Достапни линкови

Вести

Граѓаните кои доаѓаат од странство во државен карантин ќе се носат двапати дневно

Двапати дневно, во 10 и во 20 часот до местата кои служат како државен карантин ќе се транспортираат македонските граѓани кои од странство ќе пристигнат на граничните премини за влез во земјата. Владата за тоа донела уредба на вечерашната седница. Од Владата апелираат до граѓаните кои мораат да допатуваат во земјава да ги планираат своите пристигнувања на граничните премини непосредно пред посочените термини со цел да не се создава гужва и чекање.

Премиерот Оливер Спасовски апелираше до граѓаните кои се надвор од државата да не се враќаат сега во земјата.

Единствен граничен премин што функционира за излез и влез во Македонија е Деве Баир. Оние коишто доаѓаат од странство се носат директно во државен карантин на локации кои се определени за таа цел.

Вучиќ најави масовно тестирање, кинеска медицина и високи казни како нови мерки против коронавирусот

Српскиот претседател Александар Вучиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека ќе го промени пристапот во борбата против епидемијата на коронавирусот. Тој на денешната прес конференција рече дека во Србија е забележан и трет смртен случај од коронавирусот, на жена на возраст од 60 години.

Вучиќ со премиерката Ана Брнабиќ по седницата со членовите на економскиoт и здравствен кризен штаб и тимот на лекари од Кина, по нивна препорака за кинеското искуство ги објасни мерките на агресивниот пристап во борбата против коронавирусот.

Како прва мерка на промена на пристапот, тој најави масовно тестирање на населението на епидемијата на коронавирусот, на што е можно поголем број граѓани, кое ќе почне во наредните 48 часа.

Како втора мерка Вучиќ го најави новиот пристап во тријажа на пациентите, според која сите полесни случаи на заразени пациенти ќе бидат сместени во карантин, за што ќе се подготвуваат околу 3.000 кревети на Белградскиот саем и повеќе илјади кревети во други места во Србија.

Поради позитивното искуство во лекувањето со лекот хлоракин и по кинеска препорака, српскиот претседател најави дека овој лек во комбинација со кинестата традиционална медицина ќе биде употребуван во лекувањето на заболените.

Уште една мерка која Србија ќе ја употреби во суштествената борба против епидемијата е стриктната изолација на секој заболен и остри казни за непочитување на изолацијата, со казни и до 12 години затвор.

Постарите од 67 години ќе може да излегуваат само рано наутро, младите до 18 години после пладне

На улиците во Скопје се забележува само понекое куче скитник по воведувањето на полицискиот час -
На улиците во Скопје се забележува само понекое куче скитник по воведувањето на полицискиот час -

Владата реши да се забрани движењето на младите до 18 години од 21 часот навечер до 12 часот напладне, а на постарите од 67 години од 11 часот до 05 часот следниот ден, сопштија од Владата.

Тоа значи дека младите до 18 години ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот, а возрасните над 67 години од 05 до 11 часот претпладне.

Тоа е направено за да не се поклопуваат овие две возрасни групи, младите како преносители на коронавирусот, а повозрасните како најризична категорија граѓани.

Полицискиот час за сите се поместува од 21 до 05 наместо до 06 часот.

Почина девојчето кое беше повредено во земјотресот во Загреб

Загреб.
Загреб.

Петнаесетгодишното девојче кое беше тешко повредено во земјотресот што вчера го погоди Загреб, почина денеска, изјави директорот на Клиниката за детски болести во „Клаичева“, Горан Роиќ.

„И покрај сите напори на лекарите, девојчето им подлегна на тешките повреди“, рече Роиќ.

Во земјотресот се повредени 27 лица.

Земјотрес со магнитуда од 5,3 степени , според Рихтеровата скала, вчера утрото го погоди главниот град на Хрватска, Загреб, а по него следеа неколку последователни удари кои предизвикаа штети на зградите.

Досега пријавени се 5.500 оштетени објекти.

Агенцијата за медиуми им донира 1,7 милиони евра на медиумите за справување со последиците од коронавирусот

Илустрација: Микрофони од македонските телевизии на прес-конференција
Илустрација: Микрофони од македонските телевизии на прес-конференција

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги одлучи да додели финансиска помош – донација за справување со последиците од коронавирусот (COVID-19), во вкупен износ од 105 милиони денари, односно 1,7 милиони евра. Најголемиот дел од средствата или 103 милиони денари се доделуваат на радиодифузерите и тоа: 73 милиони денари или 1,2 милиони евра на приватните радија и телевизии и 30 милиони денари, односно 487 илјади евра на Македонската радио телевизија.

„Овие средства се доделуваат за заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економското работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање“, соопштува Агенцијата.

По еден милиони денари, односно по 16 илјади евра, им се доделуваат на Министерствата за здравство и за внатрешни работи, за набавка на заштитни средства и опрема за вработените.

Попмео го напушти Авганистан без да каже дали ги помирил Гани и Албула

(Американскиот државен секретар на САД, Мајк Помпео
(Американскиот државен секретар на САД, Мајк Помпео

Американскиот државен секретар на САД, Мајк Помпео, ја заврши итната посета на Кабул, без да каже дали е можен договор меѓу политичките лидери во Авганистан. Помпео денеска беше во посета на Авганистан за да посредува во разговори меѓу претседателот Ашраф Гани и главниот политички ривал на Гани, поранешниот главен извршен директор на земјата Абдула Абдула. Но Помпео подоцна си замина од земјата, без да има соопштение дали бил во можност да посредува за договор помеѓу Гани и Абдула.

Асошиејтед Прес јавува дека Помпео им дал рок до утре на Гани и Абдула да направат компромис во нивниот спор околу резултатите од официјалните претседателски избори во земјата. Помпео денеска прво имал одделни состаноци со Гани и од Абдула, а потоа и еден заеднички состанок.

Помпео се надеваше дека ќе направи напредокот во мировниот договор потпишан во февруари од американските преговарачи и талибанците.

Од потпишувањето на договорот со талибанците, мировниот процес е во прекин, поради политичко превирање меѓу Гани и Абдула, бидејќи и двајцата тврдат дека го освоиле претседателството на оспорените избори во септември.

Според официјалните резултати од изборите, Гани го освои претседателството во првиот круг на изборите со нешто повеќе од 50 проценти од гласовите во споредба со околу 39 проценти за Абдула.

Но, Абдула обвинува за нерегуларности при гласањето и вели дека тој елегитимниот победник на изборите.

Првиот тест на Меркел негативен на коронавирус

Архивска фотографија - Германската канцеларка Ангела Меркел.
Архивска фотографија - Германската канцеларка Ангела Меркел.

Негативен на коронавирус е првиот тест што го направила германската канцеларка Ангела Меркел. Нејзиниот портпарол вели дека таа е добро и останува во самонаметнатиот карантин чекајќи понатамошно тестирање на коронавирус. Меркел реши да се самоизолира откако вчера дознала дека лекарот што ја вакцинирал минатиот петок е заразен со коронавирус.

„Резултатот од денешниот тест е негативен“, изјави нејзиниот портпарол Штефен Сијберт за новинската агенција ДПА.

Тој вели дека во наредните денови ќе има и понатамошни тестови, бидејќи првичниот тест во толку рана фаза можеби не е конечен. Во меѓувреме Меркел останува да работи од дома.

Во Грција анти-корона мерките важат и за бегалците и мигрантите

Медицинско лице со заштитна опрема во мигрантски камп во Грција.
Медицинско лице со заштитна опрема во мигрантски камп во Грција.

Властите во Грција донесоа посебни правила и ограничувања на движењето за луѓето сместени во прифатните центри за бегалци и мигранти во цела Грција со цел превенција од Ковид-19 во центрите за прием и регистрација на бегалци и мигранти. До 21 април 2020 се ограничува движењето и во периодот од 7 до 19 часот, дозволен е излез од камповите на претставник на семејствата или групите само за да се покријат основните потреби за снабдување со прехранбени продукти, додека пак предвидени се специјални здравствени единици, за доколку се појави случај на коронавирус, веднаш да реагираат, се наведува во одлуката донесена од министерствата за здравство, за миграција и азил и за цивилна заштита на Грција

„Остануваме дома“ важи за сите, вели министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис, во однос на одлуката на трите министерства.

Митаракис рече дека досега не е регистриран ниту еден случај на коронавирусот во бегалските кампови, а кога постојат симптоми се прават истите тестови и анализи, како и за сите други.

Бројот на потврдени случаи на коронавирусот во Грција, достигна 695, откако денеска беше соопштен нов 71 случај, додека пак во изминатите 24 часа регистрирани се и два нови смртни случаи и бројот на жртвите се искачи на 17 лица.

Истражување - Светот стравува од Ковид -19

Мерки за заштита и дезинфекција заради коронавирус.
Мерки за заштита и дезинфекција заради коронавирус.

Огромно мнозинство од луѓето во светот се исплашени од Ковид-19, во Македонија 63 отсто стравуваат од можна инфекција, покажало истражувањето што го спроведе Галуп Интернешнл Асосиејшн.

Мнозинството од луѓето изразуваат загриженост за себе и за своите најблиски во врска со коронавирусот. Три четвртини велат дека се дури и подготвени да жртвуваат некои од нивните човекови права доколку тоа би помогнало во справување со вирусот. Повеќето земји стојат зад
своите влади во оваа битка. Но, во исто време, сепак, скоро половина се согласуваат дека заканата од коронавирус може е претерана. Ова се резултати од анкетата што ја спроведе Галуп Интернешнл Асосиејшн Gallup International Association (GIA) за ситуацијата со ширењето на „КОВИД-19“, во која учествуваа повеќе од 25.000 луѓе во 28 земји низ целиот свет, меѓу кои и Македонија, каде анкетата е спроведена од БРИМА, македонската члена на GIA.

Резултатите од Македонија, не отстапуваат многу од вкупниот просек, анксиозноста од можноста за инфекција од овој вирус е присутна кај мнозинство од анкетирани 63 отсто, наспроти 36 проценти кои покажуваат смиреност.

Мнозинство од граѓаните (65 проценти) во земјава искажуваат одобрување за досега преземените владини мерки, наспроти 29 отсто кои не се согласуваат како владата се справува со епидемијата.

Австријците се најзадоволни од реакцијата на нивните државни органи.

Балканските народи се оние кои претежно сметаат дека опасноста е претерана – вкупно 73 отсто мислат така во БиХ, Македонија и Бугарија. Додека, Французите, Холанѓаните, Австријците, Италијанците,
итн. имаат спротивен став – со над 70 отсто мнозинство кое не наоѓа никакво претерување.

Верувајќи во заканата или не, поголемиот дел од луѓето изразуваат јасна подготвеност дури и привремено да жртвуваат некои од нивните човекови права, доколку тоа би помогнало во
спречување на ширење на вирусот.

Бугарските пратеници го одобрија ветото на Радев

Претседателот на Бугарија Румен Радев
Претседателот на Бугарија Румен Радев

Бугарските пратениците го одобрија ветото што претседателот на Бугарија Румен Радев го наложи за спорните текстови од Законот за мерки при вонредни состојби.

Вчера, претседателот Радев стави вето на два текста на закони – за санкции за ширење лажни вести и ограничување на цените за сите производи. При повторно разгледување, пратениците ги отфрлија текстовите со 118 гласа, само 14 гласаа „за“, а 56 воздржани.

Утрово, на состанокот на правната комисијата, пратениците едногласно го усвоија ветото на Радев.

Радев рече дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се крајно рестриктивни, а во оние за помош за економијата има недостатоци.

Меѓу мерките со кои претседателот не се согласува е дозволата на властите да ги следат мобилните телефони на граѓаните за да се осигураат дека тие го почитуваат карантинот.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG