Достапни линкови

Вести

Вратени 176 македонски државјани од Германија

Авион на Визер. Илустрација.
Авион на Визер. Илустрација.

Од Германија денеска се вратија 176 македонски државјани со специјален лет на компанијата „Визер“. Тројца патници се деца. Тие полетале од аеродромот во Берлин, при што пред да се вратат во земјава дале согласност дека 14 дена ќе бидат во државен карантин. Претходно македонски државјани беа вратени од Словенија и од Хрватска.

Преписка на Рашковски и Мицкоски за враќањето на македонските државјани

Влада на Република Северна Македонија
Влада на Република Северна Македонија

Владата денеска објави телефонски пораки преку апликацијата Телеграм меѓу генералниот секретар Драги Рашковски со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Владата обвинува дека опозицијата преку Мицкоски, врши притисок врз институциите, при што, организираните активности за враќање на македонските граѓани во земјата и за нивно сместување во државни карантини ги нарекува “уништување на државата”.

„Имено, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа со директни пораки преку апликацијата Телеграм упати неосновани обвинувања и притисоци врз генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, квалификувајќи ги владините активности како “срамота”, а луѓето кои ги организираат активностите како “лопови” и во исто време клеветејќи за “добивање провизии“ за организацијата на авионскиот и автобускиот превоз“, се наведува во соопштението на Владата.

Од Владата додаваат дека летовите ги реализира Визер, а компанијата била избрана согласно критериумот наниска цена. Еден чартер лет чини 32 илјади евра, а граѓаните до објектите каде ќе бидат сместени во карантин се носат со организиран превоз, при што на јавен повик се одбрани превозниците и хотелите кои ги вршат услугите.

Мицкоски на Фејсбук реагираше дека добро е што неговата преписка со Рашковски, за како што наведува, наводно хуманитарната акција на Владата, излегла во јавноста бидејќи граѓаните и целата јавност ќе може да ја направат разликата помеѓу луѓе за кои има сведоштва, докази, изјави и сомневања дека прават криминал на грбот на народот и луѓе кои тоа им го кажуваат во очи.

„Во оваа прилика ќе кажам дека за тоа што Драги Рашковски незаконски објавил приватна преписка и што како човек од Владата не го почитува законот, не треба да стравува затоа што нема да го тужам, но за тоа дека за Владата има основани сомневања дека прави криминал со транспортот на луѓе, има нехуман третман и печали од летовите, е за тоа треба да се плашат, затоа што ќе дојде ден да одговараат за таквото воено профитерство“, пишува Мицкоски.

Доказите со кои располага, како што порачува Мицкоски, ќе ги достави до институциите веднаш откако ќе се ослободи судството и обвинителството од стегите на власта.

Апелациониот суд ги одложи јавните седници и расправи

Апелационен суд Скопје
Апелационен суд Скопје

Апелационен суд Скопје соопшти денеска дека сите јавните седници и расправи кои се закажани во периодот од 30 март до 30 април 2020 година се одлагаат. Странките и јавноста, како што се наведува во соопштението, дополнителнно ќе бидат известени за денот на одржување на одложените седници и расправи.

Нов датум за летните олимписки игри во Токио

Јапонската министерка задолжена за олимписките игри Сеико Хашимото.
Јапонската министерка задолжена за олимписките игри Сеико Хашимото.

Јапонските медиуми јавија дека Меѓународниот олимписки комитет и организаторите планираат да ја постават новата временска рамка за летните олимписки игри кои треба да се одржат во Токио. Олимписките игри се одложија поради пандемијата од коронавирусот и најверојатно церемонијата за нивно отворање ќе се одржи на 23 јули наредната година, а ќе завршат на 8 август.

Првичниот термин за олимписките игри годинава беше од 24 јули до 9 август. За прв пат олимписките игри беа одложени од нивното воспоставување пред 124 години, иако некои од игрите не се одржаа поради војна, меѓу кои и олимписките игри во Токио во 1940 година.

Кризниот штаб во Куманово бара нови пунктови за тестирање

Тест за коронавирус. Илустрација.
Тест за коронавирус. Илустрација.

Општинскиот кризен штаб во Куманово бара од Министерството за здравство да изврши контрола на работењето на матичните лекари, поради голем број на поплаки од пациентите. Според кризниот штаб, поплаките се однесувале за пасивност на одредени матични лекари и амбуланти, како и заради намалување на непотребни пријави до Центарот за јавно здравје.

Од кризниот штаб бараат од Институт за Јавно здравје навремена информација за сите извршени тестови на територија на општината и отворање на нови пунктови за тестирање. Од кризниот штаб порачуваат и дека е потребен целосен карантин на територија на општина Куманово каде досега има регистрирано 21 случај на заболени од вирусот.

Над 30 илјади жртви од коронавирусот во светот

Жртва од коронавирус во Франција.
Жртва од коронавирус во Франција.

Бројката на смртни случаи од коронавирус се искачи на околу 30.000, а две третини од нив се регистрирани во Европа. Шпанија, која е една од најтешко погодените земји во светот денеска пријави 838 смртни случаи, што претставува највисока дневна стапка на смртни случаи досега.

Вкупно бројката на жртви во Шпанија е 6.528 и земјата е на второ место по Италија, каде има регистрирано повеќе од 10.000 жртви. Вкупниот број на заразени се искачи на 78.797, соопшти шпанското министерство за здравство и тоа земјата ја става на четврто место во светот по заболени лица.

Речиси 670.000 луѓе се потврдени како позитивни ширум светот, според извештајот на Универзитетот Џон Хопкинс во Соединетите држави. Шпанските власти соопштија дека ќе ги распореди оружените сили за да помогнат во транспортот на телата на починатите.

Политичар заболен од коронавирус во Хрватска

Во Хрватска е регистриран првиот политичар позитивен на Ковид-19. Градоначалникот на Солина, Далибор Нинчевиќ синоќа на Фејсбук објави дека е инфициран со коронавирус. Во Хрватска досега со коронавирус се заразени се 657 луѓе, од кои петмина починаа, а 49 оздравеле.

Русија привремено ги затвора границите

Руски медицински лица ја проверуваат температурата на граѓани кои се вратиле во земјата.
Руски медицински лица ја проверуваат температурата на граѓани кои се вратиле во земјата.

Бројот на потврдени случаи на коронавирус во Русија надмина 1.500, со 270 нови случаи во изминатите 24 часа, објавија здравствените власти, додека земјата се подготвува да ги затвори своите граници. Рускиот кризен центар соопшти дека досега се регистрирани осум жртви.

Руската влада објави дека привремено ќе ги затвори границите почнувајќи од 30 март за да го спречи ширењето на болеста. Мерката нема да се однесува на руските дипломати и на возачите на товарни камиони. Најголемиот број на случаи 197 се пријавени во Москва.

Јужна Кореја со критики до Северна Кореја за лансирањето ракети

Северна Кореја лансира ракета на 22 март.
Северна Кореја лансира ракета на 22 март.

Јужна Кореја упати критики кон Пјонгјанг откако нивниот северен сосед истрелал две ракети, потенцирајќи дека е многу несоодветно тоа да се прави во време кога светот се бори против пандемијата од коронавирусот.

Генералштабот на Јужна Кореја соопшти дека се лансирани два „проектили со краток дострел“ од крајбрежната област на Северна Кореја, Вонсан. Во извештајот се наведува дека летале 230 километри на максимална надморска височина од 30 километри и слетале во морето. Северна Кореја спроведе низа лансирања во последните неколку недели по застојот на нуклеарните разговори со Соединетите држави.

Забраната за движење не ја почитувале 264 лица

Полиција. Илустрација.
Полиција. Илустрација.

МВР соопшти дека 263 лица не ја почитувале мерката за забрана на движењето во текот на изминатото деноноќие. Приведени се 102 лица, 46 лица биле опоменати, a за останатите се изготвени соодветни записници и доставени до надлежното обвинителство.

Уапсени 66 лица за кршење на полицискиот час

Според МВР, во текот на вчерашниот ден на 180 лица им се издадени решенија за изолација, додека 98 лица потпишале изјави за самоизолација. Од МВР информираат дека три лица не ги почитувала мерките за изолација и самоизолација.

Забраната за движење на целата територија на државата вчера и денеска започна во 16:00 часот и трае до 05:00 часот, согласно одлуката на Владата за забрана на движење за време на викендите. Сите јавни установи и приватни компании што работат за време на викенд, треба да се прилагодат на новите ограничувања за движење и да го завршат работниот процес најдоцна до 15:00 часот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG