Достапни линкови

Вести

СДСМ ги избра кандидатите за пратеничките листи

Претседателот на СДСМ Зоран Заев
Претседателот на СДСМ Зоран Заев

СДСМ вечерва ги објави носителите на листите и кандидатите за пратеници на претстојните предвремени парламентарни избори кои ќе се одржат на 12 април.

Носители на листата во првата изборна единица се министерот за надворешни работи Никола Димитров и вицепремиерката и поранешна министерка за труд и социјална политика Мила Царовска.
Во втората изборна единица носител на листата е техничкиот премиер Оливер Спасовски а второто место и е доделено на Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи (УЈП).

Носител на листата во третата изборна единица е генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски а второто место е за Јагода Шахпаска.

Претседателот на партијата Зоран Заев е носител на листата во четвртата изборна единица, а второто место на пратеничката листа е доделено на коалициските партнери односно на Соња Мираковска.

Во петата изборна единица носител на листата е вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шеќеринска а нејзин тандем е координаторот на пратеничката група- Јован Митрески. Во шестата изборна единица носител ќе биде Билал Касами лидерот на БЕСА, а негов тандем е Фаница Николовска.

Како што е познато претходно СДСМ најавија дека за овие избори на листите ќе има тандем односно двајца носители и во сите единици ќе бидат маж и жена.

Кандидатите со кои СДСМ ќе настапуваат на претстојните предвремени парламентарни избори беа објавени , по состанокот на двете највисоки патриски тела Извршниот и Централниот одбор.

СДСМ вечерва го објави и слоганот со кој ќе настапува на изборите и тој ќе гласи: Можеме! Уште повеќе. Уште подобро!

На Конгресот на партијата без презентирани и пет столбови на кои ќе се темели изборната програма на СДСМ.

Италија ги прошири мерките за карантин на целата територија

За да го спречи ширењето на вирусот корона, Италија ги прошири строгите мерки за карантин, вклучувајќи и забрана на јавни собири, низ целата земја.

Премиерот на Италија, Џузепе Конте рече дека мерките, кои влегуваат во сила од утре, се неопходни за одбрана на најслабите членови на заедницата.


Конте на прес-конференција изјави дека мерките воведени пред два дена на северот на земјата, каде има најмногу заразени со вирусот, веќе не се доволни и ќе треба да се прошират на целата земја.

„Останете дома“, рече Конте.

Премиерот на Италија, исто така, рече дека училиштата како и универзитетите низ целата земја ќе бидат затворени до 3 април, пренесува Ројтерс.

Ограничувањата за движење вклучуваат забрана на сите јавни собири и спречување на секакво движење освен одење на работа и вонредни состојби.

Сите спортски настани се откажани.

Мерките, кои ќе стапат во сила од утре изутрина, се слични на мерките донесени за територијата на Ломбардија и 14-те италијански провинции. Мерките вклучуваат затворање на кина, театри, музеи, пабови, базени и слични места.

Најголем број на заразени лица надвор од Кина, која има над 80.700 пациенти, е Италија со 1.172.

Од инфекција со коронарна вирус, во оваа земја починаа 463 лица.

Потврдени три нови случаи на коронавирус

Венко Филипче
Венко Филипче

Министерството за здравство пред малку информира дека од осумте тестирани пациенти на коронавирус попладнево, тројца членови на семејството на сопружниците од Дебарско се позитивни, а останатите петмина се негативни на коронавирусот.

На денешната попладневна прес-конференција, министерот Венко Филипче соопшти дека се испитуваат осум пациенти – еден пациент кој престојувал во Бугарија и неговата сопруга, патник од Сингапур, наш државјанин, кој се вратил дома, четири лица што биле во контакт со заразената двојка од Дебар и еден пациент од Гевгелија.

Како што информираат од ресорното министерство, трјцата позитивни пациенти, од петокот (6 март) се во домашна изолација, а од вечерва ќе бидат хоспитализирани и лекувани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Со ова вкупната бројка на заразени од коронавирусот во земјава достигна седум лица. Првата заразена е 50-годишна жена, повратник од Италија, потоа беше објавено за брачната двојка од Дебарско, а утрово беше потврдено дека позитивна на коронавирус е и директорката на Клиниката за кожни болести, Нина Цаца Билјановска.

За двајцата сопружници (62 и 68 години) беше објавено дека во земјава пристигнале од Бреша, Северна Италија на 27 февруари, а докторката Билјановска заболила од коронавирус откако била на скијање во истата земја која важи за жариште на вирусот во Европа.

Попладнево Филипче наведе дека 193 лица кои биле во контакт со заразената докторка се во 14-дневна домашна изолација.

Конгрес на СДСМ, се утврдуваат кандидатските листи

СДСМ
СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз вечерва во скопскиот хотел „Александар Палас“ ќе го одржи 24. Конгрес на кој се очекува да бидат објавени сите носители на листи и кандидати за претстојните парламентарни избори на 12 април

Конгресот ќе има отворен и работен дел. Отворениот дел ќе биде на почеток и на крајот од Конгресот.

На почеток, во отворениот дел од Конгресот предвидено е обраќање на лидерот на СДСМ Заев, а тој ќе има обраќање и на крајот на конгресот.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев претходно најави дека на листите ќе имаат 50-50 сооднос мажи-жени, дека носители ќе бидат по двајца, маж и жена, а веќе е објавена коалицијата со Беса, што значи дека на листата ќе имаат мешани кандидати

Заев на Фејсбук коментира дека на овој Конгрес ќе се носат важи одлуки, и тоа не само за иднината на САДСМ туку и за иднината на државата.

На вечерашниот партиски конгрес листите треба да бидат утврдени, откако претходно ќе ги поминат другите партиски тела.

СЗО:Заканата од пандемија на коронавирус стана реална


Светската здравствена организација денеска предупреди дека заканата новиот смртоносен коронавирус да стане пандемија стана реална, но наведе дека вирусот сè уште може да се контролира.

„Заканата од пандемија стана многу реална“, изјави денеска шефот на СЗО, Тедрос Аданом Габриезус. Меѓутоа тој потенцираше дека „тоа би било првата пандемија во историјата што може да се контролира " додавајќи дека "не сме на милост и немилост на вирусот“.

Повеќе од 110.000 луѓе ширум светот се заразени со вирусот на корона, а 3.892 луѓе починаа.

Освен Кина, каде за прв пат се појави вирусот, 105 држави ширум светот имаат пријавено случаи на инфекција.
Најголем број на заразени лица надвор од Кина, со повеќе од 80.000 пациенти, во Јужна Кореја се 7.478, во Италија 7.375 и во Иран 7.161.
Бројот на загинати е најголем во Кина, со 3.008 мртви, а во Италија загинале 366 лица со вирусот корона.
Босна и Херцеговина има четири потврдени случаи, Македонија три, Албанија четири, Србија два, Словенија 16, Хрватска 12.
Препораки на Светската здравствена организација за спречување на ширење на инфекција се редовно миење на рацете, покривање на устата и носот за време на кашлање и кивање, темелно готвење на месо и јајца, избегнување на близок контакт со лица кои покажуваат симптоми на респираторни заболувања, како што се кашлање и кивање.

Обвинетите за организирање на 27 април велат дека се невини

Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на прво рочиште од судењето за 27 април
Обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Владимир Атанасовски на прво рочиште од судењето за 27 април

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска се одржа судењето за организаторите на насилствата во Собранието од 27 април 2017 година. со што завршија воведните зборови на обвинителството, обвинетите и нивните адвокати.

Следното рочиште е закажано на 17 март.

Поранешниот министер, Миле Јанакиески кој е обвинет и за организација на „крвавиот четврток“ во воведните зборови пред судот порача дека е убеден дека ќе ја докаже својата невиност и го цитираше поранешниот американски претеседател, Барак Обама, „Ако чекориш по патот на правдата, ќе дојдеш до правната цел“.

Тој изјави дека жали што сите осомничени не се тука, алудирајќи на поранешниот премиер, Никола Груевски кој е обвинет во овој случај.

"Жалам што сите осомничени не се тука, но јас сум тука и веќе 16 месеци сум во притвор. Исправен сум пред овој суд затоа што сум убеден дека ќе ја докажам мојата невиност", рече Јанакиевски.

Тој денеска го оспоруваше исказот на обвинетиот во првиот случај за упадот во Собрание, Александар Василевски-Нинџа и како и другите обвинети рече дека цело обвинение се базира на „лажна“ изјава на Нинџа.

Тој го повика обвинителот Љубомир Јовески да го повлече обвинението и да отвори нова истрага.

Поранешниот претседател на Собранието Вељаноски рече дека обвинението против него е неиздржано, политички нарачано од се' уште актуелната власт и дека смешно е за непочитување на Деловник да се бара кривична одговорност.

Инаку на првото рочиште за организаторите на насилствата во Собранието одржано на 26 февруари, обвинетите Трајко Велјановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиевски и Владимир Атанасовски, се изјасника дека не се винови за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност”

Обвинителката Рускоска, пак, тврди дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план со намера за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата со акти на насилство за да спречат мирно примопредавање на власта, што резултира со насилствата на 27 април 2017 година.

Поднесено обвинение за смртта на родилката во „Санте плус“

Илустративна фотографија. Хируршка сала.
Илустративна фотографија. Хируршка сала.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против лекарот анестезиолог за смртта на родилката во болницата „Санте плус“. Тој е обвинет за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.

„Обвинетиот на 18 јануари 2018 година, како лекар специјалист анестезиолог, при укажување лекарска помош, применил очигледно неподобен начин на лекување и со тоа предизвикал смрт кај родилката Дебора Ќерими – Џамбази, како и тешко нарушување на здравјето на нејзиното новороденче“, соопштија од Обвинителството.

Спротивно на Законот за здравствена заштита, обвинетиот вработен на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување склучил договор за дело со приватна здравствена установа, на работно место доктор анестезиолог без да го поседува потребното работно искуство во специјалноста над две години и без да постои договор меѓу клиниката во која работел и приватната болница.

Во исто време, приватната здравствена установа била надвор од мрежата и согласно законот немала право да ангажира здравствени работници за вршење дополнителна дејност. На овој начин тој се приклучил на оперативниот тим во кој биле двајца лекари специјалисти гинеколози кои на 18.01.2018 година вршеле хируршки зафат царски рез врз сега починатата родилка.

„Обвинетиот започнал со воведување на пациентката во општа анестезија, но ендотрахеалниот тубус наместо во дишните патишта, првично го поставил во луменот на хранопроводникот, што предизвикало недостиг на кислород во организмот од тежок степен и трајни оштетувања на витално важни органи. Од тие причини, кај родилката настапил смртен исход, а кај нејзиното новороденче биле предизвикани трајни и значителни оштетувања на мозочното ткиво“, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Филипче: Во изолација се 64 здравствени работници од Кожната клиника

Венко Филипче
Венко Филипче

Во домашна изолација се 64 здравствени работници вработени на Клиниката за кожни болести, соопшти министерот за здравство Венко Филипче попладнево на пресс конференција.

До ова доаѓа откако директорката на Клиниката за кожни болести е четвртиот потврден случај заболен од коронавирусот во земјава.

Во домашна изолација се и двајца членови на нејзиното семејство.

"Клиниката за кожни болести ќе биде затворена, пациентите ќе се пренасочат кон другите одделенија за дерматовенерологија кои ќе функционираат во градот и ширум државата“, рече Филипче.

Toj посочи дека ги исконтактирале сите со кои директорката од Клиниката, која е четврти случај на заболен со коронавирус, била службено во комуникација оваа измината недела.

Во домашна изолација се и 103 лица од кои поголем дел се здравствени работници кои присуствувале на стручно предавање кое се одржало во саботата, на кое излагање имала и заразената директорка, а за тројцата грчки државјани што присуствувале на оваа конференција известени се грчките власти

Клиниката и салата каде што е одржана конференцијата се исчистени и дизинфицирани.

Тој кажа дека во овој момент се испитуваат уште 8 пациенти.

Филипче уште еднаш изрази огромно разочарување од непочитувањето на препораките од здравствен работник и најави разрешување на директорката по изборите.

" Чувствувам голема разочараност за ова што се случи покрај оваа напорна 24-часовна работа овие изминати недели. Ќе бидат преземени соодветни мерки. Сега во овој изборен период нема можности за нејзино разрешување. Сега Клиниката и нема да работи меѓутоа во првиот момент директорката ќе биде суспендирана", изјави Филипче.

Заразената директорка пред една недела допатувала од Италија и изминатите пет дена редовно одела на работа.

Инаку Филипче апелираше информации за корона вирусот да се црпат изворно и да не се шират лажни вести за собирање дневно политички поени.

Увид во избирачкиот список направиле 7.500 граѓани

Илустрација. Гласање.
Илустрација. Гласање.

До денеска во подрачните оделенија и канцеларии на ДИК 7.526 граѓани направиле Увид во Избирачкиот список за гласањето на предвремените парламентарни избори на 12 април.

Јавниот увид завршува во среда на полноќ, на 11 март. Дотогаш е отворена и можноста за проверка на податоците на избирачите, бришење или дополнување во Избирачкиот список.

Засега нема информација колку граѓани ги провериле своите податоци електронски преку апликацијата на веб страната на ДИК.

Рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на македонските државјани за гласање на изборите на 12 април завршува исто така на 11 март.

Двајца американски војници убиени во Ирак

Илустрација. Ирачки безбедносни сили.
Илустрација. Ирачки безбедносни сили.

Двајца американски војници се убиени од „непријателските сили“ за време на операцијата со ирачките безбедносни сили против екстремистичката група Исламска држава, соопшти американската армија.

Двајцата војници биле убиени за време на мисијата за елиминација на упориште на ИД во планинска област во северо-централен Ирак.

Соединетите држави имаат околу 5.200 војници во Ирак во мисија да им помогнат и да обезбедат обука на локалните безбедносни сили во борбата против групата ИД.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG