Достапни линкови

Вести

Најголем пад на производството во Америка од Втората светска војна

Производството и вкупното индустриско производство во САД забележаа најголем пад од демобилизацијата во земјата по завршувањето на Втората светска војна.

Федералните резерви денеска соопштија дека производството минатиот месец е намалено за 6,3 отсто, пред сè поради падот на производството во автоиндустријата каде што сите фабрики се затворени. Севкупно, индустриското производство, кое ги вклучува фабриките, комуналиите и рудниците опаднало за 5,4 отсто, што е најголем пад од 1946 година и ги надминува песимистичките очекување на економистите. Производството на автомобили и автоделови опадна за 28 отсто, во комуналните претпријатија за 3,9 отсто, а во рудниците за 2 отсто, зашто е намалена експлоатацијата на нафта и гас.

Фабриките минатиот месец работеа со 70,2 отсто, што е пад од 75 проценти во однос на февруари, а најниско ниво од 2010 година, кога американската економија уште се опоравуваше од големата рецесија од 2008/09 година.

„Прогнозите за индустријата се мрачни, производството уште повеќе ќе падне во април“, напишаа Џејмс Вотсон и Грегори Дако од магазинот Оксфорд економикс.

Тие сметаат дека големите нарушувања во синџирите на снабдување, намалената енергетска активност и заострените финансиски услови и понатаму негативно ќе влијаат и дека индустриското производство би можело вкупно да опадне за 15 отсто.

Лекарка издала лажни потврди за движење во полициски час

Полициски час
Полициски час

Лекарка од Делчево заработи кривична пријава оти им издала лажни потврди на четири лица за да може да се движат за време на полицискиот час.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 48 годишната лекарка од Делчево за злоупотреба на службената положба и овластувањето. Пријава, како што стои во полицискиот извештај, е поднесена и против лицето, кое и ги дало имињата на докторката.

Со потврдата лицата се движеле во времето на полицискиот час, што е спротивно на одлуката на Владата, според која во време на забрана за движење, придружба на лице за давање итна медицинска помош може да вршат најмногу две лица.

Второто пријавено лице од пехчевското село Панчарево, телефонски ѝ ги именувал четирите лица на докторката, што таа требало да ги наведе во потврдата за да им послужи за патување во време на забраната за движење.

Со пари од ЕУ ќе се градат и реконструираат 22 училишта во Албанија

Школо во Албанија два месеци по земјотресот.
Школо во Албанија два месеци по земјотресот.

Европска унија и одобри фонд од 15 милиони евра за изградба и реконструкција на училишта урнати или оштетени од земјотресот што Албанија ја погоди на 26 ноември минатата година.

Еден ден откако ЕУ одобри фонд во износ од 115 милиони евра за обнова на Албанија, канцеларијата на ЕУ во Тирана и албанската Влада ја потпишаа програмата „ЕУ за училиштата“ со фонд од 15 милиони евра, што ќе биде наменет за обнова на 22 училишта, каде настава следат околу 7.500 ученици.

Со овие пари ќе се градат и санираат училишта во пет области, кои беа најпогодени од земјотресот, а реализацијата на проектот ќе го набљудува канцеларијата на ЕУ во Тирана. Во земјотрес загинаа 51 лице, а материјалната штета се проценува на повеќе од една милијарда евра.

Спасовски - Владата и за Велигден не отстапува од мерките

Владата не отстапува ниту педа од одлуките и мерките кои се однесуваат на забраната за движење и за време на Велигденските празници, а кои се во интерес за заштитата на јавното здравје и во интерес на здравјето на секој граѓанин. Тие важат за секого, напиша премиерот Оливер Спасовски на неговиот официјален Фејсбук профил.

Тој потсетува на мерките и вели дека тие остануваат на сила и за време на велигденските празници.

Тој посочува дека, навистина, денес поминуваме низ тешки искушенија и во однос на личните вредности и потреби и оти прв пат православните верници, наместо во храмовите, ќе треба да ги поминат Велигденските празници во своите домови.

„Тоа нема да не направи послаби верници – напротив, тоа ќе ни го зајакне духот, зашто сите знаеме дека со тоа спасуваме ЖИВОТ. Нашите животи зависат од однесувањето на сите нас – никој од нас нема право да загрози туѓ живот – а живот нема да загрозиме ако останеме дома. Да се здружиме сите и да го запреме вирусот кој му се закани на целото човештво. Народот и државата можат заедно да го спречат ширењето на вирусот“, порача на премиерот Спасoвски на Фејсбук.

Пациентите да не ги лажат здравствените работници

Пациентите да бидат искрени на прашања на здравствените работници, апелираат од Здравствен дом Велес. Четворица вработени во Лабораторијата на ЈЗУ Здравствен дом Велес, се ставени во самоизолација поради контакти со лица при земање на крв во Лабораторија, кои лажеле на прашањата за тоа дали имале контакти со заразени или сомнителни на Ковид-19, изјави доктор Страхил Тодоров, портпарол на ЈЗУ Здравствен дом за МИА.

Тој апелира до сите пациенти кои се јавуваат за било каква медицинска помош во нивните служби да бидат искрени.

Во Велес има 36 дијагностицирани со Ковид -19.

Г20 ги суспендира долговите на најсиромашните земји на 12 месеци

Министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Групата 20 индустриски најразвиени и земји во развој Г20 денеска одобрија привремен прекин на отплатата на долговите на најсиромашните земји. Ова беше соопштено по виртуелниот состанок на Г20. Во соопштението се наведува дека е „договорен координиран пристап“ и дека таа иницијатива ја одобрил Парискиот клуб.

„Сите официјални билатерални доверители ќе учествуваат во оваа иницијатива“, додава Г20 и ги повика да учествуваат и приватните доверители.

Саудискиот министер за финансии Мохамед ал-Џадан, на видео прес-конференцијата, рече дека долгот на најсиромашните земји е суспендиран на 12 месеци.

„Одлучни сме да вложиме напори да ги заштитиме човечките животи“, рече тој и истакна дека е потребно да се поддржи светската економија и да се обезбеди отпорност на финансискиот систем.

„Мора да продолжиме и да ги засилиме своите напори“, рече тој. Групата седум индустриски најразвиени земји во светот Г7 вчера се заложи за суспензија на долговите на најсиромашните земји, за да им се помогне да се изборат со здравствените и економски последици од пандемијата на коронавирусот.

Брнс до граѓаните - Вирусот може да се запре само со заедничка работа

Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнс
Американската амбасадорка во Скопје, Кејт Мери Брнс

Амбасадорката на САД во Македонија, Кејт Мари Брнс во отворено писмо до граѓаните порача дека само со заедничка работа може да се надеваме на успешно запирање на вирусот и евентуално пронаоѓање на вакцина. А за тоа да се оствари таа вели дека треба да се надминат националните граници, партиските и други поделби и да има соработка меѓу приватниот, невладиниот и јавниот сектор.

Во писмото, амбасадорката Брнс наведува дека ова е нова ситуација за сите нас и оддава признание за работата на Владата и за начинот на кој се справува со кризата. Без разлика на предизвиците што ни ги донесоа изминатите денови, амбасадорката посочува дека постојано гледа знаци на надеж и добрина.

„Ме охрабруваат секојдневните изрази на емпатија насекаде околу нас: на соседот кој им помага на постарите; на итните служби и на здравствените работници кои со сочуство се грижат за заболените; на продавачите; на возачите на камиони, на аптекарите и на многу други, кои продолжуваат да работат за нашите животи да продолжат колку што е можно понормално во овие неизвесни времиња; и многу други примери на човечка хуманост“, пишува Брнс.

САД и даваат поддршка на Македонија и во справувањето со оваа криза. Амбасадорката вели дека САД ќе останат партнер на земјата и по завршувањето на кризата за работите да се вратат во нормала.

„Уверена сум дека од ова искуство ќе излеземе посилни, нашето партнерство ќе биде подлабоко, и заедно ќе можеме да градиме нови можности за да помогнеме да ги реализирате вашите аспирации за силна, динамична и отпорна иднина, стои во отвореното писмо на американската амбасадорка Брнс.

До Хелсиншки комитет месецов 363 работници се пожалиле за прекршување на правата

Од почетокот на месецот Хелсиншкиот комитет доби 56 пријави за прекршување на работнички права, кои опфаќаат 363 работници, информираат од Хелсиншкиот комитет за човековите права. Најголем дел од пријавите се однесуваат на принудно спогодбено раскинување на договорот за работа.

„Во девет пријави, каде се отпуштени 67 работници, отказите се основани поради деловни причини, поради вина на страна на работникот и отказ поради прекршување на работниот ред и дисциплина. Врз основа на принудно спогодбено раскинување на договорот за вработување се отпуштени 264 работници. За прекршување на мерките на Владата, се отпуштени седум работници, односно 67 работници се отпуштени заради намалување на платите/неисплатени плати“, велат од Хелсиншки Комитет.

Гледано во проценти по родова распределба, 62 отсто од отпуштените се работнички.

Светските лидери против одлуката на Трамп за СЗО

Претседателот на САД Доналд Трамп
Претседателот на САД Доналд Трамп

Светските лидери го осудија потегот на претседателот на САД Доналд Трамп кој скрати од парите што земјата и ги дава на Светската здравствена организација (СЗО), која во моментов се справува со пандемијата на коронавирус.

ЕУ, Русија, Кина, Обединетите нации и експерти од целиот свет остро го критикуваа Трам кој и скрати на СЗО речиси половина милијарда долари.

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас на Твитер напиша дека нема да помогне обвинувањето на другите и дека една од најдобрите инвестиции е зајакнување на ОН, пред сè на СЗО.

Вчера Трамп обвини дека СЗО сериозно погрешно управува со кризата и поради тоа дал наредба да се запре приливот во СЗО, бидејќи „не успеа во својата основна должност и за тоа мора да одговора“.

Соединетите Американски Држави се најголемиот донатор на СЗО.

Потегот на Трам го критикуваше и доктор Патрис Харис, претседател на Американското медицинско здружение, кој вели дека тоа е опасен чекор во погрешна насока и тоа нема да го олесни поразот на Ковид-19. Тој повика Трамп да го преиспита својот став.

Ко-основач на Мајкрософт, Бил Гејтс, чија фондација е втор по големина донатор на СЗО, на Твитер напиша дека запирањето на финансирањето за здравственото тело на ОН за време на глобалната здравствена криза е толку опасно, колку што звучи.

Кинеските власти ги повикаа САД да ги исполнат своите обврски кон СЗО. И потпретседател на ЕК Жозеп Борел вели дека нема оправдување на потегот на Трамп.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека сега не е време да се намалат ресурсите за СЗО или на која било друга хуманитарна организација што се бори против коронавирусот.

Похор бара армијата да ја штити границата на Словенија со Хрватска

Словенечкиот претседател Борут Пахор.
Словенечкиот претседател Борут Пахор.

Словенечкиот претседател Борут Пахор, повторно побара да и се дадат поголеми овластувања на армијата за заштита на границата со Хрватска. Целта на тоа е да се заштити јужната граница на државата, што е под притисок од нелегална миграција, бидејќи полицијата се повлекува во внатрешноста на земјата поради спроведување на мерките против коронавирусот. Похор беше во посета на границата со Хрватска заедно со министерот за внатрешни работи Алеш Хојс и министерот за одбрана Матеј Тонин.

Првиот обид да се активира членот 37 од Законот за одбрана, со која на армијата ќе добиеше дополнителни овластувања пропадна, откако немаше доволен број пратеници кои го поддржаа предлогот.

„Аргументите за активирање може не беа доволно убедливи. Во Собранието може доминира мислење дека Владата сака да ја искористи состојбата со епидемијата за други цели. Но, факт е дека и армијата се согласува да добие поголеми овластувања“, изјави Пахор.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG