Достапни линкови

Вести

ДСК поддржува формирање нова влада со останатите партии

Иса Мустафа, претседател на Демократскиот Сојуз на Косово
Иса Мустафа, претседател на Демократскиот Сојуз на Косово

Генералниот совет на Демократскиот Сојуз на Косово го одобри барањето на претседателот на оваа партија, Иса Мустафа, да формира нова влада со Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, со Социјалдемократска иницијатива на Фатај Лимај, Алијансата за ново Косово на Беџет Пацоли и партиите на малцинските заедници.

Ова денеска на својот фејсбук профил го објави лидерот на ДСК, Иса Мустафа. Тој побара од советот да ја објави коалицијата по електронски пат во недела.

По гласањето за недоверба на владата на 25 март, повикувајќи се на уставните овластувања, косовскиот претседател Хашим Тачи одржа одделни состаноци со политичките партии претставени во Собранието. Потоа, Тачи два пати побара од лидерот на Самоопределување и премиерот на должностАлбин Курти нов кандидат за косовски премиер, бидејќи партијата на Курти освои најмногу гласови. Тачи инсистира на формирање на сеопфатна влада на што пак Курти се противи.

Курти сè уште не доставил предлог за нов мандатар, а во писмото до Тачи вчера, тој пишува дека неговприоритет е борбата против КОВИД-19 и дека откако ќе заврши пандемијата, треба да се одржат избори. Курти инаку е против формирање нова влада.

Уставот исто така не предвидува краен рок за поднесување на кандидати за новата влада на Косово.

ММФ: Светот би можел да се соочи со својата најлоша рецесија

Меѓународен монетарен фонд, лого
Меѓународен монетарен фонд, лого

Глобалната економија се очекува да се намали за 3 проценти во 2020 година, како резултат на колапсот после пандемија со коронавирусот, со што ќе се забележи најостр пад од Големата депресија од 1930-тите, соопшти денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Многу е веројатно дека годинава глобалната економија ќе ја доживее својата најлоша рецесија од Големата депресија, надминувајќи го тоа што го видовме за време на глобалната финансиска криза пред десет години“, се вели во извештајот, кој го пренесува Ројтерс.

ММФ предвидува делумно подобрување во текот на 2021 година, но сепак додаваат дека прогнозите се обележани со „екстремна неизвесност“ и дека во зависност од текот на пандемијата, економскиот исход би можел да биде полош.

„Според најдоброто сценарио ММФ очекува светот да изгуби девет илјади милијарди во текот на две години, што е повисоко од комбинираниот бруто-домашен производ на Германија и Јапонија“, соопшти Џита Џопинат, водечки економист во ММФ.

Прогнозите на ММФ се дека пандемија на коронавирусот ќе достигне врв кај повеќето земји во текот на вториот квартал и дека ќе исчезне во втората половина на годината, кога постепено ќе се отвораат разни бизниси. Подолга пандемија која би можела да потрае и после третиот квартал пак, би можела да предизвика натамошно намалување од три проценти во 2020 година и уште побавно закрепнување во текот наследната година, соопшти ММФ.

Досега репатрирани 3.032 македонски граѓани од над 15 земји

зграда на МНР
зграда на МНР

По апелот за пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање на авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, заклучно со денеска во организација на Министерството за надворешни работи е направена репатријација на 3.032 наши државјани.

Како што соопшти МНР, од посочената вкупна бројка 2.022 се репатрирани од 13 земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија, Швајцарија, Велика Британија, Белгија, Франција, Шведска, Данска, Холандија и Италија) на летовите од 15 градови (Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, Базел, Лондон, Брисел, Париз, Стокхолм, Копенхаген, Ајндховен и Венеција), а 214 граѓани со четири хуманитарни конвои од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија и од Турција.

Воедно, во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, посочува МНР, овозможена е репатријација и на повеќе од 759 странски државјани кои од Скопје се вратени во своите земји, меѓу кои: Австрија, Велика Британија, Германија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др.

Лаборант во Детската клиника позитивен на корона, сите во Шутка негативни

илустрација
илустрација

Вработен во Клиниката за детски болести е позитивен на коронавирус, соопшти на денешната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.

„Се работи за вработен во лабораторијата и истиот според моите информации не бил во контакт со пациенти“, изјави министерот.

Тој додаде дека засега нема потреба од реорганизација на персоналот во Клиниката, бидејќи има доволно вработени,и дека во изолација се четворица од вработените кои биле во непосредна близина на заразениот лаборант.

Филипче додаде дека по добиените податоци за тоа дека неколку дена по ред нема нови случаи на заразени од коронавирусот во општините Дебар и Центар Жупа во тек е скрининг на теренот преку матичните лекари. Исто така министерот информираше дека од досега добиените резултати од тестовите извршени на сите во истражниот затвор во Шутка, нема ниту еден позитивен тест.

Филипче соопшти дека денеска завршила постапката за набавка на респиратори и дека во следните денови треба да стигнат сите 31 машина.

Инаку во изминатите 24 часа се потврдени 54 нови случаи на коронавирусот, од кои 10 се од Прилеп, каде досега се дијагностицирани 85 заразени. Вкупната бројка на заболени лица е 908. Досега се заболени вкупни 122 здравствени работници, а од нив седумина се оздравени и вратени на работните места. Досега се оздравени 42 лица.

Русија е подготвена да преговара со САД за хиперсоничните ракети

илустрација
илустрација

Русија е подготвена да преговара со Соединетите Држави за хиперсоничните проектили и друга контрола на вооружувањето, како дел од пошироките разговори за стратешката стабилност, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

И двете земји развиваат хиперсонични проектили за подобрување на нивните одбранбени системи. Лавров рече дека сака повторно да разговара со државниот секретар на САД, Мајк Помпео, откако пред неколку дена, во разговор Помпео ја спомнал можноста за продолжување на разговорите за контрола на оружјето и стратегиска стабилност.

„Го поздравуваме овој интерес од нашите американски партнери затоа што и ние ги охрабривме пред извесно време да се осврнат на овие проблеми“, изјави Лавров.

Вратени 152 македонски државјани од Италија

Министерството за надворешни работи информира дека денеска бил организиран лет за враќање на македонските граѓани затекнати во Италија. И покрај поголем број пријавени наши државјани, од нив 180 го потврдиле враќањето, од кои 152 пристигнале на аеродромот во Венеција и се качиле на денешниот лет кон Скопје.

По пристигнувањето во земјата, тие ќе бидат упатени во задолжителен државен карантин во времетраење од 3 седмици во согласност со одлуката на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство.

На летот кон Италија во координација со италијанската амбасада во земјата била организирана репатријација на 32 странски државјани, кои биле затекнати во Скопје.

Димитриевски: Во Куманово е потребен 14-дневен карантин

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски побара Владата итно да го разгледа неговиот предлог за прогласување 14-дневен карантин во Куманово по примерот на Дебар оти смета дека тие се закана за жителите на другите градови.

Неговата реакција следува по соопштувањето на најновите информации за бројот на новозаразени од коронавирус во државата.

„Куманово денеска има 23 нови позитивни случаи и двајца починати. Вкупната бројка во Куманово е 224 позитивни лица досега или вкупно 12 починати. Возраста се движи од 59 до 79 години. Ве информирам дека бројката што доаѓа од Централниот кризен штаб се однесува на бројка на заболени и починати во Куманово заедно со оптшината Липково. Сочувство до семејствата на починатите. Ние сме сите заедно со нив, ќе се бориме заедно за нивно закрепунување и поддршка на здравствените работници во градот“, рече градоначалникот Димитриевски.

Влада: Во Старата чаршија запазени процедурите

Илустрација - Старата скопска чаршија
Илустрација - Старата скопска чаршија

Во реставрацијата и санацијата на автентичниот лик на Старата чаршија се запазени сите процедури за заштита на автентичноста според програмата на Националниот Совет за ревитализација на чаршијата како културно наследство од особено значење, соопштија денеска од Владата, по реакциите на социјалните мрежи и во дел од медиумите за градежните зафати што се одвиваат во Старата чаршија во Скопје.

„Сите активности на под-проектот предвидуваат клучни инвестиции во масовна туристичка дестинација со цел зголемување на привлечноста на Старата Чаршија и нејзино промовирање како главна туристичка дестинација во градот за потребите на туристите. Под-проектот предвидува санација на калдрмата на еден дел од главната улица Битпазарска како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани кои го нарушуваат автентичниот лик на Стара Чаршија која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење „Службен Весник” бр. 130/08“, соопштија од владиниот прес центар.

Според соопштението, една од главните активности на проектот е и реновирање на 39 дуќани лоцирани во Стара Чаршија, согласно предлогот на Општина Чаир за замена на старите излози со нови излози што би го вратиле автентичниот изглед на чаршијата.

Во соопштението се осврнуваат детално и на зафатите на калдрмата во чаршијата.

„Оштетувањата се настанати од повеќе фактори. Проектот предвидува санација на калдрмата во главната улица (во должина од 200м или вкупно 2240м2). Сите градежни материјали кои се користат за реконструкцијата на излозите на дуќаните и калдрмата во споменичка целина: „Стара Скопска Чаршија“ се автентични и одобрени од стручни лица од НУ Конзерваторски Центар – Скопје и Управата за заштита на културно наследство“, соопшти Владата.

Имајќи го предвид погоренаведеното, велат од Владата, запазени се сите процедури за заштита на автентичноста на Старата Скопска Чаршија и градежната активност која се финансира преку Проектот за локална и регионална конкурентност се одвива во согласност со позитивните правни норми за зачувување на автентичноста на Старата Скопска Чаршија.

Целото соопштение можете да го причитате на овој линк.

6 починати, 54 новозаразени и 42 излекувани за 24 часа

Клиника за инфективни болести во Скопје
Клиника за инфективни болести во Скопје

Министерството за здравство информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје починаа 4 пациенти на возраст над 60 години, од кои двајца пациенти од Лабуништа, еден пациент од Прилеп и еден од Куманово. Во болницата „8 Септември“ починаа 2 лица, пациент од Велес (67) и пациент од Куманово (59).

Според Министерството, со два негативни теста и во добра општа состојба од Инфективната клиника се испишани 10 оздравени пациенти, а регистрирани се и 32 оздравени пациенти, од кои 12 се од Дебар, а 20 од Скопје, кои се лекуваа во домашни услови.

Инаку, во изминатите 24 часа се потврдени 54 нови случаи на ковид-19 и тоа во Скопје-13, Куманово -25, Штип -1, Прилеп -10, Тетово -1, Велес -2, Гостивар -1 и во Кичево -1. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во нашата земја изнесува 908 лица. Според местото на живеење, досега се регистрирани во Скопје – 329, Куманово – 236, Дебар – 49, Штип-28, Прилеп –85, Тетово – 38, Струга – 43, Велес – 34, Битола –9, Охрид –4, Кавадарци – 3, Гостивар –9, Гевглелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-3, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 22, Пробиштип – 2 и Кичево – 1.

Во изминатото деноноќие направени се 710 теста. Преку ИЈЗ – 530, преку Ветеринарен ф-тет -18, Авицена – 20, Биотек – 24 и Филип Втори (Жан Митрев) – 118, а во тестирање со pcr метода се вклучи и Систина од каде во денешната бројка влегуваат 2 позитивни теста. Досега во земјата се направени вкупно 9.262 тестирања на Ковид -19.

Чулев: Настанот во Ченто има политичка заднина

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев
Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев

Синоќешниот настан во Ченто има политичка позадина и МВР е решено да постапува неселективно во однос на сите што поттикнуваат или не го почитуваат полицискиот час, изјави денеска на прес-конференција, министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој подетално се осврна на синоќешниот протест на стотина граѓани од скопско ченто, кои за време на полицискиот час се собраа да протестираат против приведувањето на три лица, кои, според полицијата, не ја почитувале одлуката за ограничено движење донесена како мерка за заштита од коронавирусот.

„Политичката позадина не го оправдува ова поведение и зборува за тендензиозно загрозување на граѓаните предизвикано од политички побуди. Граѓаните свесно се изложија себеси на ризик што може сите нас скапо да не чини“, изјави Чулев.

Според него, на социјалните мрежи во 21 часот се појавиле фотографии за групирање на граѓани, по што била извршена контрола во тој реон. Кога пристигнале полициските службеници забележале група од 8 лица кои почнале да бегаат, а тројца останале, по што биле лишени од слобода и спроведени во полициската станица во Гази Баба. Едно од лицата притоа се преставил како член на Советот на општина Гази Баба од СДСМ за да изврши притисок да не биде лишен од слобода, но според Чулев поднесени се кривични пријави за сите тројца за сторено кривично дело според членот 206 од Кривичниот законик.

Околу 22 часот, додаде Чулев, биле информирани дека на местото каде што биле лишени од слобода тројцата граѓани се собрала поголема група луѓе како реакција на лажна информација дека приведените биле физички малтретирани и лишени од слобода.

„Потенцирам дека двете информации не се точни, а тоа го потврдија и тие самите“, рече Чулев.

Тој потврди исто така дека градоначалникот на Гази Баба дал изјава дека ќе ги ослободи притворените, но му порача дека МВР постапува неселективно кон сите граѓани во државата и секаде каде што се прекршени законските одредби постапува, па така за сите тројца се поднесени кривични пријави. Чулев најави исто така дека ќе се прегледаат видео снимките од настанот и ќе следат пријави и за тие што учествувале и го поттикнувале протестот во Ченто.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG