Достапни линкови

Вести

Лидерите на ЕУ одобрија преговори со Скопје и Тирана

Архивска фотографија- знамето на ЕУ и на Македонија
Архивска фотографија- знамето на ЕУ и на Македонија

Лидерите на земјите членки на Европската унија денеска на конференцијата која ја одржаа преку видео врска поради пандемијата со коронавирусот, ги потврдија заклучоците на Советот на министри за отворање на преговорите за зачленување во Унијата со Северна Македонија и Албанија.

Ова се наведува во заедничката декларација која беше објавена по состанокот на шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ. Во заклучоците на Советот на министри, кои вечерва ги поддржа и највиското европско тело, се наведува дека Европската комисија, без одложување, ќе поднесе предлог за преговарачката рамка, а првата меѓувладина конференција треба биде свикана без одложување, веднаш по усвојувањето на рамката.

Албанија, пак, треба да исполни низа услови пред одржувањето на меѓувладината конференција со која се обележува отворањето на првото поглавје во преговарачкиот процес. Тирана треба да ги спроведе реформите во изборниот законик и правосудството, да обезбеди непречено функционирање на Уставниот и Вишиот суд и да обезбеди транспаретно финансирање на политичките партии.

И еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј на својот профил на социјалната мрежа Твитер ја објави одлуката, која ја поздрави и американскиот државен секретар Мајк Помпео кој напиша дека Соединетите Американски Држави остануваат партнер на секој чекор од патот.

Инаку Скопје чека на отворање на преговорите од 2009 година, а Тирана од 2018 година. Во октомври минатата година Франција ја блокираше позитивна одлука за отворање на преговорите со двете земји, со барање за нов пристап на ЕУ за преговори со земјите-кандидатки за членство што подоцна беше усвоено.

За земјоделците нема да важи полицискиот час за време на викенд

Илустрација- Полициски час во Скопје
Илустрација- Полициски час во Скопје

Владата на денешната седница го утврди појаснувањето на одлуката за забраната на движење за време на викендите, поточно од овие одлуки и мерки ги исклучи земјоделците што одгледуваат раноградинарски култури и имаат неодложни активности во овој период.

„На оваа седница во врска со Одлуката за проширувањето на забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и недела од 16:00 часот до 05:00 часот, е утврдено појаснување за ова ограничување, кое се однесува на земјоделците заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури“, соопшти владината прес-служба.

Дополнително, оние земјоделци, фармери, сточари и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење, ќе има бидат издаденни од МЗШВ преку Министерството за информатичко општество и администрација.

За ова, како што се појаснува во соопштението, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство треба соодветно да го информира земјоделскиот сектор.

Владата претходно одлучи да го прошири полицискиот час кој во работните денови трае од 21 часот до пет утрината, за викенд да биде од 16 часот до пет утрото. Дополнително, граѓаните над 67 години не смеат да се движат по 11 часот преку ден, а младите до 18 години пред 12 часот напладне.

Забраната за движење од 21 часот важи за сите возрасни групи. Владата објаснува дека овие забрани ги воведува во обид да го спречи ширењето на коронавирусот. До денеска во Македонија има 201 заболен од овој вирус, најмногу во Скопје, тројца починаа, а тројца се излекувани.

МНР: македонски државјани утре доаѓаат од Малта и Хрватска, ќе бидат во карантин

Архивска фотографија- Мерки за заштита и дезинфекција заради коронавирус на Меѓународниот аеродром Скопје
Архивска фотографија- Мерки за заштита и дезинфекција заради коронавирус на Меѓународниот аеродром Скопје

Вкупно 5.250 македонски граѓани затекнати во странство се пријавиле на повикот на МНР, што траеше до 22 март во 18 часот, за организирано враќање во земјава. Од нив, 2.900 граѓани се изјасниле дека сакаат да се вратат и прифаќаат задолжително да одат во државен карантин и да ја платат цената на чинење на авио-билетот, информира државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Зоран Попов.

Во изјава за ТВ Телма, Попов најави дека утре напладне ќе бидат реализирани првите два чартер лета – до Загреб и до Ла Валета во Малта, преку компанијата Визер кој го добила тендерот.

„За Загреб имаме Airbus со 230 седишта, до сега се пријавени 226 граѓани, а за Ла Валета имаме 147, Airbus320 со 180 седишта, изјави Попов.

Најголем дел од затекнатите македонски државјани се во Европа, но има и во прекуокеанските земји.

„Се работи за 350 барања од Северна Америка, Јужна Америка, Австралија, Азија и Африка. Ова е покомплицирано, правиме напори во соработка со соседните земји и држави членки на ЕУ, земји кои испраќаат летови да ги соберат своите граѓани од тие дестинации, да се организираме за заеднички специјален лет и преговорите течат во моментот. Правиме сè што е во можност да ги извлечеме и тие наши граѓани. Во моментот приоритетот е на Европа, 95% од вкупно пристигнатите барања, 4.850 од вкупно 5.200 се однесуваат на Европа. Правиме се што можеме да ги извлечеме и нашите граѓаните на другите континенти“, вели Попов.

Сите граѓани што ќе се вратат, додаде Попов, без ислучок ќе одат веднаш во карантин и за тоа имаат дадена согласност.

Бројот на починати од коронавирусот во Европа надмина 15 000 луѓе

Шпанија- здравствени работници изнесуваат тело на починат од коронавирусот, 25.03.2020
Шпанија- здравствени работници изнесуваат тело на починат од коронавирусот, 25.03.2020

Од коронавирусот во Европа досега починаа 15 500 луѓе, јавува агенцијата Франс Прес. Најмногу од смртните случаи се во Италија, 8615, а по неа следува Шпанија со 4089 починати од коронавирусот, а трета е Франција со 1331 смртен случај. Со 268 191 потврден случај на коронавирус Европа е најсилно погодена од ова заболување кое почна да се шири во Кина во декември.

Во изминатите 24 часа во Македонија, пак, се регистрирани 24 нови случаи и вкупниот број досега заболени изнесува 201. Тројца, како што информираа надлежните се излекувани, а тројца починаа.

Коронавирусот, или Ковид19 почна да се шири во декември минатата година во кинеската провинција Вухан. Подоцна се прошири насекаде, а Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март. Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот се во самоизолација, која е главна препорака на владите за справување со ширењето.

Конвојот со 114 лица не излезе од Дебар, прво ќе се тестираат за коронавирус

Дебар- блокадата на Бошков мост поради ситуацијата со коронавирусот во градот, 26.03.2020
Дебар- блокадата на Бошков мост поради ситуацијата со коронавирусот во градот, 26.03.2020

Конвојот кој ги превезуваше 114 лица, меѓу нив и македонски и странски државјани, а кој тргна од Дебарските Бањи –Цапа во Бањиште по хотелскиот карантин од 14 дена,беше вратен од полицискиот пункт кај месноста Бошков мост на излезот од Дебар кон Маврово.

Враќањето се случило денеска попладне, откако надлежните на пунктот утврдиле дека тие немале направено тестови, туку им било дадена потврда од епидемилог дека се здрави.

Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука изјави дека на пунктот е побарано да се почитува мерката на владата, според која и по поминатите две недели во карантин неоходно е да се направат тестови со кои ќе се утврди дали имаат коронавирус или не. Претходно денеска градоначалникот рече дека тие може да ги напуштат капацитетите на Дебарски Бањи. Подоцна, на редовната прес конференција, министерот за здравство Венко Филипче рече дека лицата кои беа затечени во градот при прогласувањето на кризната состојба, а живеат во други градови ќе бидат тестирани и согласно резултатите ќе бидат пуштени да си одат дома.

Луѓето кои беа затекнати во Дебар, а не се од тој град, 14 дена беа во хотелски карантин
Луѓето кои беа затекнати во Дебар, а не се од тој град, 14 дена беа во хотелски карантин

Оваа недоразбирање на надлежните институции ги иритираше луѓето кои повторно ги вратија во хотелите на Дебарските Бањи Цапа во Бањиште. Како лицата од државава, така и туристите од Србија, Косово, Бугарија, Швајцарија и Шведска бараат од надлежните брзо решавање на случајот и да им се дозволи да го напуштат Дебар бидејки тука се повеќе од две недели.

Расте бројот на заболени од Ковид19 на Балканот

Главната автобуска станица во Белград
Главната автобуска станица во Белград

Од земјите во регионот до денеска најмногу потврдени случаи на коронавируси има во Грција. Здравствени власти на јужниот сосед соопштија дека се потврдени 892 заболени од коронавирус, а 26 луѓе починале. Следна по Грција е Словенија со потврдени 562 случаи, па по неа следува Хрватска со 495 и Србија со 457 случаи. Кај северниот сосед само денеска починаа три лица, со што бројката на досега починати се искачи на седум.

Во Бугарија досега починаа три лица, а има заболено 264. Во Македонија, пак, до денеска има потврдено 201 лице заболено од коронавирус, а тројца починаа. По државава, од земјите во регионот по број на заболени следуваат Босна и Херцеговина со 185 лица, Албанија со 146 потврдени случаи, Косово со 71 и Црна Гора со 67 потврдени случаи.

Инаку, коронавирусот, или Ковид19 почна да се шири во декември минатата година во кинеската провинција Вухан. Подоцна се прошири насекаде, а Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март. Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот се во самоизолација, која е главна препорака на владите за справување со ширењето. По Кина, каде што изби вирусот, Италија е втора земја погодена од него. Таа во моментов е и светско жариште.

Масовното тестирање во Германија ја држи ниска смртноста од коронавирусот

Германија- доктори примаат инструкции за користење на респираторен систем на интензивна нега
Германија- доктори примаат инструкции за користење на респираторен систем на интензивна нега

Германија тестирала повеќе од 500 000 луѓе за коронавирусот минатата недела рече Кристијан Дростен, директор на Институтот за вирологија во берлинската болница. Тој денеска нагласи дека раното откривање е клучно за намалување на смртноста од вирусот. Во Германија има околу 36 000 потврдени случаи на коронавирус, бројка што е меѓу повисоките во Европа, но во државата нема толку голема смртност како во Италија и во Шпанија. Од коронавирусот досега во таа земја починаа 198 луѓе. Германија има 83 милиони луѓе, а смртноста од вирусот е 0,54 отсто. Во Италија, пак, смртноста е десет отсто, во Шпанија 7,3 отсто, а во Франција 5,2 отсто.

Филипче: тројца заболени излекувани од коронавирусот

Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче
Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека во текот на следната недела како донација треба да пристигнат и 500.000 маски и 20.000 тестови, реагенси за тестирање на коронавирусот. Тој прецизираше дека донацијата ќе стигне од норвешката Влада, а се чека дефинитивен одговор и од Амбасадата на Кина, од која побарале донација пред неколку недели.

Инаку во изминатите 24 часа се регистрирани 24 нови случаи на коронавирус во земјата. Нови случаи на заразени има во Скопје (15), Куманово (4), Дебар (2), Охрид (1), Штип (1) и Тетово (1). Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус, денеска до 12.00 часот, изнесува 201 лица.

„Имаме пациент од Тетово кој од 9 до 23 март престојувал во Заводот за рехабилитација во Капиштец. По неговото враќање во Тетово заради зголемена температура направен е тест и тој преку тетовското инфективното одделение е препратен за хоспитализација на Инфективната клиника во Скопје. Денеска интензивно работеше тим епидемиолози, тестирани се 14 здравствени работници и четири пациенти имајќи ги предвид контактите“, рече Филипче.

Тој додаде дека тројца заболени со коронаворусот се оздравени, а повтори дека досега тројца се починати од ова заболување.

Инаку владата вчера донесе одлука со која се забранува движењето во текот на викендот (сабота и недела) од 16 часот до 5 часот следниот ден. Според Филипче, мерката која единственодава добри резултати е ограничување на социјалните контакти и избегнување на групирањето.

Коронавирусот, или Ковид19 почна да се шири во декември минатата година во кинеската провинција Вухан. Подоцна се прошири насекаде, а Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11 март. Се проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот се во самоизолација, која е главна препорака на владите за справување со ширењето. По Кина, каде што изби вирусот, Италија е втора земја погодена од него. Таа во моментов е и светско жариште.

Г20 најави пет билиони долари за справување со кризата предизвикана од Ковид19

Архивска фотографија- францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел на самитот на Г20 во Осака минатата година
Архивска фотографија- францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел на самитот на Г20 во Осака минатата година

Земјите кои се дел од Групата 20 (Г20) по денешниот состанок најавија заеднички фронт против пандемијата со коронавирусот и наведоа дека ќе вбризгаат пет билон американски долари во глобалната економија за да се намалат штетите врз економијата што ги прави светската пандемија. Лидерите на земјите членки на Г20 денеска одржаа итен онлајн состанок и се обврзаа дека ќе соработуваат со мултилатерални тела како Меѓународниот монетарен фонд, Светската здравствена организација и регионалните банки за да се обезбедат финансиски пакети за земјите кои се во развој.

Затекнатите 114 лица од денеска може да го напуштат Дебар

Контролен пункт кај дебар заради коронавирусот
Контролен пункт кај дебар заради коронавирусот

Лицата кои се затекнаа во Дебар на денот на прогласувањето на кризната состојба, поради коронавирусот и поради тоа не можеа да го напуштат градот од денеска може да си одат од капацитетите на „Дебарски Бањи-Цапа“ каде и престојуваа во изминатите 14 дена, информираше градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, кој во исто време раководи и со Општинскиот оперативен штаб.

Според него македонските државјани веднаш си заминуваат, додека странските ќе ја напуштат земјата според предвиден протокол. Инаку, во хотелот во Бањиште беа сместени 114 лица од неколку градови на земјава, пред се од подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше, како и од Косово, Србија, Бугарија и Шведска.

Во општина Дебар до денес со коронавирус дијагностицирани се 43 лица (две починати), додека 208 лица се во домашна изолација, кои, според Дука, постојано се посетуваат од припадниците на МВР, со цел да се контролира колку ја почитуваат мерката да не излегуваат од нивните домови.

Инаку, во изминатите 24 часа се регистрирани 24 нови случаи на коронавирус во земјата. Нови случаи на заразени има во Скопје (15), Куманово (4), Дебар (2), Охрид (1), Штип (1) и Тетово (1). Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со коронавирус, денеска до 12.00 часот, изнесува 201 лица, објави Министерството за здравство на својата официјална Фејсбук страница.​

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG