Вести
Вратени 169 македонски граѓани од Хрватска
Министерството за надворешни работи информира дека во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство вечерва е организирано враќање во земјата на 169 македонски граѓани од Загреб.
Претходно, во попладневните часови беше организиран лет за 118 македонски граѓани од Валета, Малта.
"Репатријацијата беше организирана со летови на авиопревозникот Виз Ер,којшто за овие две дестинации на јавниот повик од Владата, понуди најниска цена за авио билетите. Граѓаните се обврзани сами да ги покријат трошоците за авио превозот, додека задолжителниот 15 дневен карантин којшто беше еден од условите за нивна репатријација, е на товар на државата", се наведува во соопштението од МНР.
Од МНР посочуваат дека продолжуваат со напорите за помош при враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани без регулиран престој во странство.
аа/ац/
Италија со речиси 1.000 смртни случаи во едно деноноќие
Италија забележа шокантен рекорд на смртните случаи од коронавирусот денеска со 969 нови жртви, што е најголем број починати од било која земја од почетокот на пандемијата.
Сепак, стапката на заразување го продолжи трендот на намалување. Агенцијата за цивилна заштита известува дека досега има скоро 86.500 потврдени случаи во Италија - што претствува раст од 7,4 проценти, што е намалување од околу 8,0 проценти, колку што беше растот во претходните денови.
СЗО: Хроничен глобален недостаток на заштитни средства
Огромен недостаток на заштитна опрема за здравствените работници кои се борат со пандемијата Кобид-19 е една од најгорливите закани во борбата за спречување на смртни случаи, предупреди денеска Светската здравствена организација.
„Хроничниот глобален недостиг на опрема за лична заштита сега е една од најитните закани за нашата колективна способност да спасат животи“, рече началникот на СЗО, Тедрос Аданом Габриезус, на виртуелната конференција за медиуми во Женева.
Тој рече дека СЗО испорачала скоро два милиони сретства за лична заштитна опрема во 74 земји и се подготвува да испрати слична сума во дополнителни 60 земји.
„Овој проблем може да се реши само со меѓународна соработка и солидарност“, рече Тедрос.
Тој рече дека ги повикал земјите од Г-20 да ја искористат својата „индустриска моќ и иновација“ за да произведат и дистрибуираат алатки потребни за да спасат повеќе животи.
Новата пандемија на коронавирус уби повеќе од 25.000 луѓе.
Регистрирани се околу 550.000 случаи низ целиот свет откако започна избувнувањето на коронавирусот во Кина во декември.
Тедрос рече дека повеќе од 100.000 луѓе сега го имаат вирусот и се опоравија.
Тој додаде: „Ние сме само на почетокот на оваа борба. Треба да останеме мирни, да останеме обединети и да работиме заедно“.
Изминатото деноноќие 107 граѓани не го почитувале полицискиот час
Мерката за забрана на движењето во државава, во текот на изминатото деноноќие не ја почитувале 107 лица, од кои 35 се приведени, а 47 се опоменати. За останатите кои не ја почитувале забраната се направени записници кои се доставени до обвинителството.
Од МВР соопштија дека вчера на 18 лица им се издадени решенија за изолација, а 24 лица потпишале изјави за самоизолација.
При полициска контрола на лица во изолација и самоизолација едно лице не било пронајдено дома.
Од МВР информираат дека извршени се вкупно 206 контроли и во три случаи констатирани се непочитување на мерките
Северна Македонија од денеска и официјално членка на НАТО
Денеска Северна Македонија станува најновата членка на НАТО, по депонирањето на протоколот за пристапување кон Северноатлантската алијанса во американскиот Стејт департмент во Вашингтон. НАТО-сојузниците го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во февруари 2019 година, по што сите 29 национални парламенти гласаа за ратификување на членството на земјата.
Говорејќи по церемонијата на потпишување, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече: „НАТО ги одржува безбедни речиси една милијарда граѓани низ Европа и Северна Америка, а со вас влегување во НАТО ќе има триесет држави посветени да се заштитат едни со други. Вашето пристапување ќе донесе поголема стабилност на Западен Балкан. Ова е добро за регионот и за евроатлантската безбедност“.
- Граѓаните за НАТО: Гаранции за безбедноста на државата и подобрување на економијата
- Северна Македонија во НАТО - очекувања
„Северна Македонија е долгогодишен придонесувач за нашата евроатлантска безбедност, вклучително и со учество во мисиите предводени од НАТО во Авганистан и Косово“, додаде Столтенберг.
На 30 март 2020 година во седиштето на НАТО ќе се одржи церемонија за подигнување на знамето за Северна Македонија, во присуство на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, началникот на воениот комитет на НАТО, Ер Маршал Сер Стјуарт Пих и началникот на Афеирес на Делегацијата на Северна Македонија во НАТО Зоран Тодоров. Знамето на Северна Македонија ќе биде подигнато истовремено во операциите на сојузничките команди во Монс (Белгија) и во Сојузничката командна трансформација во Норфолк (САД).
Шекеринска: Денешниот датум ќе влезе во учебниците на нашата историја
Нека ни е честито. Денеска влеговме под чадорот на колективната безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денешниов ден го чекавме речиси 30 години, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во изјава по финализирањето на членството во НАТО на нашата земја. Таа нагласи дека членството во НАТО не го добивме како подарок, туку го сработивме и го заслуживме со многу тешки реформи, но и со видливи резултати.
„Денешниот датум, 27 март, е датум кој ќе влезе во учебниците на нашата земја. Тоа ќе биде датум на првиот голем успех на нашата независна и суверена држава. Таму ќе пишува дека на 27 март 2020 година Република Северна Македонија станала 30-та членка на НАТО-алијансата. Со денешниот финален чин на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт департментот во Вашингтон станавме полноправна официјална 30-та членка на најмоќниот воено-политички сојуз на денешнината“, рече Шекеринсска.
Таа им се заблагодари на сите поранешни и сегашни припадници на армијата и се заблагодари што и сега се во првите редови на фронтот против опасноста која му се заканува на целиот свет – коронавирусот.
Димитрoв: Од денес сме 30. земја членка на НАТО
Во понеделник на 30 март ќе има церемонија на која ќе се подигне македонското знаме пред седиштето на НАТО во Брисел и во командата во Норфолк, рече минстерот за надворешни работи Никола Димитров, на прес-конференција заедно со амбасадорката на САД Кејт Брнс.
"Од денес од овој момент сме 30. земја членка на НАТО, сакам да оддадам признание и благодарност до сите вас, до сите македонски граѓани, да го честитам овој голем успех"рече Димитров.
Членството во НАТО се случува во прериод кога светот се соочува со Ковид -19, истакна Димиторв, додавајки дека тоа е најголемиот предизвик од Втората светска војна и оти затоа имаме една ваква поскромна церемонија, но тоа не го намалува историското значење на овој мемент.
"Корона вирусот нема национална припадност, што подобро работиме заедно полесно ќе се справиме со него. Од денес, имаме помош од САД формално како членка на НАТО, заедно со 28 други членки на Алијансата" изјави Димитров.
Славниот момент на Северна Македонија во сенка на коронавирусот
Брнс рече дека се горди што ја имаат земјава како сојузник, како полноправна членка на НАТО.
Министерот и амбасадорката, се поздравија со потчукнување со лакти, со што покажаа дека се придржуваат кон препораките за заштита од корона вирусот.
Мигрантите си заминаа од грчко- турската граница кај Еврос
Мигрантите, кои еден месец беа насобрани на турска страна и насилно и нелегално се обидуваа да влезат на грчка територија, во текот на ноќта го растурија импровизираниот камп и си заминаа од Еврос, јави МИА од Атина.
Грчкиот Премиер Кирјакос Мицотакис денеска одржа состанокот со надлежните министри во однос на ситуацијата на границата со Турција.
"Веројатно се затвора едно поглавје, но оваа битка, без сомнежи, продолжува" изјави Мицотакис, истакнувајќи дека покажале способност и ефикасност да ги заштитат копнените и морски граници.
Грчкиот премиер рече дека фактот што можеби во следните денови, седмици, месеци, нема да постои зголемен притисок, не значи дека не треба да воспостави човечки и технолошки механизам, „што ќе гарантира дека границите ќе останат целосно заштитени.
На состанокот, одржан на далечина, како што е веќе пракса, поради коронавирусот, а на кој присуствуваа надлежните министри и заменици за цивилна заштита и за одбрана, била истакната потребата да продолжи да се зајакнува за оградата на Еврос, но и дека треба да се даде тежина на заштитата на морските граници, како и важноста да има редовно европско присуство, како кај Еврос, така и на островите.
Се забрзува ширењето на коронавирусот, САД со најмногу заразени
Глобалното ширење на коронавирусот денеска се забрза со тоа што САД ги надминаа Кина и Италија како земја со најмногу потврдени случаи.
Американскиот претседател Доналд Трамп имаше телефонски разговарал со неговиот кинески колега Си Џинпинг за пандемијата на коронавирус кој му рекол дека може да се смета на поддршка на Пекинг во битката против вирусот.
Соединетите држави сега имаат најмногу случаи на заболени од коронавирусот од која било земја, со 86.012 заразени и 1.301 смртни случаи додека болниците во Њујорк и Њу Орлеанс, се борат да се справат со бранот на пациенти. Њујорк стана епицентарот на вирусот во САД, со скоро половина од вкупниот број на заразени и околу една третина од вкупните смртни случаи.
Центарот за следење на универзитетот „Џонсон Хопкинс“ соопшти дека повеќе од 551,000 случаи се заразени на светско ниво денеска што претставува зголемување за 60.000 заразени во изминатите 24 часа, или околу 10 проценти. Во соопштението се наведува дека околу 25.000 луѓе починале од вирусот ширум светот. Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебреизус предупреди дека ширењето на пандемијата е „забрзано со експоненцијална стапка“.
НАТО го зајакнува македонскиот систем во борбата со коронавирусот
Северна Македонија го користи системот за командување со инциденти на НАТО – НИЦС, со цел координација на одговорот на кризата предизвикана од Ковид-19, како и да обезбеди јавни информации и совети за справување во реално време, се вели во писменото соопштение од Брисел. Во него е наведено дека минатата година Северна Македонија го усвои системот НИЦС со кој се координираат сите тела во Владата во случај на вонредна состојба.
„Експертите од Центарот за управување со кризи во Северна Македонија сега брзо го адаптираа системот за подобрување на реакцијата на земјата на коронавирусот. НИЦС и обезбедува на јавноста информации во реално време за тековниот статус на пандемијата во нивната област, како и информации за кого да контактира за предмети како што се храна и лекови, “ пишува во соопштението.
Според објаснувањето, овој систем овозможува институциите во земјава меѓу кои и Црвениот крст полесно да комуницираат и да ги координираат активностите со цел поефикасни резултати во вонредна состојба.
Според податоците на интернет страницата во земјава има 219 заразени луѓе со Ковид 19 од кои 134 се од Скопје. Во самоизолација се вкупно 7307 луѓе од кои најмногу во Куманово- 1632 а потоа и во Скопје со вкупен број од 1318 луѓе. Системот нуди и податоци за активностите на институциите меѓу кои и каде да се најдат податоци и локации на пунктови на Црвениот крст, како и телефонските броеви за услѕги за набавка на храна и лекови и психосоцијална помош.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете