Достапни линкови

Вести

Србија му донира на Косово 1000 тестови за коронавирус

Илустрација
Илустрација

Здравствените власти во Белград и во Приштина потврдија дека Србија му донира 1000 тестови за коронавирус на Косово. Портпаролот на косовското Министерство за здравство Фаик Хоти рече дека денеска треба да пристигнат уште 2000 тестови од претходен договор, како и дека во петок ќе се знае кој го добил тендерот за набавка на 10-13 илјади тестови.

Во Косово има 449 регистрирани случаи на коронавирус, а 12 луѓе досега починаа.

Филипче – Ќе треба поголема вклученост на матичните лекари против коронавирусот

Прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче од домашна изолација
Прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче од домашна изолација

Радува фактот што секојдневно имаме нови и нови излекувани пациенти од коронавирус. Денеска вкупно 18, од кои 13 беа на болничко лекување и петмина кои се лекуваа во домашни услови. Со ова бројот на излекувани пациенти во нашата земја е 139, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој е во домашна изолација по средбата со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, кој е позитивен на коронавирус и прес-конференцијата ја одржа од сопствениот дом.

Во изминатите 24 часа, посочи тој, имаме 36 нови случаи и за жал тројца нови починати.

„Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 1117, односно 929 активни случаи“, изјави Филипче.

Најави дека од следната недела ќе се стават во функција уште две лаборатории во МАНУ и Институтот за судска медицина.

Тој рече дека преку видео врска разговарал со амбасадорите на Франција и на САД, како и разговор организиран од Светската здравствена организација. Тој информираше дека биле разменети мислења и ставови за тоа како се поставени здравствените системи и какви се плановите за понатаму.

„Заеднички е заклучокот дека оваа болест и после пикот на пациенти ќе продолжи да постои и нема да можеме целосно да ја елиминираме и веројатно ќе мора да има посебни делови од здравствениот систем посветени на пациенти кои ќе бидат позитивни на КОВИД-19 и на пациенти кои нема да бидат, а сè со цел да се испланираат капацитетите. Посебно гледајќи перспективно во периодот на периодот на есен или зима кога веројатно сите земји ќе се соочат, освен со соодветен број пациенти заразени со КОВИД-19 и на пациенти со сезонски грип. Ќе треба да се направи сериозна анализа и поставеност на здравствениот систем“, изјави Филипче.

Еден од главните заклучоци, посочи тој, бил во насока на поголемо активирање и вклучување на матичните лекари, со цел пациентите што повеќе да се задржат на примарно ниво, за болничките капацитети бидат слободни доколку биде потребна хоспитализација на пациенти со КОВИД–19.

Австрија ја затвори својата последна термоцентрала на јаглен

Илустрација: Термоцентрала во Виена
Илустрација: Термоцентрала во Виена

Австрија денеска ја затвори последната термоелектроцентрала на јаглен, што е симболична етапа во земјата која сака до 2030 година во целост да произведува струја од обновливи извори на енергија.

Термоелектраната на југот на Австрија го снабдуваше Грац со струја.

Останатите термоелектрани на јаглен во земјата беа затворени во изминатите 15 години.

Кризниот штаб Куманово бара карантин под посебни услови за градот

Куманово за време на полициски час
Куманово за време на полициски час

Општинскиот кризен штаб на Куманово бара од Владата да воведе 14-дневна, 24-часовна изолација во градот (карантин во посебни услови) кој ќе важи од 12 април до 4 мај. Под посебните мерки се подразбира дозволи за движење на различни категории вработени лица, пунктови за контроли, дезинфекција, достава на храна, вклучување повеќе оператори, операционализирање на одлуката на Владата за движењето на земјоделците и сточарите, зголемување на капацитетите на здравствените установи во Куманово, начин на одлагање на отпад од семејства со позитивни. Предвидено е обезбедување заштитна опрема за граѓаните, задолжително носење макси, ракавици на отворено, МТСП да ја следи состојбата на ранливите и лицата со попреченост, да се носи храна, заштита, дезинфекциски средства.

Тоа беше заклучено на денешната седница на штабот која се одржа преку конференциска врска, со оглед на тоа што градоначалникот Максим Димитриевски има коронавирус.

Штабот доставува и протоколи со повеќе категории граѓани, кои можат да се движат со посебни дозволи обезбедени од институции, утврдува начин на превоз и набавка на намирници.

Тие бараат и резултатите од тестовите да се доставуваат до Центарот за јавно здравје, помеѓу 24 и 48 часа од моментот на земање брисеви.

Јапонската влада ќе му даде 857 евра помош на секој жител на земјата

Јапонскиот премиер Шинзо Абе
Јапонскиот премиер Шинзо Абе

Јапонските власти ќе му дадат по 100 илјади јени, или околу 857 евра, на секој жител на земјата, без разлика дали е Јапонец или странец, за да помогне во одржувањето на стопанството за време на пандемијата на коронавирус, изјави денеска премиерот Шинзо Абе.

„Ќе вложиме напори сите брзо да ги добијат парите“, рече Абе на прес-конференцијата на која објасни зошто ја проширија вонредната состојба на целата територија на земјата.

Јапонската влада првично планираше на домаќинствата чии приходи се намалени од почетокот на епидемијата да им подари по 300 илјади јени, што се околу 2750 евра, но на крајот одлучи помошта да ја распредели на секој граѓанин.

Абе се извини за збрката која настана при промената на одлуката.

Таа мерка е дел од планот за економско заживување во износ од околу 900 милијарди евра.

Во Јапонија се регистрирани 9100 заразени од коронавирусот, од кои 148 починаа.

Властите првично воведоа вонредна состојба во седум региони, меѓу кои и Токио и Осака, но таа мерка беше проширена на целата земја, за да се спречат патувањата за време на таканаречената „Златна недела“ кон крајот на април и почетокот на мај, кога Јапонците обично имаат една недела одмор.

Бебето родено во ГАК од мајка позитивна на КОВИД-19, нема коронавирус

Илустрација
Илустрација

Бебето родено на 14 април во ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, чија мајка е заразена со коронавирус, е негативно на резултатот за COVID-19, соопштија од Клиниката.

„Во вторникот вечерта во ГАК беше породена 28-годишна пациентка, за која вчера стигна позитивен резултат од тестот за COVID-19. Пациентката немаше симптоми за коронавирус, беше породена спонтано, но затоа што е од кумановскиот регион, со неа уште од самиот прием на клиниката се постапуваше како со пациентка од ризично подрачје и по сите протоколи ѝ беше земен брис за COVID-19. Брис од бебето беше земен откако пристигна позитивен резулат за неговата мајка“, информираа од ГАК-Скопје.

Воедно од таму информираат дека вчера и мајката и бебето биле отпуштени од клиниката во добра здравствена состојба.

По две недели, повторно заболени од коронавирус во Дебар

Дебар
Дебар

По цели две недели, во Дебар повторно две лица се болни од коронавирус. Станува збор за медицински сестри од општината болница во Дебар, поради што уште пет други здравствени работници во оваа институција се ставени во домашна изолација. Директорот на болницата Баки Алили изјави дека поради недостиг на медицински кадар, денеска во болницата пристигна третата екипа на лекари специјалисти, бидејќи вчера втората група на лекари од Клиниката во Скопје по две недели ангажирање се врати дома.

Градоначалникот на Дебар изјави дека првата фаза дебарчани ја минаа успешно бидејќи дојде до намалување на бројот на болните во состојба на криза, но додаде дека коронавирусот и понатаму е присутен затоа упати апел до населението да продолжи максимално да ги почитува мерките на владата.

„Она што до сега го направивме заедно е само една добиена битка, но сè уште ја немаме добиено војната. Победата над оваа пандемија ќе биде тогаш кога ќе ја добиеме втората битка и ќе се вратиме во нормален живот. До тогаш важат мерките на вонредна состојба. Сега сè е во наши раце, дали ќе има новозаразени зависи од нас и нашето однесување, од тоа колку ќе ги почитуваме мерките и препораките на надлежните“, рече Дука.

Тој рече дека локалната самоуправа упатила барање до Владата за да има посебна финансиска поддршка за општината која 30 дена беше во кризна состојба при што бизнисот претрпел големи штети.

Почна 85–часовниот велигденски карантин

Попладнево во 16 часот почна 85-часовниот полициски час за сите граѓани на територија на целата држава.

Забраната за движење ќе трае во целата земја до вторник наутро во 5 часот.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Изземени од забраната се и сите лица со попреченост со придружници.

Премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче, во пресрет на Велигденските празници апелираа до граѓаните да покажат одговорност, да останат дома, да не се собираат, групираат и строго да ги почитуваат заштитните мерки, посебно физичката дистанца од два метра, за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Надлежните укажуваа дека влегуваме во најкритичната фаза од епидемијата каде бројот на новодијагностицирани очекувано расте, но не смее да се дозволи тој дополнително да се оптовари и да се даде шанса понатаму да се зголеми.

По две бегства од болница, Германец со коронавирус од делегацијата на ЕУ во БиХ сместен во база на ЕУФОР

Луѓе чекаат да бидат тестирани за коронавирус пред болница во Сараево
Луѓе чекаат да бидат тестирани за коронавирус пред болница во Сараево

Германец, заразен со коронавирус, вработен во делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, изолиран е во база на ЕУФОР кај Сараево, откако два пати се обидел да избега од болница. На Германија ѝ е испратено барање за негово враќање во земјата, пренесува новинската агенција Бета.

ЕУФОР соопшти дека доцна синоќа медицински лица од болницата Кошево во Сараево довезле еден припадник на делегацијата на ЕУ во БиХ со потврден коронавирус во базата Бутмир. Се додава дека тоа лице ќе остане во изолација во базата сè додека не се завршат сите подготовки за негово враќање во Германија.

Тој човек вчера два пати се обидел да им побегне на медицинските работници во објектот за изолација Подхрастови во Сараево.

По првото бегство бил лоциран во градот и сместен во возило на Брза помош, но во тек на транспортот повторно се обидел да побегне. По фаќањето бил префрлен во базата Бутмир.

Шефот на делегацијата на ЕУ во БиХ, Јохан Сатлер изјави дека е шокиран од настаните.

„Длабоко сум вознемирен со случувањата во врска со заразениот член на нашиот тим“, нагласи Сатлер и додаде дека се работи за „вредна и одговорна личност која немала психички проблеми“.

Нови 36 случаи на коронавирус, тројца починати, 18 излечени

Возило на брза помош во Куманово
Возило на брза помош во Куманово

Министерството за здравство денеска соопшти дека на Клиниката за инфективни болести починаа две пациентки од Куманово и Крушево на возраст од 85 и 77 години. Во денешната евиденцијата е регистриран и еден починат пациент од струшкото село Лабуништа, кој имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори, а бил ковид-позитивен. Пациентот починал пред три дена, за што неговиот матичен лекар денеска го информирал Институтот за јавно здравје.

Како што се наведува во соопштението, денеска се регистрирани вкупно 18 оздравени пациенти. Од Клиниката за инфективни болести си заминале 11 пациенти, двајца од болницата во Дебар, а регистрирани се и петмина оздравени пациенти (двајца од Кочани и тројца од Скопје) кои се лекувале во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.

Во изминатите 24 часа се потврдени 36 нови случаи на КОВИД-19. По градови најмногу во Скопје - 22, следат Куманово - 4, Прилеп - 3, Струга - 3, Велес – 3 и Битола - 1.

Со новозаболените вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во земјава изнесува 1117. Според местото на живеење, досега се регистрирани случаи во: Скопје – 389, Куманово – 310, Дебар – 51, Штип-32, Прилеп – 103, Тетово – 48, Струга – 53, Велес – 43, Битола –16, Охрид –7, Кавадарци – 4, Гостивар –12, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка - 4, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 26, и по два во Пробиштип, Кичево и Неготино.

На Инфективната клиника во Скопје примени се пет нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 54. Од нив 18 пациенти се на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември“ примени се седум нови пациенти, од нив еден веднаш е ставен на респиратор. Вкупно се хоспитализирани 37 пациенти, од кои 10 со потешка клиничка слика, а на респираторна машина се приклучени вкупно седум пациенти.

Во болницата во Битола се лекуваат осум ковид-позитивни пациенти, од кои три лица се повремено на кислородна поддршка, останатите се стабилни. Примени се две лица со симптоми на вирусот на кои им е земен брис, а тие се сместени во изолација.

Во штипската болница се хоспитализирани осум пациенти со коронавирус, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG