Достапни линкови

Вести

Филипче – Влегуваме во критична фаза, ќе расте бројот на заразени од Ковид-19

Министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот за здравство Венко Филипче.

Поставена е нова организација на комуникација во Министерството за здравство поради новонастаната ситуација, но процесите во борбата против коронавирусот остануваат под максимална координација меѓу сите институции, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче преку онлајн конференција.

Тој рече дека периодов за сите прашања со јавноста ќе комуницира онлајн од домашни услови и дека во секое време ќе биде достапен за прашањата на медиумите, но дека ќе комуницира и со сите колеги во Комисијата за заразни болести.

Вчера министерот за здравство Филипе, заедно со премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерот Бујар Османи, беа на средба со градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, за кој денеска по добиените резултати беше објавено дека е позитивен на коронавирус. Тројцата министри од денеска се во домашна изолација.

Според Филипче, ризикот да биде позитивен на Ковид-19 е многу мал според проценките на инфектолозите, бидејќи како што рече, носел маска за време на средбата со Димитриевски.

Филипче додаде дека немале инфорамции дека луѓето во кумановскиот кризен штаб чекале резултати за коронавирус.

Во изминативе 24 часа во земјава се потврдени 107 нови случаи на новиот коронавирус, додека еден пациент на 50 годишна возраст од струшко инфициран од Ковид-19 почина на Клиниката за инфективни фебрилни болести, соопшти денеска Министерството за здравство.

„Бројот на заболени не треба да изненадува, следува пикот во неделите кои се пред нас, апелирам граѓаните да ги почитуваат сите мерки со цел да се сепречи ширењето на вирусот“, изјави Филипче.

Тој апелираше дека за велигденските празници не смее да има групирање, посочувајќи дека „влегуваме во критична фаза, бројот ќе расте“, но апелираше дека не смее тој да биде дополнителен.

„Собирање од било каков тип е огромен ризик, апелирам граѓаните ова да го сфатат сериозно и да се придржуваат кон препораките“, рече Филипче.

На новинарско прашање, тој рече дека смртноста на пациентите во Македонија кои се ставени на респиратор е со висок процент, но додаде дека слична е ситуацијата во повеќе земји во светот и дека овој степен на компликации е карактеристичен само за овој вирус.

„Влошувањата одат многу нагло, навистина на инфективната клиника работат инфектолози со големо искуство за водење на пациенти со респиратодна машина“, рече Филипче.

На прашањето дали властите планираат да се затвори Куманово поради големиот број на случаи, Филипче рече дека за тоа разговарале, но наведе дека има голем број на граѓани од Куманово кои работат во Скопје, околу 4.000 граѓани.

Тој најави дека утре официјално ќе биде разгледано барањето на Комисијата за заразни болести, дали Куманово да се затвори.

Заев негативен и на вториот тест за коронавирус

Претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Претседателот на СДСМ Зоран Заев.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска на Фејсбук објави дека е негативен и на вториот тест за коронавирус што му бил направен согласно здравствените протоколи.

„Денеска согласно здравствените протоколи ми беше направен и втор тест за присуство на коронавирусот, кој како и првиот тест е негативен“, напиша Заев.

Тој упати поддршка за брзо оздравување на градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и до сите граѓани кои се справуваат со вирусот, но уптаи и недеж дека премиерот Оливер Спасовски и министрите ќе имаат негативни тестови.

Заев како и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се во самоизолација, oткако имаа интервју со новинар за кој подоцна беше утврдено дека е позитивен на Ковид-19. Мицкоски објави дека по првиот тест бил негативен.

Во самоизолација од денеска се и премиерот Оливер Спасовски, министерот за здравство венко Филипче и вицепремиерот Бујар Османи, откако влера беа на средба во Куманово со градоначалникот Димитриевски.

Поради тоа тие денеска не присуствуваа ниту на седницата на Советот за безбедност на која претседателот Стево Пендаровски донесе одлука за продололжување на вонредната состојба за дополнителни 30 дена, со цел спречување на ширењето на коронавирусот.

Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид -19 во земјава во моментов изнесува 1.081 лице од направени вкупно 10.422 тестирања на Ковид – 19. Излечени се 98 лица, додека досега починати се 45 луѓе.

Русија ја одложи прославата за Денот на победата

Рускиот претседател Владимир Путин.
Рускиот претседател Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин нареди одложување прославите на 9 Мај по повод одбележувањето на 75-годишнината од победата на Советскиот сојуз против нацистичка Германија во Втората светска војна, повикувајќи се на тековната пандемија на коронавирусот.

Зборувајќи на безбедносниот состанок на 16 април, Путин рече дека настаните, вклучително и масовната воена парада на Црвениот плоштад ќе бидат одложени до подоцнежен датум.

„За да може парадата да се одржи на 9 Мај, подготовките треба да започнат токму сега, но ризиците поврзани со епидемијата, чии пик се уште не е поминат, се уште се екстремно високи и тоа не ми дава право да ги започнам подготовките за парадата и други масовни настани“, рече Путин.

Настаните што го одбележуваат Денот на победата во други региони во земјата, исто така се одложени.

Русија спроведе делумно затворање на целата земја до 80 април, бидејќи инфекциите од коронавирусот продолжуваат да растат.

Има околу 28.000 потврдени случаи на коронавирус и 232 смртни случаи, според официјалните податоци.

Критичарите велат дека бројот на заразени и на смртни случаи веројатно е многу поголем.

Швајцарија постепено ги укинува мерките до крајот на април

Полиција во Швајцарија.
Полиција во Швајцарија.

Швајцарија денеска најави дека од 27 април ќе почне „бавно“ и „постепено“ да ги ублажува мерките воведени поради пандемијата на коронавирусот.

Фризери, психотерапевти, лекари или паркови ќе бидат првите кои веќе од 11 мај ќе почнат да работат, пред училиштата, продавниците и пазарите.

Од 8 јуни е планирано отворање на школите, универзитетите, музеите, библиотеките и зоолошките градини, објавија швајцарските федерални власти.

Во Швајцарија повеќе од илјада луѓе починаа од коронавирусот, а заразени се скоро 27.000.

Се повеќе европски држави најавуваат постепено укинување на мерките. Меѓутоа, директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге, изјави дека 50 отсто од случаите на коронавирус се наоѓаат во Европа и дека следните неколку недели ќе бидат критични.

Еден починат и 107 нови случаи на Ковид-19

Клиника за инфективни болести во Скопје.
Клиника за инфективни болести во Скопје.

Пациент на 50 годишна возраст од Струшко инфициран од Ковид-19 почина на Клиниката за инфективни фебрилни болести, соопшти денеска Министерството за здравство. Пациентот бил хоспитализиран на 27 март и само еден ден подоцна му се влошила состојбата и бил поставен на механичка вентилација.

Во изминативе 24 часа во земјава се потврдени 107 нови случаи на новиот коронавирус, од кои во Скопје – 28, Куманово – 44, Прилеп – 11, Тетово – 5, Битола – 6, Дебар – 2, Штип -1, Струга – 1, Велес – 4, Кавадарци – 1, Гостивар – 2, Кочани и Кичево по еден, информираат од Министерството за здравство.

Во изминатото деононоќие направени се 660 теста, а на инфективната клиника примени се 11 нови пациенти, со што во моментов се хоспитализирани 62 пациенти, 18 се со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка, додека 5 пациенти се на механичка вентилација.

Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во земјава во моментов изнесува 1.081 лице од направени вкупно 10.422 тестирања на Ковид – 19. Излечени се 98 лица, додека досега починати се 45 луѓе.

Од Клиниката за за инфективни фебрилни болести се испишани пет пацеиенти, а регистрирани се и 18 оздравени пациенти кои се лекувале во домашни услови и по два контролни теста се негативни на коронавирусот.

Според местото на живеење, досега се регистрирани случаи во Скопје – 367, Куманово – 306, Дебар – 51, Штип – 32, Прилеп – 100, Тетово – 48, Струга – 50, Велес – 40, Битола – 15, Охрид – 7, Кавадарци – 4, Гостивар – 12, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 4, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 26, Пробиштип – 2, Кичево – 2, Неготино – 2.

Група европратеници загрижени за ситуацијата во Србија

Илустрација - Европскиот парламент.
Илустрација - Европскиот парламент.

Ситуацијата во Србија во врска со почитувањето на Уставот и човековите права е „исклучително вознемирувачка“, предупредуваат пратеници во Европскиот парламент.

Група од 21 пратеник во ЕП испрати писмо до европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји во кое нагласуваат дека претседателот на Србија Александар Вучиќ, без заседавање на Парламентот прогласил „неограничена“ вонредна состојба поради коронавирусот.

„Овие остри и непропорционални мерки што ги ограничуваат човековите права, очигледно не се преземени за да се спречи ширењето на Ковид-19, туку да се спречи слободата на изразување и слободно движење“, истакнува групата европратеници.

Тие во писмото наведуваат дека како резултат на овие мерки, веќе имало апсење на граѓани со образложение дека ги кршат мерките за време на полицискиот час. Меѓутоа, како што се наведува во писмото, „вистинската причина е критика на владината политика.“

Групата пратеници предупреди дека Владата на Србија сакала да воспостави потполна контрола врз медиумите „за да објави само филтрирани и претежно лажни информации, како и клевети против ЕУ.“

Европските пратеници оценуваат дека испраќање на војска во болниците низ цела Србија е соодветно за воена состојба, но не и за пандемија.

Тие го потсетуваат Вархеји и на изјавата на претседателот Александар Вучиќ дека не постои европска солидарност, наведувајќи дека во меѓувреме продолжила „спектакуларната соработка со Москва и Пекинг.“

Пратениците во писмото бараат од комесарот за проширување Вархеји да се изјасни за тоа каков е ставот на Европската унија за изјавата на официјален Белград насочена против ЕУ, како и што планира да превземе Европската комисија „да се спротивстави на екстремните мерки на Владата на Србија, не само со зборови, туку и со дела.“

Талибанците убија девет авганистански војници

Архива - припадник на авганистанските безбедносни сили.
Архива - припадник на авганистанските безбедносни сили.

Авганистанското министерство за одбрана соопшти дека Талибанците убиле девет владини војници во напад во текот на ноќта врз воен пункт во областа Чарх во провинцијата Логар, во источниот дел на земјата.

Портпаролот на Министерството Фавад Аман за РСЕ изјави дека Талибанците претрпеле „големи жртви“ во насилството, без да даде дополнителни детали.

Дидар Ахмад Лоанг – портпарол на гувернерот на Логар, го потврди бројот на убиените војници.

Талибанците засега не дадоа коментар.

Талибанските милитанти спроведуваат напади и покрај потпишувањето на мировниот договор со САД во февруари, со цел ставање крај на 18-годишниот конфликт во земјата.

Договорот предвидува повлекување на сите странски сили од Авганистан до јули 2021 година во замена за антитерористички гаранции од страна на Талибанците, кои се обврзаа дека ќе започнат директни преговори со Авганистанската влада за постојан прекин на огнот и ангажман во споредлувањето на моќта.

Нова вонредна состојба од 30 дена

Ќе биде прогласена нова вонредна состојба од 30 дена, одлучил Советот за безбедност кој се состана кај претседателот Стево Пендаровски.

„Одлуката ќе ја донесам согласно моите уставни надлежности и ќе трае 30 дена“, рече Пендаровски и нагласи дека не станува збор за продолжување на вонредната состојба којашто завршува денеска, туку за прогласување на нова.

Претседателот даде коментар за правните дилеми кои се појавија во јавноста во врска со уставноста за продолжувањето на воената состојба повеќе од пропишаните 30 дена.

„Јасно е дека уставотворецот нема предвидено ваква ситуација. Собранието да не работи и да не може да ја потврди мојата прва одлука за вонрената состојба. Ја преземав одговорноста со носење на ваква одлука само затоа што имаме ситуација без преседан, кога е далеку поважно да ги сочуваме животите и здравјето на луѓето отколку да се криеме зад правни толкувања“, рече Пендаровски.

На состанокот на Советот за безбедност не присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за здравство венко филипче кои од денес се во изолација. Тие вчера имаа средба со кумановскиот градоначалник кој денеска објави дека е позитивен на коронавирус.

Угостителите со нови барања - Да им се плати и половина кирија

Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство
Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство

Угостителите испорачаа нови барања до Владата, но, не се откажуваат од барањето, секој работник од угостителството да добие бруто-минимална плата од државата. На власта угостителите ѝ побарале и да се одложи плаќањето на режиски трошоци, односно струја, вода и парно за објектите, како и да им се плати половина од киријата за објектите.

„Побаравме со уредба, сите што се одјавени вработени кога ќе ги пријавиме назад, да бидат квалификувани за мерката за април за цел месец. Значи, заклучно со 31.03 тие што се одјавени без разлика кој ден од април ќе се пријават, да бидат квалификувани да добијат соодветна помош. Побаравме дел од кириите да ни бидат покриени од државата, односно половина од сумата“, рече Мартин Ангеловски, групација на угостители.

Вчера, од УЈП посочија дека компаниите од угостителската дејност кои имаат претрпено штета поради постапување по мерките на владата ќе бидат ослободени од плаќање на данок на личен доход и данок на добивка за месеците март, април и мај годинава.

Меѓутоа, директорката на УЈП, Сања Лукаревска, ги соопшти и условите за таа мерка.

„За да го користат ова право, даночните обврзници треба да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност или друг вид годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник од денот на влегување во сила на уредбата до денот на траењето на ослободувањето, односно 15 јуни 2020 година, како и да не го намалат бројот на вработени сметано од 26 март 2020 година до три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случај на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените“, рече Сања Лукаревска директорка на УЈП.

ВМРО-ДПМНЕ бара кризна состојба во Куманово и Прилеп

Александар Николоски
Александар Николоски

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да се прогласи кризна состојба во Куманово и во Прилеп, поради зголемениот број на заразени со коронавирусот и ја обвинува власта за „партиски декор“ во справувањето со пандемијата.

„Куманово е тешко погодено од корона вирусот. Таму гледаме многу политика, многу партиски и внатрепартиски препукувања, а малку сериозни чекори. Предлагаме итно да се донесе одлука за прогласување на кризна состојба во Куманово и бараме заради терање политика и надмудрување во рамките на СДСМ да не страдаат граѓаните. Итно донесување на одлука за прогласување на кризна состојба во Куманово со цел да канализира борбата со коронавирусот и да почне да се решава овој проблем. Тоа треба да се направи уште денес“, изјави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој смета дека Прилеп е второто жариште и дека и во тој град треба итно да се прогласи кризна ситуација.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG