Вести
Задолжително носење маски во Куманово, Тетово и Прилеп
Од среда 22 април граѓаните во Куманово, Прилеп и Тетово нема да можат да се движат надвор од своите домови без заштитна опрема (маска, шал, марама), одлучи Владата на денешната седница.
Владата им препорача на сите граѓани во земјата, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките.
Донесена е одлука и да се забрани организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини.
Владата им препорачува на банките да исплаќаат пензии предвремено и во различни денови според висината на пензијата. Тие што имаат картички може да си ја подигнат пензијата на банкомат од 24 април. Пензионерите кои зимаат пензија до 11 илјади денари може да ја подигнат во понеделник 27 април, тие што добиваат пензија до 14 илјади денари ќе може да ја подигнат во вторник, 28 април, во среда 29 април може да ја подигнат тие што земаат пензија до 18 илјади денари, а на 30 април, тие што имаат пензија над 18 илјади денари.
Светските влади дискутираат како да го враќаат животот во нормала
Владите во целиот свет дебатираат кога и како да ги олеснат ограничувањата воведени за намалување на ширењето на коронавирусот, откако загриженоста за економијата и невработеноста почнаа да растат.
Задолжителни затворања на одредени бизниси беа воведени во многу земји за да се спречи ширењето на вирусот, од кој досега се заразија скоро 2,3 милиони луѓе во светот.
Министрите за надворешни работи од 13 земји, меѓу кои и Канада, Бразил, Италија и Германија, во денешната заедничка изјава повикуваат на глобална соработка за да се намалат економските влијанија од пандемијата.
„Од витално значење е да работиме заедно за да спасиме животи и егзистенцијата“, велат тие.
Изјавата беше поддржана од Велика Британија, Франција, Индонезија, Мексико, Мароко, Перу, Јужна Кореја, Сингапур и Турција. Во неа се наведува дека државите се посветени на „координација во јавното здравство, транспортот, трговијата и економските и финансиски мерки за да се минимизираат нарушувањата да се засили опоравувањето“.
Тие напори вклучуваат одржување на „воздушните, копнени и поморски транспортни врски“ да се обезбеди континуиран проток на стоки, вклучително и медицинска опрема и помош и враќање на патниците дома, соопштија министрите по синоќешната виртуелна средба. До средбата дојде во време кога во многу земји се покажува дека мерките за спречување на ширењето на болеста даваат резултати, а стапката на нови заболени забавува во цела Европа.
Франција и Шпанија почнаа со демонтажа на некои теренски болници, додека во Германија бројот на активни случаи се намалува цела недела, а сè повеќе луѓе оздравуваат од болеста.
Во меѓувреме, некои азиски земји, кои се чинеше дека ја ставиле епидемијата под контрола, како Сингапур и Јапонија, објавија пораст на нови случаи.
Нова кредитна линија за фирмите погодени од коронавирусот
Владата на денешната седница донесе одлука за отворање на новата кредитна линија од осум милиони евра бескаматни кредити преку Развојната банка, која е дел од вториот пакет економски мерки. Бесмакатните кредити се наменети за зачувување на работните места и подобрување на ликвидноста на фирмите, објави вечерва министерката за финансии Нина Ангеловска на нејзиниот официјален Фејсбук профил. Може да аплицираат сите погодени компании од сите дејности. Кои имаатнамалување на приходот на за повеќе од 30 отсто во тековниот период
Минимален износ на кредит е 3.000 евра. Максимален износ на кредит е 90.000 евра. Сумата на кредитот се одредува според бројот на вработени. Рок на отплата е до три години со вклучен грејс период до 12 месеци.
Хрватска ги продолжува анти-корона мерките до 4 мај
Хрватските власти денеска соопштија дека за уште 15 дена ги продолжуваат мерките во земјата со цел спречување на ширењето на коронавирусот. Власите во Хрватска велат дека сепак разгледуваат начини за олеснување на ограничувањата на движењето.
Пред еден месец Загреб ги затвори продавниците, баровите, рестораните, училиштата и јавниот превоз. Само продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи останаа отворени.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ рече дека ограничувањата на земјата ќе продолжат до 4 мај. Тој рече дека владата размислува за мерки за заживување на економијата додека ги чува луѓето безбедни.
Во Хрватска се регистрирани повеќе од 1.800 случаи на заразени со Ковид -19, а 39 луѓе досега починале од заразата.
Тутунарите в понеделник ќе смеат да излезат за да подигнат субвенции од банкомат
Субвенциите за тутун веќе се на банкарските сметки на корисниците. Трансакциите се успешно извршени преку Македонскиот интербанкарски платен систем, којшто денес работеше за средствата да им бидат достапни на сите тутунари коишто се приматели на субвенции, информираат од Народна банка.
Од Народна банка апелираат секогаш кога тоа е можно, за плаќање со средства од субвенциите да ги користите дебитните картички и да го избегнувате користењето готовина (кеш). Со тоа ќе го заштитите и сопственото здравје, и здравјето на другите, велат од Народна банка. Од таму велат дека доколку сепак треба да се подигнат парите, тоа да се прави на банкоматите, во општините каде што живеат тутунарите веќе во понеделник (20 април), од 16 до 23 часот. Движењето за тутунарите во тој период ќе биде дозволено за да ја остварат таквата потреба.
За тие пак кои немаат дебитни картички субвенциите ќе може да ги подигнат во филијалите на банките, но по азбучен ред според првата буква од презимето, почнувајќи од 21 април до 24 април. Тогаш банките во општините каде што има тутунари ќе работат со продолжено работно време од 8 до 17 часот.
Над 1000 заразени морнари со коронавирус на францускиот носач на авиони Шарл де Гол
На францускиот носач на авиони Шарл де Гол со коронавирус се заразени 1046 од вкупно 1760 морнари, соопшти денеска француската влада.
Портпаролот на француската морнарица Ерик Лаво изјави дека околу 50 отсто од заразените немаат никакви симптоми.
Францускиот носач на авиони Шарл де Гол е втор носач на авиони со инфицирани морнари по појавата на заразата на американскиот брод Теодор Рузвелт.
Нови 53 дијагностицирани со Ковид -19, а 25 оздравени
Во изминатото деноноќие потврдени се 53 нови случаи на заразени со Ковид 19, соопшти Министерството за здравство. Со тоа вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1170 Во изминатите 24 часа регистрирани се 25 излекувани пациенти, од нив 6 се испишани од Клиниката за инфективни болести, а 19 се лекувале во домашни услови.
Од новорегистрираните случаи на заразени по градови се во Скопје – 13, Куманово – 9, Прилеп – 9, Тетово - 4, Струга -2, Велес – 12, Битола – 2, Македонски Брод -2.
Во изминатото деноноќие направени се 697 теста, најмногу преку Институтот за јавно здравје.
Министерот за здравство Венко Филипче на видео-конференцијата посветена на коронавирусот рече дека дека тој ќе остане во самоизолација 14 дена, оти како што вели за сите важат истите правила. Тој рече дека епидемиолошката анкета покажала дека ризикот е мал, но дека сака да покаже личен пример.
Филипче заедно со државниот врв пред некој ден беше во посета на Куманово и имаше заедничка прес-конференција со тамошниот градоначалник Максим Димитриевски, за кој еден ден подоцна стигна резултати дека е позитивен на Ковид-19.
На истата видео-конференција премиерот Оливер Спасовски рече дека на владина седница ќе се разговара дали ќе биде воведен 14 дневен карантин за Куманово.
Вицепремиерот Бујар Османи рече дека треба да стигне донација од Кина за здравствените институции воС. Македонија со над пет илјади тестови за Ковид -19, десетици илјади маски Н95 и заштитни материјали.
Филипче - Мерките даваат резултати, од мај полека ќе се олеснуваат
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека сите превентивни мерки во борбата со коронавирусот даваат резултат. Тој вели дека сето тоа доведе до тоа да има линеарен пораст на пациенти, да има број на пацинети што може да биде примен во болниците и соодветно да се третира. Филипче зборуваше на онлајн прес видеосесија Ковид-19 натема „Ретроспектива: коронавирус МК“.
Министерот за здравство вели дека болничките капацитети и сега не се преполнети. Тој очекува некаде на почетокот на мај да има период во кој бројот на новодијагностицирани пациенти ќе се намалува, а тоа ќе доведе до попуштање на рестриктивните мерки.
Филипче вели дека оваа болест ќе донесе трајни промени не само во животот, туку и промени во здравствените системи.
„Ќе биде потребно да се одделат здравствените институции, едни само за третман на пациенти со Корона вирус, други само за пациенти кои се негативни. Сето тоа бара реорганизација и ние тоа го започнавме“, изјави Филипче.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, зборувајќи на истата конференција рече дека како што ќе се менуваат и прилагодуваат мерките, така ќе се менува и армискиот ангажман, но се очекува зголемен ангажман од страна на општините.
На конференцијата зборуваат и премиеро Оливер Спасовски и заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Децата и родителите хоспитализирани на хемато-онколошкото одделение негативни на Ковид-19
Сите деца хоспитализирани на хемато-онколошкото одделение, како и нивните родители кои престојуваат со нив за време на лекувањето се негативни на коронавирусот. Универзитетската Клиника за детски болести – Скопје соопшти дека овие рутински тестирања се според протоколите за работа поради новонастаната состојба.
Превентивно ќе се направат и тестови на сите вработени од хемато-онколошкото одделение каде нема заболени или суспектни на вирусот.
Лаборант и медицинска сестра од Детската клиника се позитивни на коронавирусот. Тие биле заразени од мајка на пациент кој лежел на клиниката, соопшти Министерството за здравство.
Подигнување на субвенциите за тутунот по азбучен ред за да не се прави гужва во банките
Министерот за земјоделство Трајан Димковски на прес-конференција соопшти дека денеска ќе бидат исплатени парите за субвенциите за тутунот за 2019 година. Сите тутунопроизводители ќе ги добијат субвенциите на своите сметки.
Поради вонредната состојба, а за да не се создаваат гужви во банките, оние што немаат платежни картички од 21 до 24 април ќе може да ги подигнат парите во банка, по распоред, според азбучниот ред на презимињата. Другите ќе може да ги подигнат парите од банкомат.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете