Достапни линкови

Вести

Владата ќе се задолжи кај ММФ за околу 180 милиони евра

Архивска фотографија- седница на владата
Архивска фотографија- седница на владата

Околу 176,7 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Република Северна Македонија ќе ги искористи за буџетски потреби во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација и исполнување на потребите на билансот на плаќање кои произлегуваат од појавата на Ковид-19. Како што соопшти владината прес-служба, денеска на седница на Владата е донесена Уредба со законска сила за задолжување на нашата држава кај ММФ за финансиска поддршка од Инструментот за брзо финансирање за време на вонредна состојба.

Влада: ако стигнете во државава сега, ќе одите во карантин 21 ден

Архивска фотографија- владина седница
Архивска фотографија- владина седница

Владата на Република Северна Македонија на денешната 40-та седница донесе уредба со која секој македонските државјани кои влегуваат во нашата држава по 13-ти април 2020 година, а биле затекнати во земји со висок ризик од коронавирус согласно листата на Светската здравствена организација им се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од најмалку 21 ден од денот на пристигнувањето. Ова ќе важи не само за оние кои се враќаат со хуманитарните летови, туку и со конвои по копнен пат, соопшти владината прес служба.

Во однос на здравствените работници донесена уредба со која пензијата поради возраст им се одложува за време на траењето на вонредната состојба.

„Согласно оваа Уредба, започнатите постапки за престанок на договор за вработување или договор за продолжување на вработувањето на здравствен работник, односно здравствениот соработник, поради возраст, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба“, наведоа од Владата.

Инаку на истата седница е одлучено полицискиот час за време на Велигденските празници да трае од петок од 16 часот, до вторник во 5 часот.

Коронавирусот влезе во старски дом во Србија, уапсен директорот

Геронтолошкиот завод во Ниш
Геронтолошкиот завод во Ниш

Директорот на Геронтолошкиот завод во српскиот град Ниш е уапсен денеска поради сомнение дека извршил тешко кривично дело против здравјето на луѓето кога се во прашање заразни болести. Во соопштението на Министерството за внатрешни работи се наведува дека акцијата за апсење ја извршиле полицајци во соработка со Безбедносно информативната агенција БИА и Вишото јавно обвинителство.

„Директорот на Геронтолошкиот завод во Ниш е уапсен поради тоа што не преземал соодветни мерки за заштита од ширењето на коронавирусот па во таа установа во моментов се заболени 140 корисници и четворица вработени“ се наведува во соопштението на српското МВР.

Инаку денеска во Србија беше регистриран најголем дневен пораст на потврдени заболени, 424 лица, со што вкупниот број се искачи на 4054 луѓе. Вкупниот број на починати,пак, изнесува 85 лица.

Истрага во Бугарија за лидер кој бараше мерките да не се почитуваат

Архивска фотографија- лидерот на националистичката партија Атака Волен Сидеров
Архивска фотографија- лидерот на националистичката партија Атака Волен Сидеров

Бугарското обвинителство отвори истрага за лидерот на националистичката партија Атака Волен Сидеров поради повиците со кои побара од луѓето да ги прекршат мерките за зачувување на јавното здравје кои се донесени за да се забави ширењето на коронаворусот.

Тој вчера, во телевизиско обраќање ги повика Бугарите да ги игнорираат мерките за физичка дистанца и да не носат маски за време на литургијата за Велигден. Во Бугарија вонредна состојба е прогласена од 13 март поради ширењето на коронавирусот од кој досега се заболени 685 луѓе, а 32 починаа. Носењето на маска на јавни места е задолжително, а иако црквите останаа отворени властите бараа од луѓето да останат дома.

Партијата Атака е дел од Обединетата патриотска алијанса, која пак е партнер во владата предводена од премиерот Бојко Борисов. Партијата на Сидеров е проруски ориентирана и е против ЕУ и НАТО.

СПЦ бара да се дозволи движење за литургијата за Велигден

Архивска фотографија- патријархот на српската православна црква Иринеј
Архивска фотографија- патријархот на српската православна црква Иринеј

Архиерејскиот синод на Српската православна црква (СПЦ) побара од државниот врв да одобри привремена суспензија на забраната за движење за Велигден, за православните христијани кои не се во самоизолација да можат да учествуваат на литургијата на својот најголем празник, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што се наведува во соопштението по седницата, Синодот предложи забраната да се укине од пет до десет часот во недела, на 19 април. Синодот исто така изрази братска љубов и солидарност со митрополитот Амфилохије, како и огорченсот поради постапките на црногорските власти кон него.

Амфилохије и неговите соработници во недела беа приведени на информативен разговор во Центарот за безбедност во Подгорица под обвинение дека служејќи литургија во манастирот Златица и пред Соборниот храм ги прекршиле мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, а откако бил известен обвинителот, тие биле ослободени.

Британскиот премиер Борис Џонсон негативен на тестот за коронавирус

Архивска фотографија- британскиот премиер Борис Џонсон
Архивска фотографија- британскиот премиер Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон е негативен на тестот за присуството на новиот коронавирус Ковид-19, соопшти денеска неговиот портпарол.

Тестирањето при напуштањето на болница и стандардна медицинска пракса, наведоа од службата за односи со јавноста на Џонсон, јавува германската агенција ДПА.

Британскиот премиер помина една недела во болница, а неколку дена и на интензивна нега откако се зарази со коронавирусот, а по излегувањето рече дека им го должи животот на лекарите. Дека е болен од Ковид-19 беше потврдено на 27 март. До денеска пак во Велика Британија има повеќе од 85 000 заболени, а починаа над 10 000 луѓе.

Укината кризната состојба во Дебар и Центар Жупа

Архивска фотографија- контролен пункт кај Дебар заради коронавирусот
Архивска фотографија- контролен пункт кај Дебар заради коронавирусот

Минатиот викенд заврши кризната состојба на териториите на општините Дебар и Центар Жупа. На денешната седница Владата на Република Северна Македонија, по предлог на Главниот координативен кризен штаб, реши да се укинат сите дополнителни мерки предвидени за територијата на споменатите две општини кои беа во сила спрема акцискиот план подготвен на 13 март 2020 и траеја 30 дена.

Од денеска Дебар и Центар Жупа во сила се само мерките кои важат за територијата на целата држава, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку.

Тој наведе дека од епидемиолошки аспект, воведувањето на кризната состојба придонело во последните десет дена, да нема нови случаи на заразени лица со коронавирус.

„Досегашниот биланс, се надеваме конечен, е следен: од 49 потврдени пациенти со КОВИД-19 – 16 се излечени, 4 починати, за 8 се чекаат резултатите од второто тестирање, 29 пациенти се на домашно лекување“, наведе Буџаку.

Министерот за здравство Венко Филипче претходно денеска соопшти дека епидемиолозите одлучиле 23 отсто од жителите во тој град да бидат тестирани за да се открие дали стекнале имунитет на коронавирусот.

Инаку и покрај укинатата кризна состојба во Дебар, за тој град продолжуваат да важат мерките како за цела држава, забрането движење од 16 часот до 5 часот, а од дополнително и од петок попладне до вторник наутро поради Велигденските празници.

Во Дебар нема новозаразени, ќе се тестира имунитетот на дебарчани

Контролен пункт кај Дебар заради коронавирусот
Контролен пункт кај Дебар заради коронавирусот

Во Дебар повеќе нема новозаболени од коронавирусот и затоа епидемиолозите одлучиле 23% од жителите во тој град да бидат тестирани за да се открие дали стекнале имунитет на коронавирусот, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

„Со оглед на тоа што во Министерството добивме донација од 20.000 тестови за дијагностика на антитела и со оглед на тоа што ситуацијата во Дебар е таква да веќе во тој регион немаме новодијагностицирани пациенти, сите пациенти закрепнуваат, ги чекаме и вторите тестови за да се види дали се негативизирани, ќе направиме еден скрининг во бројка од дваесет до триесет отсто од вкупното население во регионите во кои досега имаше мерки за рестрикција на движење воведени уште пред вонредната состојба. Со ова сакаме да се процени имунитетот што ќе биде одличен пример за тоа што би можеле да очекуваме и на ниво на целата држава“, рече министерот Филипче.

Дебар е првиот град во кој беа регистрирани заразени од коронавирус и поради ширењето на заразата, најпрвин беа воведени кризни мерки, а потоа и целосен карантин на градот.

Армијата се вклучува во одржување на редот во Прилеп

Илустрација - Полициски час во Прилеп
Илустрација - Полициски час во Прилеп

Припадници на македонската армија од денеска се вклучуваат воодржувањето на редот во Прилеп и заедно со полицијата ќе се погрижат граѓаните доследно да ги почитуваат мерките и препораките на надлежните, информираше денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Вклучувањето на армијата е на барање на градоначалникот Илија Јованоски, а поради драматично ширење на заразата со коронавирус во градот, а барањето било доставено до Централниот кризен штаб.

„Денеска зборувавме дека ангажманот ќе биде флексибилен. Во првите неколку часа војскатаќе биде присутна пред дуќани и банки. Како минува денот војниците можеби ќе се преселат во парковите или местата за рекреација каде има одредено прекршување на мерките. Не сакаме од Скопје да се носат одлуки. Имаме доверба во нашите старешини, војници и локалните власт и убедени сме дека ќе носат мерки кои ќе го зачуваат нашето здравје“, рече министерката за одбрана Радмила Шеќеринска

Градоначалникот Илија Јованоски, рече дека ваквите мерки се преземаат поради недисциплинираноста на граѓаните и рапидниот пораст на заразани. Денес во Прилеп има три нови случаи и еден починат, со што вкупниот број на КОВИД позитивни се искачи на 75 и две починати лица.

Владата одлучи - Забрана за движење од 17 април од 16 часот до 21 април до 5 часот

Влада на Република Северна Македонија
Влада на Република Северна Македонија

Владата денеска донела одлука за ограничувањата на движењето за период којшто ни претстои, вклучително и велигденските празници, објави премиерот Оливер Спасовски.

За време на викендот, вклучително и понеделник, од петок 17 април во 16 часот, до вторник 21 април во 05 часот, се забранува движењето за сите граѓани. Останува активна забраната за движење за сите граѓани на ниво на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16:00 часот до 05:00 часот наредниот ден.

„Дополнително, од четврток 16 април 16 часот, до вторник 21 април 05 часот, се забранува движење на сите излетнички места, паркови и шуми низ целата држава. За лицата над 67 годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 21 април, за овие граѓани има целосна забрана. За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 21 април, за овие лица има целосна забрана“, соопшти премиерот.

Останува активна забраната за движење на граѓаните на јавни места и јавни површини во групи поголеми од две лица, при што тука не се вбројуваат лицата помали од 14 години, доколку се деца на родител кој е дел од групата од двајца.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG