барање до Истражната комисија на Собранието на Косово итно да го испита приемот на илјада тестови за Ковид-19, како хуманитарна помош од страна на Србија.
Преку објава на својата страница на Фејсбук, Харадинај побара од Институтот за јавно здравство на Косово јавно да ја фрли и уништи српската донација и да ја прекине соработката со Владата на Косово, се додека таа не преземе мерки против тие кои ги примиле тестовите, бидејќи, според него, „се погазени сите норми и спроведливи закони во Косово“.
Тој вели дека со примот на донацијата се навредени сите семејства на загинатите, воените инвалиди, ветераните и семејствата на исчезнатите, а понижени се и активистите за независност, сите поранешни политички затвореници и сите масакрирани и тортурирани во Косово.
Министерството за здравство на Косово објави дека завчера примило донација од илјада тестови за откривање на новиот коронавирус, вредна 30 илјади евра, како дел од соработката меѓу државите од регионот во борбата против пандемијата на Ковид-19.
Приемот на српската донацијата од страна на Владата на Курти предизвика бројни, главно негативни, реакции од опозициските политичари и јавни личности, кои бараат соработката со Србија да се услови со нејзино извинување за злосторствата врз цивилното население
во војната од 1999 година и со изведување пред правдата на одговорните за тие злосторства.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете